Дневник на ТВ Сител (13.11.2014)

 

Уште со отворањето на вестите на телевизија Сител се забележува кршењето на Кодекост на новинари. Иако не мора да е правило, сепак, во овој дневник од (13.11.2014) се покажа дека ако се почне лошо, така и ќе се заврши.

Како и во најавата, и првиот прилог беше за починатото дете во Штип. Притоа, прилогот беше визуелизиран со негова слика што се коси со новинарските и моралните и човекови норми. Секако со тоа се прекршија три члена од Кодексот на новинари во кој се вели:

7. Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост;

8. Начинот на информирање, во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагеди и, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

9. Новинарот не смее да интервјуира или да фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.

Вестите беа отворени со овој прилог во кој беа снимени роднини на детето кои зборуваа за трагедијата. Притоа во крупен план беа прикажани и родителите на детето, скршени од болка. Овој прилог беше направен дента кога беше пронајдено и телото на детето, што значи немаше официјална информација за причините за смртта. Сепак во прилогот беа изнесени непотврдени информации и шпекулираат и се заборавило дека медиумите не смеат да ја злоупотребат болката и огромната загуба на семејството:

Поради синилото по телото се претпоставува дека смртта настанала како резултат на премрзнување во текот на ноќта. Меѓутоа сеуште остануваат отворени многу прашања, кога и како се нашло детето на таа локација, зошто палтото му било соблечено и пронајдено на 20-тина метри од телото? Роднините и соседите од маалото Шардаван баши два дена безуспешно го бараа детето по околните ридови и не можат да поверуват дека вакво нешто може да се случи.

Иако прилогот за местењето на Скопскиот фестивал беше коректен и беа испочитувани новинарските стандарди и правила, тоа не може да се каже и за дебатното студио во кое гости беа новинари кои ги следат настаните од македонската естрада. Притоа не беше испочитувана презумцијата на невиност, а се изнесоа и шпекулации од типот дека „ова не е прв пат да се местат фестивали“. Со оваа констатација се отвораат дилеми кога, колку и како се местат нашите фестивали? Дали тоа се прави постојано? И Зошто полицијата и МВР досега не превзела никакви мерки? Настрана прашањето што ако некој има основани сомненија за кривично дело зошто тоа не го пријавил кај надлежните институции, туку молчел сето време, а во вид на шпекулација го пласира во медиум, на вести, во ударен термин.

Во член 13 од Уставот стои:

Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

 

 

Сепак најголемиот потрес во вестите го направи прилогот насловен како:

Демантирани шпекулациите на соросоидните медиуми – За кого работат    Сител Телевизија-gore

Демантирани шпекулациите на соросоидните медиуми – За кого работат?.

Демантирани шпекулациите на соросоидните медиуми – За кого работат    Сител Телевизија-dolu

Текстот почнува и завршува со клевети, навреди, омаловажување и дискриминација. Притоа, просто е неверојатно, како се успеало во еден прилог да се нападнат дури петмина колеги новинари:

Се почнува уште на 12 ти август кога соросовиот Либертас на Ацо Кабранов објавува дека ВМРО-ДПМНЕ договара промена на името бидјеќи во државата немало пари. Според Либертас, тоа требаше да се случи на Берлинскиот самит на средбата на Груевски со Меркел.

Првата небулоза во овој дел од текстот е фразата „соросовиот Либертас“. Иако најверојатно со прилогот се сака да се алудира на тоа дека овој портали добил грант или финасиска помош од Фондацијата Институт Отворено Општество, тоа не е вистина во целост. Тоа може да се провери и во финасиските извештаи на ФИООМ, а оваа теза (инаку постојано пласирана од провладините медиуми) лично ја има демантирано и раководителот на Либертас.

Понатаму во прилогот се вели:

Откако Кабранов го подготви теренот, дојде време за задачата на Героски. На соросовиот весник Слободен Печат тој залепи насловна стран на која пишуваше дека Нимиц носи нов предлог според кој името ќе биде Република Горна Македонија а народот Граѓани на Горна Македонија.

Истата конструкција „соросовиот“ се повторува и тука. Притоа се констаира нешто без потоа да се образложи. Зошто би било невистинито дека постои нов предлог за името? Речиси секогаш при вакви средби прво се испипува пулсот на преговарачите, а подоцна, ако има позитивни сигнали, се става предлогот на маса. Зошто не би било можно предлогот да постоел, но медијаторот Метју Нимиц воопшто и да не го понуди, ако оценил дека за тоа не е време? И зошто овој прилог не го разработува моментот дека вакви предлози секогаш се држат во најголема тајност? Зошто на крајот на краиштата „Слободен печат“ да нема брифер од Обединетите нации? Или тоа е ексклузивно право само на телевизија Сител?

И како онаа народната „зајакот му рекло на магарето: имаш големи уши“, така и овој текст заклучува:

По вчерашниот демант од Нимиц, во соровите редови врие од гнев и нервоза. Уредниците на сорос плукаат по сите новинари нарекувајќи ги со погрдни и недолични зборови, а на своите страни освен куса техничка вест, нема ниту еден збор за тоа дека пред помалку од еден месец, срамно мнипулираа со јавноста.

Притоа воопшто не се осврнува на плукачките делови од овој прилог, кој всушност ги кршат овие членови од Кодексот на новинари:

10. Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)
13. Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста
16. Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

И последниот политички прилог повторно имаше напаѓачка нота кон опозицијата. Притоа тој во делови е невистинит, посебново делот кој вели:

Опозицијата не ги призна резултатите и испорача свои барања. Меѓу нив беше и барањето за целосна имплементација на препораките од ОБСЕ и ОДИХР во изборниот законик. И покрај ова барање на СДСМ, нејзини претставници веќе чеври пат ги одбегнуваат разговорите.

Вистината е дека опозицијата преку лидерот Зоран Заев испорача пет барања за кои вели дека сака да се разговара во пакет, а не едно по едно. Затоа тука не држи тезата дека иако предложиле имплементација на препораките од ОБСЕ и ОДИХР опозицијата не доаѓа на средби.

Со ова се прекршува преамбулата на Кодексот на новинари:

Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Како и член 1:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно

Поради овие прилози и дебатата во студиото вестите трае повеќе од секојдневните информативни емисии на овој медиум. Најверојатно и поради таа причина немаше ниту една вест од светот, што е минус за телевизијата затоа што Македонија не е изолирана земја на планетава, туку дел од глобалните случувања.
Се на се ова беше еден напаѓачки дневник кој во два прилога имаше за цел да ги омаловажи своите колеги, како и опозицијата. Поради тоа сметаме дека е непримерен и лош пример за тоа како треба да изгледа една информативна емисија.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција