Доктор Александар Каревски злоупотребен во видео за промоција на сомнителен „еликсир“

„Вистиномер“ стапи во контакт со доктор Каревски и тој ни изјави дека станува збор за видео генерирано со вештачка интелигенција, дека тој не препорачува ваков „лек“ и додаде дека кадрите кои се во видеото се злоупотребени од негово гостување на „Сител“ телевизија, каде што воопшто не станало збор за промоција на ваков „лек“

„Вистиномер“ стапи во контакт со доктор Каревски и тој ни изјави дека станува збор за видео генерирано со вештачка интелигенција, дека тој не препорачува ваков „лек“ и додаде дека кадрите кои се во видеото се злоупотребени од негово гостување на „Сител“ телевизија, каде што воопшто не станало збор за промоција на ваков „лек“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал во кој злоупотребен е идентитетот на доктор Александар Каревски со помош на алатки за вештачка интелигенција, а сè со цел да се промовира надрилекарство, да се минира довербата во фармацијата, легалната медицинска практика и наука и тоа со главен фокус – злоупотреба на граѓани кои се повозрасни и имаат проблеми со зглобовите.

Доктор Александар Каревски е ортопедски хирург во ГОБ „8 Септември“ и наспроти наведеното во видеото што го рецензираме, никогаш нема промовирано т.н. „домашни лекови“ против болки во зглобовите, особено не на начин кој оди против традиционалната медицина базирана на докази и особено не на начин на кој тој би се конфронтирал со медицинската заедница.

Во видеото со помош на вештачка интелигенција, злоупотребен е неговиот лик, лажно е прикажано дека тој мачка мед и бела прав врз долниот дел од рбетниот столб на пациент, а во меѓувреме, со помош на вештачка интелигенција неговиот глас е злоупотребен и направено е да изгледа како тој да дава низа непоткрепени тврдења кои се класично надрилекарство. Всушност, во објавата односно во видеото, се (зло)употребуват кадри од гостување на докторот на Сител телевизија, каде што тој воопшто нема промовирано таканаречен „лек“ од 3 состојки кој може да го направите дома. Тоа е измислица на авторот на видеото креирано со вештачка интелигенција.

Неточни и измислени се и деловите од видеото во кое се тврди дека доктор Каревски го препорачувал и испробувал таканаречениот „лек“ врз свои блиски, сакани и познати, каде му се атрибуира дека ги нарекува вообичаените традиционални лекови од аптека „бескорисни“, но и сите позитивни критики за наводниот „лек“ во смисла на тоа дека му помогнале нему лично со долниот дел од грбот, колената и зглобовите. Станува збор за текст кој со помош на вештачка интелигенција е симулиран и адаптиран да изгледа како да го кажува самиот доктор Каревски, но тоа не е точно.

„Вистиномер“ стапи во контакт со доктор Каревски и тој ни изјави дека станува збор за видео генерирано со вештачка интелигенција, дека тој не препорачува ваков „лек“ и додаде дека кадрите кои се во видеото се злоупотребени од негово гостување на „Сител“ телевизија каде што воопшто не станало збор за промоција на ваков „лек“.

На социјалната мрежа Фејсбук, тој напиша:

Почитувани, на социјалните мрежи се појави видео со мојот лик и глас изработено со вештачка интелигенција со кое се промовира некој „чудесен лек”. Јас немам никаква поврзаност ниту со тоа што го продаваат (што никако да не сте го купиле затоа што не само што не е чудесен туку не е ни лек), и доколку го видите видеото ве молам да го пријавите.

Невистина е дека „лекари кои се навикнати да им земаат илјадници евра на пациенти за бескорисни операции ги гледаат неговите снимки со ужас и восхит“. Тоа е една од речениците кои му се атрибуирани на доктор Каревски во видеото креирано со вештачка интелигенција, со цел да се влијае на граѓаните кои имаат проблеми со зглобовите да потпаднат на класична измама со злоупотреба на идентитетот на медицински авторитети.

Традиционално за овој и други слични видеоматеријали кои се појавуваат одвреме-навреме на социјалните мрежи со цел да измамат граѓани со сомнителни препарати, е и тоа што се создава ефектот на „спор“ или конфронтација меѓу „оние што нудат чудотворни лекови“ и „фармацевтските гиганти“. Така и во ова видео креирано со вештачка интелигенција, невистинито му се атрибуира на Каревски дека наводно рекол дека „на фармацевтската индустрија ѝ одговара луѓето да се зависни од аптеките“ и дека се работи за „фармацевтска мафија“. Тој тоа никогаш не го изјавил, ниту пак, промовирал препарат или лек.

Во ваквите измамнички видеоматеријали, евидентно е исто така, дека има бугарски нагласок во зборовите, поточно дека акцентирањето на зборовите не одговара на стандардниот македонски јазик.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција