Документарен филм „Поврзани“: Како Путин ја избрка технолошката интелигенција од Русија

Дмитриј Зимин во документарниот филм „Поврзани“ (Фото: TIFF)

Документарецот „Поврзани“ е сентиментално патување во минатото на неговите протагонисти, Зимин од Русија и Фабела од САД, но со постојан втренчен поглед во иднината, каква и да биде таа. Тие двајцата се визионери кои верувале дека е можно поврзување меѓу луѓето од било која раса, нација и вероисповед, не само во телекомуникациската, туку и во политичката сфера. Науката и демократијата за Зимин, најголемиот јавен поддржувач на опозиционерот Навални додека беше жив, се „синоними“, бидејќи тој верува – и го поткрепува со луцидни аналитички опсервации – дека иднината на посакува просперитетна Русија не лежи во експлоатацијата и трговијата со нафта, гас и руди, туку во технолошкиот прогрес, кој не е можен без демократија

Документарецот „Поврзани“ е сентиментално патување во минатото на неговите протагонисти, Зимин од Русија и Фабела од САД, но со постојан втренчен поглед во иднината, каква и да биде таа. Тие двајцата се визионери кои верувале дека е можно поврзување меѓу луѓето од било која раса, нација и вероисповед, не само во телекомуникациската, туку и во политичката сфера. Науката и демократијата за Зимин, најголемиот јавен поддржувач на опозиционерот Навални додека беше жив, се „синоними“, бидејќи тој верува – и го поткрепува со луцидни аналитички опсервации – дека иднината на посакува просперитетна Русија не лежи во експлоатацијата и трговијата со нафта, гас и руди, туку во технолошкиот прогрес, кој не е можен без демократија

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

„Додека дезинформациите и искривувањето на фактите стануваат алатки за манипулација, правењето документарни филмови нè потсетува на моќта на вистината. И во време на криза, таков простор, каде што сјае моќта на вистината, е попотребен од кога било. Сите овие дезинформации, се разбира, не дојдоа ненадејно, туку беа подготовувани долго време. Од демагози кои проповедаа омраза, од популисти кои негуваа непријателство, од теоретичари на заговор кои ја исмеваа вистинската наука, од производители на лаги и лесни решенија кои ја таргетираа уметноста и се обидоа да нè убедат дека е бескорисна. Но, уметноста е едно од најмоќните оружја на демократијата. Уметноста не е луксуз или неутрална зона. Има одговорност, има збор, зазема став. И тоа ќе се обидеме да го докажеме на овогодинешниот фестивал на документарни филмови во Солун, со филмови кои доловуваат вистински приказни“.

Со овие зборови креаторите на Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Солун (TIFF) го најавија 27. издание, кое се одржува од 6 до 16 март, потенцирајќи дека годинава се одржува во критичен момент за нашето пошироко соседство, Европа, но и за целиот свет. Фестивалот ќе прикаже 261 кратки и долгометражни документарни наслови кои „нè поттикнуваат добро да ја разгледаме суровата реалност и повторно да ја процениме скапоценоста на филмот“, а беше отворен со „За херојот“ („About a Hero“) на Пјотр Винјевич (Piotr Winiewicz), филм кој го третира творештвото на германскиот режисер Вернер Херцог низ призмата на вештачката интелигенција.

Еден од насловите на почетокот на програмата, „Поврзани“ („Connected“) на Вера Кричевскаја, веќе ги оправда заложбите на фестивалските програмери – да бидат осветлени основните принципи на нашата култура, какви што се демократијата, слободата, толеранцијата.

Кричевскаја е руска авторка на документарни филмови и телевизиски продуцент, соосновач на ТВ „Дожд“, единствената независна телевизиска станица во Русија од 2010 година. Кричевскаја го сними документарецот „F@ck This Job (Tango with Putin)“, кој беше објавен токму на денот кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина (24 февруари 2022 година). Од тој ден Кричевскаја живее и работи во егзил, ТВ станицата „Дожд“ е преселена во Амстеррдам, Холандија, а светската премиера на „Поврзани“ на Солунскиот документарен фестивал го покажува неизгаснатиот жар на нејзината мисија – вистината не смее да биде сомнителна.

„Поврзани“ ја раскажува животната и политичка сторија на Дмитриј Зимин, врвен руски научник на полето на радиокомуникациите кој работел на тајните проекти за радарски системи во некогашниот Советски Сојуз, и неговата трансформација во еден од пионерите на мобилните телекомуникации во Русија по 1990 година, но и горлив застапник за прогресивна наука и граѓанско општество во Путинова Русија. Зимин повеќе од една деценија беше единствениот јавен финансиски поддржувач на опозицискиот лидер Алексеј Навални, не размислувајќи за цената за посакуваните промени во Русија.

Од другата страна на Земјата, пак, е Оги Фабела (Augie Fabela), син на емигранти од Мексико и Колумбија, кој решава да го замени веќе остварениот „американски сон“ со нов предизвик – бизнис во сферата на телекомуникациите во Русија по крајот на Студената војна. Оги и татко му веќе имале солидна фирма која се занимавала со бежични телефони, а мотивот за новата авантура во непознатата земја – која претходно, за волја на вистината, ја посетил преку студентска екскурзија – бил податокот кој ветувал бескрајни можности. Имено, во 1990 година во Русија и земјите од некогашниот Советски Сојуз телкекомуникациите биле закржлавени, со просек од 17 телефони на 100 жители.

Зимин и Фабела во сцена од „Поврзани“ (Фото: TIFF)

Зимин е искусен научник, а Оги претприемач. Таа комбинација ја создава руско-американската телекомуникациска компанија „Вимпел“, која е првата руска фирма која котирала на њујоршката берза.

Зимин во предвечерјето на војната во Украина тргнува на последно крстарење на неговата јахта со сопругата и пријателот Оги: соочен со прогресивната болест која полека му ја слабее умствената сила и меморијата, решава да го заврши земниот живот со еутаназија во Швајцарија. Како наследство ги остава фондациите „Династија“ и „Зимин“, во кои вложил сè што заработил во животот, со цел да ги поддржи младите научници и експерти, но и демократијата во Русија. Науката и демократијата за Зимин се „синоними“, бидејќи тој верува – и го поткрепува со луцидни аналитички опсервации – дека иднината на посакува просперитетна Русија не лежи во експлоатацијата и трговијата со нафта, гас и руди, туку во технолошкиот прогрес, кој не е можен без демократија. Зимин го посочува Сергеј Брин, соосновач на интернет компанијата „Гугл“, само како еден од мноштвото примери колку национални БДП-а (из)губи Русија со „бегството на мозоците“.

„Поврзани“ е сентиментално патување во минатото на неговите протагонисти, Зимин и Фабела, но со постојан втренчен поглед во иднината, каква и да биде таа. Тие двајцата се визионери кои верувале дека е можно поврзување меѓу луѓето од било која раса, нација и вероисповед, не само во телекомуникациската, туку и во политичката сфера. Нивната компанија „Вимпел“ бележела експоненцијален финансиски раст, достигнувајќи вредност од безмалку 1 милијарда долари кон крајот на 90те, но новиот милениум ги враќа старите духови во Кремљ. На власт доаѓа Владимир Путин, кого Зимин го нарекува „чекист“ (од ЧЕКА, главната тајна полиција во СССР) кој никогаш не ја сменил професијата, туку само работното место.

Путиновата „длабока држава“ на почетокот на новиот милениум започнува со „дисциплинирање“ на олигарсите во Русија, а всушност ги заменува со свои „чекисти“, па така министер за телекомуникации станува еден од нив, кој попатно има и телекомуникациска компанија која добива национална лиценца, со сите можни попатни тендери и привилегии. Како што Зимин знаел кога доаѓа крајот на неговиот живот и како да го пресретне, така на почетокот на милениумот направил нова трансформација – го продал својот уддел во „Вимпел“ и ги формирал фондациите со кои станува еден од најголемите филантропи во Русија.

Сцена од „Поврзани“ (Фото: TIFF)

Но, денешната Русија не го сака Зимин, па тој трајно ја напушта во 2018 и го избира Кипар како нов дом, но и вечен дом, каде што ќе биде погребан по евтаназијата. Во „Поврзани“ ја следиме и неговата семејна сторија, пласирана на ненаметлив начин, која има прилично богата историја со репресивните системи. И таткото на Зимин, како и првиот маж на неговата мајка, завршиле во Сталиновите логори, а Дмитриј го криел еврејското потекло за да може да се запише на престижниот Институт за авиотехнологија.

Фабела, пак, по крајот на успешната авантура со „Вимпел“, решил да му наврати на неговата детска мечта што-ќе-бидам-кога-ќе-пораснам и по завршување на потребниот курс на полициската академија станува полициски офицер. Ако Зимин ја сонува(л) правдата во неговата земја, Фабела решил да ја спроведува во неговата, но и да им помогне на неговите колеги-полицајци во Украина по руската воена агресија.

Вообичаено овие приказни ги красат епитетите како пријателство, храброст, слободоумност… Во „Поврзани“, благодарејќи му на Зимин, има нешто од оној стар добар, некомпромитиран руски дух кој знае да се изразува со поезија и цитати на мислители, а не само со воени закани. Тоа секако е заслуга на Кричевскаја, која во авторски манир на деконструкција прави вивисекција на два исполнети животи, но и на цело едно општество кое често навлегува во безнадежност.

За жал на тоа општество, а уште повеќе на неговите жртви наоколу…

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција