До ден денешен о(п)станува мистеријата каде е погребан Александар Велики
Локацијата на гробницата на Александар Велики не е точно утврдена и донекаде останува мистерија за археолозите и историчарите. Потрагата по гробницата продолжува и постојат различни мислења, при што доминанти се локации како Александрија во Египет, а претходно и Мемфис во близина на Каиро. Но, никаде во научната литература не се спомнува Плачковица.
Локацијата на гробницата на Александар Велики не е точно утврдена и донекаде останува мистерија за археолозите и историчарите. Потрагата по гробницата продолжува и постојат различни мислења, при што доминанти се локации како Александрија во Египет, а претходно и Мемфис во близина на Каиро. Но, никаде во научната литература не се спомнува Плачковица
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Александар Македонски е погребан на Плачковица. Ова сите во околината Источна Македонија го знаат, кога е носен Царот Александар сите плачеле и млади и старо затоа и е крстена планината Плачковица има и песни за тоа.
Не е точно дека Александар Македонски или Александар Велики е погребан на Плачковица, ниту пак дека планината е именувана така поради тоа што сите плачеле кога тој бил носен.
Местото каде што е погребан Александар Велики никогаш не е пронајдено – локацијата е една од најголемите мистерии на античкиот свет, пишува Нешнал Географик.
Во 2014 година археолошка експедиција се обидуваше да го пронајде гробот на Александар Велики, како што за тоа извести „Балкан Инсајт“. Всушност, повеќе од 2.300 години историчарите и археолозите се обидуваат да го најдат гробот на Александар Велики, кој и понатаму останува една од најголеми светски мистерии. Со векови теориите за локацијата на гробот опстојуваат, некои се граничат со митови, но конкретна локација не е пронајдена. До ден денешен нема никаква трага за тоа каде се наоѓа гробот, ниту пак дали биле пронајдени неговиот саркофаг или вредните предмети кои наводно биле закопани со него. Историските записи велат дека неговото тело било погребано во Александрија, но точната гробница исчезнала со вековите. Постојат бројни теории за тоа каде точно е — вклучително под делови од модерната Александрија, но ништо не е потврдено.
Дополнителна сложеност е можноста телото на Александар да било преместувано повеќе пати по неговата смрт, што довело до повеќекратни погребувања. Оваа теорија е поткрепена со историски записи кои сугерираат дека неговите останки биле транспортирани низ Блискиот Исток, од денешен Ирак до Сирија, а потоа во текот на две години, преместени речиси 1.600 километри, во Египет. Преовладувачката теорија ја сместува гробницата во Александрија, но точните детали остануваат нејасни, пишува „Џерусалем Пост“.
Историските записи укажуваат дека телото на Александар Велики веројатно било чувано во Мемфис (антички град кој се наоѓа во близина на Каиро) сè додека не била изградена гробница во Александрија и неговото тело не било преместено во гробницата.
Античките извори ни кажуваат дека гробницата на Александар се наоѓала покрај гробницата на Птоломејците во дворскиот комплекс во Александрија, но каде точно не е јасно, изјави Ендрју Ерскин, професор по античка историја на Универзитетот во Единбург, за „Лајв сајнс“.
Локацијата на гробницата на Александар Велики, еден од најпознатите водачи на античкиот свет и основач на градот Александрија во Египет, останува збунувачка за археолозите од целиот свет. Потрагата по гробницата на Александар продолжува и постојат многу мислења за тоа каде би можел да се наоѓа.
Што се однесува на наведеното дека „сите плачеле и младо и старо кога е носен Царот Александар и затоа планината е наречена Плачковица“, ова е легенда, а не докажан историски факт. Постојат неколку легенди за потеклото на името Плачковица на Википедија, кои можат да се прочитаат овде, но тие не се воопшто референцирани, односно не е јасно од каде потекнуваат, каде се првпат спомнати и од каде се преземени.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценувам како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар