Документ на Фајзер не тврди дека вакцините содржат графен оксид

Фото: pixabay.com

Постот пренесува неточна информација и погрешно го толкува  документот на Фајзер, објавен од ФДА. Овој документ не кажува ништо за производството на вакцини, туку опишува употреба на графен оксид за време на процесот на евалуација на шилестиот протеин на вакцината под микроскоп. Состојките на вакцината против ковид-19 на Фајзер се јавно достапни, таа не содржи графен оксид – материјал направен од оксидирачки графит

Постот пренесува неточна информација и погрешно го толкува  документот на Фајзер, објавен од ФДА. Овој документ не кажува ништо за производството на вакцини, туку опишува употреба на графен оксид за време на процесот на евалуација на шилестиот протеин на вакцината под микроскоп. Состојките на вакцината против ковид-19 на Фајзер се јавно достапни, таа не содржи графен оксид – материјал направен од оксидирачки графит

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) објавила документи од производителот на вакцини Фајзер, кои потврдуваат дека има графен оксид во нејзината вакцина против ковид-19. Ова е неточно.

Доказ дека во вакцините на Фајзер има графен оксид. Директно од нивните документи

Секако факт-чекерите тврдеа дека тоа не е вистина.

Објавата тврди дека документот на Фајзер, објавен од ФДА, насловен како „Структурна и биофизичка карактеристика на  спајк гликопротеинот на SARS-CoV-2 (P2 S) како антиген за вакцина“, покажува дека компанијата користела графен оксид во правењето вакцина.

Но, ова не е тоа што го вели документот.

Ова е неточна информација и претставува погрешно толкување на документот. Вакцината не содржи графен оксид, а ова за Асошиеjтед прес повторно го потврдиле од ФДА. Документот што кружи и се цитира на интернет не кажува ништо за производството на вакцини, туку опишува употреба на графен оксид за време на процесот на евалуација на шилестиот протеин на вакцината под микроскоп.

Состојките на вакцината против ковид-19 на Фајзер се јавно достапни. Вакцината не содржи графен оксид – материјал направен од оксидирачки графит.

Доктор Метју Лоренс, специјалист за детски инфективни болести и истражувач во Центарот за развој на вакцини на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд, кој го прегледал документот што се споделува на социјалните мрежи, за „Асошиејтед прес“ вели дека тој опишува лабораториска студија што била спроведена за да се утврди дали шилестиот протеин индуциран од вакцината автентично го имитира вистинскиот протеин на коронавирус.

Графен оксид се користел само за проучување на структурата на вакцината. Не е состојка на вакцината, вели тој.

Ова го потврдил и портпаролот на ФДА кој изјавил дека документот не сугерира оти графен оксид се наоѓа во вакцините.

Графен оксидот е материјал кој помага во имитирањето на протеинот, вели Ебигејл Капобијанко, портпарол на ФДА.

Синопсис прикажан на страница 3 од документот објаснува дека студијата имала за цел да ги карактеризира физичките својства на верзијата на протеинот на коронавирус што се користи во вакцината против ковид на Фајзер.

Корисниците на социјалните мрежи укажуваат на делот „3.4 Cryo-EM на P2 S“ на страница 7, кој опишува метод што се користи за визуелизација на протеинот со помош на еден вид електронска микроскопија.

Британското Кралско здружение за биологија за „Ројтерс“ објаснува дека криогенско-електронската микроскопија (крио-ЕМ) е техника за проучување на „структурниот распоред на биолошките примероци“ со замрзнување на примероците на многу ниски температури. Со комбинирање на различни погледи на молекуларниот примерок, неговата структура потоа може да се пренесе во 3D модел.

Графен оксидот е корисен материјал за правење на „решетката“ на која е поставен замрзнатиот примерок што се испитува, објаснува Јифан Ченг, професор по биохемија и биофизика на UCSF во трудот објавен во 2018 година во Журналот за структурна биологија.

Во крио-ЕМ, графен оксидот е најчесто користен супстрат за подготовка на решетки, но тоа не значи дека примерокот содржи графен оксид, изјави Ченг за Ројтерс.

Според сите наведени факти, заклучуваме дека графен оксидот, кој може да биде токсичен, не е состојка на вакцините за ковид-19 на производителот Фајзер.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција