Додека се чека „наследникот“ на Дарлишта, им истече мандатот на уште две уставни судијки
Избор на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Владината временска рамка за итните реформски приоритети, Планот „3-6-9“ – објавен на 0.5.07.2017 година, меѓу другото предвидува и „избор на член на Уставниот суд“. Оваа обврска (наведена во делот за соработка (кохабитација) со претседателот на државата, стр3) , требаше да биде реализирана во првите три месеци, односно до локалните избори (15.10.2017), кои ДИК вчера (15.11.2017) и официјално ги прогласи за завршени. Сепак, досега (16.11.2017) не е избран нов уставен судија, така што, ова ветување го оценуваме како неисполнето.
Инаку, станува збор за избор на уставен судија кој треба да дојде на местото на Исмаил Дарлишта, чиј мандат во Уставниот суд заврши на 31 јули 2017 година, а беше избран на 31 јули 2008 година како предлог на собраниската Комисија за избори и именување.
Оваа Комисија треба до Собранието да го достави предлогот и за уставниот судија кој треба да дојде на местото на Дарлишта, по што парламентот на пленарна седница треба да расправа и да гласа за предложениот кандидат. Споменатата Комисија има вкупно 13 члена, претседател (пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ) и 12 члена. Во составот на Комисијата има шест членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и по еден од ДУИ и од Беса. Досега нема информација дека е закажана седница на Комисијата со ваква точка на дневен ред.
На 30 август 2017 година вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи пред почетокот на седницата на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), како што пренесоа медиумите, во врска со реализацијата на Планот „3 – 6 – 9“ изјави дека има доцнење со мекрикте од првиот дел од Планот кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, а притоа го посочи и Собранието:
…Собранието на пример доцни и во изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот. ( Османи)
„Вистиномер“ минатата недела ја провери исполнетотста на „Планот 3-6-9“, при што од Владата ни беше одговорено дека „од вкупно 73 мерки целосно се реализирани 59 мерки, а имплементацијата на 14 мерки е во тек“. Во одговорот е напоменато дека овие 14 мерки
не се во директна надлежност на Владата туку во надлежност на други независни институции.
Исто така, се тврди дека некои од овие мерки, иако се дел од Планот за првите три месеци, немаат рок, а како таков е посочен и
Изборот на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот
Ваквото тврдење на Владата го сметаме за недоследно, бидејќи во воведот од Планот „3-6-9“ (стр.1) објавен на сајтот на Владата е децидно наведено дека мерките кои се споменуваат во Планот се однесуваат на првата група и треба да се спроведат до локалните избори.
Предложените мерки од првата група, содржани во овој План, треба да се реализираат до локалните избори.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите ги избира Собранието на Република Македонија за време од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.
Неодамна , на седми октомври 2017 мандатот им заврши и на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, кои беа избрани на седми октомври 2008 година , како предлози на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Така што во Уставниот суд сега има само шест судии, што може да се види и на веб-страницата на Уставниот суд каде како „Судии на Уставниот суд“ се посочени:
Никола Ивановски | Претседател | 2016 | – | |
Елена Гошева | Претседател | 2013 | – | 2016 |
Јован Јосифовски | ||||
Вангелина Маркудова | ||||
Сали Мурати | ||||
Владимир Стојаноски |
Агенцијата Мета деновиве (10.11.2017) информираше дека претседателот на Собранието, Талат Џафери сè уште ги чека од шефот на државата имињата на двајцата кандидати за судии во Уставниот суд, кои треба да се изберат на негов предлог.
Џафери соопшти дека неговиот кабинет стапил во контакт со кабинетот на Иванов за номинирање на двајцата судии, но оти не знае до каде е процедурата, бидејќи сè уште не добил одговор. (Мета)
ТВ 24 вчера (15.11.2017) повикувајќи се на кабинетот на Претседателот на државата, извести дека претседателот Ѓорге Иванов „до крајот на неделата до Собранието ќе достави предлози за избор на двајца членови на Уставниот суд“.
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на Влада на РМ : „План 3-6-9“ [Пристапено: 16. 11.2017]
- Тајм.мк (30.08.2017) Владата реализирала 34 мерки од Планот 3-6-9 [Пристапено: 16.11.2017]
- Мета ( 30.08.2017): Османи: МВР и Собранието доцнат со мерките од првиот дел од планот „3-6-9“ [Пристапено: 16.11.2017]
- Либертас (30.08.2017): Османи: Досега реализирани 34 од 73 мерки во делот 3 од Планот 3-6-9 [Пристапено: 16.11.2017]
- Мета (10.11.2017): Џафери: Нема секој ден да го потсетувам Иванов за двајцата кандидати за Уставен суд [Пристапено: 16.11.2017]
- ТВ 24 (15.11.2017): Иванов до крајот на неделава ќе предложи двајца уставни судии [Пристапено: 16.11.2017]
- Уставен суд: Судии на Уставен суд ( [Пристапено: 11.2017]
- Собрание на РМ : Комисија за прашања на изборите и именувањата [Пристапено: 11.2017]
- [Пристапено: 11.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар