,,Долг ковид” е реалност, а не измислица
Состојбата „долг ковид“, не е еквивалент ниту на замор, ниту на кивавица, туку претставува официјално признаена и навистина тешка долгорочна последица од коронавирусот. Некои пациенти како последица на ковид доживуваат инфаркти и мозочни удари, други имаат проблеми со белите дробови а трети се жалат на опаѓање на косата
Состојбата „долг ковид“ не е еквивалент ниту на замор, ниту на кивавица, туку претставува официјално признаена и навистина тешка долгорочна последица од коронавирусот. Некои пациенти како последица на ковид-19 доживуваат инфаркти и мозочни удари, други имаат проблеми со белите дробови, а трети се жалат на опаѓање на косата
Во постот што го рецензираме, објавен на Фејсбук, се тврди дека постоењето на таканаречената состојба ,,долг ковид” (long Covid), всушност, било лага, а причината поради којашто оваа наводна лага постои, била за да се продаваат лекови и фармацевтите да станат побогати.
Знаете ли дека кога се иденификувала СИДАТА, само 7 симптоми во тогашно време се асоцирани. Ама со текот на времето станале 30 симптоми..СЕ за да се продаваат разни лекови и фармацевтите да стануваат побогати. Значи овде и вака лажаат за КОВИД…вчера комшивка ми вели, имам јас долг ковид,,,(long covid) значи и ако кивнеш се вика ковид, ако се осекаш уморен се вели дека имаш ковид, и трае со месеци…Значи тие КЛОВНОВИ кои го донесоа ова на човештвото, за нив само ЗАНДАНА!!”, пишува во постот.
Прво, симптомите на ХИВ/СИДА, никогаш не биле само седум. Тие варираат од тоа во која фаза на инфекцијата е пациентот. Светската здравствена организација наведува дека лицата со ХИВ тежнеат да се најинфективни во првите месеци, меѓутоа не се свесни за својата состојба до подоцнежните фази. Во првите неколку недели од инфицирањето, може да немаат воопшто симптоми или да имаат нешто како инфлуенца, со треска, главоболка, лузни на кожата или болки во грлото. Како што инфекцијата го ослабува имунолошкиот систем, може да развијат други симптоми како потечени лимфни жлезди, слабеење, треска, дијареа и кашлица. Без третман, тие може да развијат и туберкулоза, менингитис, сериозна бактериска инфекција и канцери како лимфоми.
Наместо да се тврди дека ХИВ симптомите се зголемиле на број со текот на времето, попрецизно е да се каже дека медицинската наука со текот на времето почнала подобро ја разбира оваа состојба и да нуди медикаменти за нејзин третман. Меѓутоа, конспирацисиот тон со кој се настапува во овој пост, цели да ги оквалификува овие заболувања како инструменти во рацете на фармацевтската индустрија, а сето тоа се префрла и на сегашноста, за да се дисквалификува состојбата позната како „долг ковид“.
Долгорочна последица од коронавирусот
Состојбата „долг ковид“, не е еквивалент ниту на замор, ниту на кивавица, туку претставува официјално признаена и навистина тешка долгорочна последица од коронавирусот.
Во оваа рецензија ќе презентираме само некои од медицинските и научните сознанија за оваа состојба, за која е веќе известувано не само во медицинските журнали, туку и во светските медиуми.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека постковид симптомите може да траат и недели после инфекцијата. Дури и луѓето кои немале симптоми за време на ковид инфекцијата, може да ги имаат откако ќе се „негативизираат“. Овие состојби може да се комбинација од здравствени проблеми во различни временски интервали.
Долгиот ковид може да трае месеци после иницијалното инфицирање со вирусот и може да му се случи секому кој бил инфициран, дури и асимптоматскиот носител. Луѓето кои имаат долгорочни последици од ковид, односно долг ковид, пријавуваат замор, проблеми со концентрацијата, главоболка, губење на мирисот и вкусот, вртоглавица, срцебиење, болки во градите, тешкотии со дишењето и губење на здивот, кашлица, болки во мускулите, анксиозност и депресија, треска и пријавуваат дека симптомите им се влошуваат по физички или активности што бараат когнитивен напор.
Би-Би-Си објавува дека научниците почнуваат да разбираат зошто ковид ги афектира пациентите подолгорочно. Најчестиот пријавуван симптом, кој го имаат повеќе од 80 проценти од пациентите во клиниката на лекарката Мелиса Хајтман во Британија, е замор и тоа таков замор што го оневозможува секојдневниот живот, правејќи за пациентите невозможно да функционираат на дневна основа. Според Би-Би-Си, студиите покажуваат дека барем 62 проценти од пациентите кои имаат долг ковид, чувствуваат замор, а состојбата на долг ковид е толку честа, што 1 од 10 пациенти со ковид ќе имаат симптоми 12 недели по инфекцијата.
Клиниката Мајо од САД, објаснува дека кај некои пациенти ковид симптомите може да траат со месеци, а вирусот може да ги оштети не само белите дробови, туку и мозокот. Самото лекување од ковид во болница може да биде трауматско поради тоа што некои пациенти мора да се на механичка вентилација, што, пак, го зголемува ризикот од пост трауматски стрес, депресија и анксиозност.
Заморот најчест симптом
Министерството за здравство на Нов Зеланд, на својата веб-страница не само што ја признава оваа состојба како реална, туку и пишува дека заморот е најчесто пријавуван траен симптом, кој следи после виралната инфекција.
Посериозните компликации се поретко пријавувани, ама ги има и вклучуваат инфламација на срцевиот мускул, абнормалности со функционирањето на белите дробови и акутни бубрежни повреди. Луѓето може да имаат и нови симптоми што ги немале за време на акутната фаза на нивната ковид-19 инфекција, велат оттаму.
Листата на симптоми поврзани со долг ковид расте и уште се истражува кој е поризичен да ги добие овие симптоми. Министерството за здравство на Нов Зеланд тврди дека оние кои имале потешка ковид инфекција, односно посериозна клиничка слика при иницијалната инфекција, имаат поголеми шанси да имаат долг ковид, но и дека полесните случаи не се поштедени, особено ако се работи за млади со коморбидитети. Се наведува и дека долг ковид има во сите возрасни групи, вклучително и кај децата. Исто така, се додава дека се идентификувани неколку фактори што може да допринесат кон долг ковид, како старост, претходни хронични заболувања, дебелина, почесто се јавува кај жените отколку кај мажите.
И во Македонија, директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ, зборува за пост ковид симптомите на долгиот ковид.
Тој за „Дојче Веле“ тврди дека некои пациенти како последица на ковид доживуваат инфаркти и мозочни удари, други имаат проблеми со белите дробови, а трети се жалат на опаѓање на косата.
Министерството за здравство во земјава веќе има стратегија за долгорочно лекување на долгиот ковид. За најтешките случаи, за кои е потврдено дека се негативни, е одлучено да се хоспитализираат на Клиниката за пулмологија, каде во раниот постковид период сѐ уште им се дава кислородна поддршка, а полесните случаи заминуваат на лекување во Институтот за физикална медицина и рехабилитација, каде, со помош на вежби, физиотерапевтите им помагаат полека да се вртат во нормала.
Имајќи ја предвид оваа аргументрација, оценуваме дека e невистининито тврдењето изнесено во постот дека „долгиот ковид е лага“. Ваквата болна состојба е долгорочна последица од коронавирусот и е многу реална и честа во светски рамки, а ја имаат и ковид пациентите во Македонија. Таа не е еквивалентна на кивавица и главоболка, како што се инсинуира во постот што го рецензираме, туку сериозна ковид последица и научните кругови внимателно ја испитуваат.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар