Доктор Жан Митрев злоупотребен во невистинита реклама со вештачка интелигенција

Фото: Rapidreflex, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Вистината е дека Жан Митрев не е офталмолог туку кардиохирург и никогаш не се впуштал во јавни советувања за здравјето на видот, ниту пак, препорачувал какви било препарати. Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, Митрев никогаш не се има спротиставено на конвенционалните методи на лекување на проблемите со видот, коишто се поткрепени со медицината базирана на докази, а за сметка на тоа да препорачувал каков било препарат

Вистината е дека Жан Митрев не е офталмолог туку кардиохирург и никогаш не се впуштал во јавни советувања за здравјето на видот, ниту пак, препорачувал какви било препарати. Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, Митрев никогаш не се има спротиставено на конвенционалните методи на лекување на проблемите со видот, коишто се поткрепени со медицината базирана на докази, а за сметка на тоа да препорачувал каков било препарат

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Чудотворците пишуваат: 2 грама наутро — и слепите почнуваат да гледаат!

Во објавата се споделува видео материјал кој е креиран со помош на вештачка интелигенција и во кој се злоупотребени идентитетите на новинарот Мишко Иванов и на познатиот кардиохирург доктор Жан Митрев во невистинита реклама за препарат за вид.

Во видеоматеријалот лажна пациентка невистинито се фали дека на телевизија го видела доктор Жан Митрев, кој пак наводно ги нарекол измамници сите што препишуваат капки и таблети за луѓето со влошен вид. Вистината е дека Жан Митрев не е офталмолог туку кардиохирург и никогаш не се впуштал во јавни советувања за здравјето на видот, ниту пак, препорачувал какви било препарати. Исто така, Митрев никогаш не се има спротиставено на конвенционалните методи на лекување на проблемите со видот, коишто се поткрепени со медицината базирана на доказ, а за сметка на тоа да препорачувал каков било препарат, наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме.

Во невистинитото сведоштво на лажната пациентка чиј глас и визуелен приказ се извитоперени со помош на вештачка интелигенција, се наведува дека таа имала „драстично влошен вид и била на работ на целосно слепило, додека Жан Митрев не ѝ дал светлина“.

Потоа се споделува видеоматеријал од гостување на доктор Жан Митрев во ТВ 24 од 2020 година чија што оригинална гласовна содржина не кореспондира со изнесеното во објавата. Имено, во оригиналното интервју тој не зборува за препарат за вид, ниту пак, за офталмологијата и целосниот разговор со новинарот Мишко Иванов може да го погледнете на следниот линк. 

Но, во објавата што ја рецензираме на доктор Жан Митрев му е залепен аудио-монтиран дел каде се изнесени измислици што тој никогаш не ги изговорил, а во кои се изнесуваат медицински невистини.

Наспроти изнесеното во објавата, доктор Митрев никогаш не рекол дека „ги нарекува наивни тие што во 2025 година веруваат дека капки или ласер може да го вратат видот“.

Овие методи не лекуваат ништо само ја прикриваат причината. Ако имате над 50 години мора да сфатите дека вашата мрежница е истрошена, а очниот нерв добива се повеќе хранливи материи. Се појавува заматеност, двоен вид, чувствителност на светлина и чешање. Очите бараат длабинска обнова и затоа ја развивме новата формула што го обновува видот од внатре. Таа го храни очното јаболко, ги јакне крвните садови, ги чисти ткивата. Користете го производот според упатството и засекогаш ќе заборавите на катаракта, глауком и други старечки нарушувања на видот. Побарувачката е огромна, повеќе од 150 илјади задоволни клиенти низ цела Европа потврдија, ова функционира. Производот помага да се врати видот без операции и скапи процедури, гласи невистинитиот гласовен цитат кој му се атрибуира на доктор Митрев.

Наспроти изнесеното, ласерите се користат за различни интервенции за корекција на диоптрија, за очна хирургија итн и се прифатени во медицината базирана на докази. 

Сите граѓани пред каква било интервенција на очите, треба да се консултираат со очен лекар и да не им веруваат на невистинитите објави во коишто се злоупотребуваат идентитетот и се додаваат лажни тврдења атрибуирани на специјалисти од други полиња, како во случајов – кардиохирургија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција