Документот на НАСА не е „план за депопулација“ туку футуристичка презентација за поттикнување дискусија
Документот што се споменува во објавата претставува стратешка анализа во која се дискутираат новите технологии и потенцијалните влијанија што тие ќе ги имаат врз војувањето и општеството до 2025 година. Документот не е план за депопулација на НАСА испланиран од некаква „длабока држава“, ниту пак се споменува дека ќе се врши „депопулација“.
Документот што се споменува во објавата претставува стратешка анализа, во која се дискутираат новите технологии и потенцијалните влијанија што тие ќе ги имаат врз војувањето и општеството до 2025 година. Документот не е план за депопулација на НАСА испланиран од некаква „длабока држава“, ниту пак, се споменува дека ќе се врши „депопулација“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ужас… Скандалозно!
Воен документ на НАСА за план за депопулација на човештвото на земјата, испланирано од сатанистичката елита на „длабоката држава“!
Глас на јавноста 02.04.2021 година.
Дебора Траварес зборува за можните начини за намалување на човечката популација на планетата.
Во склоп на објавата има видеоматеријал во кој Дебора Таварес зборува за документ објавен на сајтот на НАСА, а кој го претставил Денис Бушнел, главен истражувач во истражувачкиот центар Ленгли на НАСА. Документот според видеото е презентиран во 2001 година и носи наслов: „Future strategic issues/Future warfare (circa 2025)“, што може да се види на 1 минута и 8 секунди од видеото.
Во видеото Таварес вели дека ѝ паднало в очи она што го пишувало на страницата 4 – „оваа презентација се базира на постоечки податоци, анализи и технологии“, па тоа значело дека ништо не било измислено. Потоа тврдењата одат во конспиративна насока дека Илуминатите се тие кои секогаш го пишуваат она што сакаат да го направат.
На страница 93 напишале: „Живописно заробување/мачење на Американци на ударен телевизиски термин.“ Потоа пишуваат – „За терористичките напади на континенталниот дел на САД да се користи бинарно биолошко оружје за рушење критичка инфраструктура“. Тие ќе користат електромагнетни бранови, радијациони фреквенции против нашите мозоци, ќе водат психолошка војна со експлоатација итн. На страна 66 велат дека „проблемот што се зголемува со човечките ограничувања и слабости, луѓето се преголеми, претешки и преосетливи, спори физички и ментално“ и за нас тоа значи голема логистика и скапо е за одржување. Додаваат дека „човечката раса ја намалува својата вредност,“ зборува меѓу другото Траварес во видеото.
На 6 минута и 19 секунда вели дека „не можеме да имаме легитимна влада која кажува што ќе направи со сите луѓе во САД и планираниот напад со глобална технологија на цел свет“. Таа продолжува дека ќе се напаѓа со „оружје со ултра-високоенергетски сноп“, дека „глобалната елита сака да ја насочува еволуцијата“, дека „микропрашина влегува во белите дробови“ и дека ова е нов начин на војување што е легален, што значело „дека ова ќе ѝ го прават на цела популација на планетата“.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Асошиејтед прес“, документот кој се споменува во објавата претставува стратешка анализа во која се дискутираат новите технологии и потенцијалните влијанија што тие ќе ги имаат врз војувањето и општеството до 2025 година. Документот не е план за депопулација на НАСА испланиран од некаква „длабока држава“, ниту пак, се споменува дека ќе се врши „депопулација“, туку е презентиран од тогашниот главен научник на НАСА, Денис Бушнел, а 113-те слајдови опфаќаат теми, како што се вештачка интелигенција, биотехнологија и нанотехнологија.
На еден од воведните слајдови јасно е наведено дека целта на презентацијата е да „поттикне размислување/дискусија“.
Портпаролот на НАСА за проверувачите на факти на „Асошиејтед прес“ изјави дека презентацијата од 2001 година станала дел од повторувачка теорија на заговор.
Целта на неговата (сесијата на Денис Бушнел) беше да поттикне размислување и дискусија преку замолување на публиката да замисли какви одбранбени технологии би можеле да се развиваат во иднина, а во овој случај, во 2025 година, врз основа на трендовите во тоа време, рече портпаролот на НАСА за проверувачите на факти.
Тој додаде дека презентацијата не е плански документ, а содржината во презентацијата не претставува никакви тековни или идни планови на НАСА.
Проверувачите на факти на „Лид сторис“ исто така пишуваат дека Дебора Таварес погрешно го претставува PowerPoint документот што бил дел од усна презентација на научникот од НАСА, Денис Бушнел, која била одржана на симпозиум за одбранбената индустрија во 2001 година.
Предавањето не ги детализирало плановите на НАСА за напад врз светот, туку тоа било предавање наменето за професионалци од одбранбената индустрија, кое предвидувало или замислувало како може да се развива војувањето и како одбранбените тактики би можеле да се издигнат за да се справат со еволуирачките закани во иднина, пишуваат проверувачите на факти на „Лид Сторис“.
Тврдењата циркулираат онлајн од 2013 година. Таварес погрешно го претставува ова предавање на научник од НАСА на тема „Идни стратешки прашања“, како да е „воен документ на НАСА“, притоа неосновано коментирајќи ги слајдовите на кои им недостасува контекстот од придружното предавање во живо.
На интернет постои список со теории на заговор на Таварес. Презентацијата од 2001 година не е мастер план за глобална депопулација, туку легитимна футуристичко-воена презентација од 2001 година која стана основна тема во заедниците за теории на заговор.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар