Доналд Трамп Помладиот не рекол дека САД требалo да ја вооружуваат Русија
Објава на Фејсбук шири лажна изјава, која му е припишана на Доналд Трамп Помладиот, бизнисмен и син на актуелниот американски претседател. Со истражување на изјавата се позабавил американскиот информативен сајт Mediaite, кој заклучил дека таа е лажна, за што сведочи и портпаролот и советник на Трамп Помладиот, Ендрју Сорабиан, како и продуцентот на поткастот, во кој таа изјава наводно била дадена, Дру Линч
Објава на Фејсбук шири лажна изјава, која му е припишана на Доналд Трамп Помладиот, бизнисмен и син на актуелниот американски претседател. Со истражување на изјавата се позабавил американскиот информативен сајт Mediaite, кој заклучил дека таа е лажна, за што сведочи и портпаролот и советник на Трамп Помладиот, Ендрју Сорабиан, како и продуцентот на поткастот, во кој таа изјава наводно била дадена, Дру Линч
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Синот на Трамп: Подобро ќе беше да испорачавме оружје на Русија, наместо на Украина
Објави со слична содржина среќаваме и на други места, па оваа рецензија ќе важи и за нив, но ние ќе се фокусираме на онаа со која започнавме. Во таа објава е споделен линк до новинска статија (архивска копија од неа тука), која вели:
САД требаше да ѝ достават оружје на Русија, изјави синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп Јуниор во подкастот Triggered, достапен на платформата Spotify.
„Не можам ни да замислам дека некој со здрав ум би ја избрал Украина за сојузник, ако Русија е на другата страна“, рече Трамп помладиот. „Размислете за тоа – моќна нуклеарна сила, богата со природни ресурси што им се потребни на сите. Најголемата земја на планетата. Против земја во која Чернобил и кучињата се отпорни на радијација. Во исто време, администрацијата на Бајден рече: да, тоа е сојузникот што ни треба! Да ги вложиме сите наши пари во нив!“, додаде тој
„Америка требаше да ѝ испорача оружје на Русија“, заклучи синот на американскиот претседател.
Доналд Трамп Помладиот вакви нешта не изјавил, а со истражување на случајот се зафатиле новинарите Исак Шор и Дијана Фалцоне од американскиот информативен сајт Mediaite, воден од Ден Абрамс, кој има работено за ABC, MSNBC, NBC и други познати медиумски куќи.
Шор ја проверил платформата Spotify, кај што наводно бил објавен тој поткаст со Трамп Помладиот, но во тој момент таму не нашол такво нешто. Снимка од понов датум со Трамп Помладиот нашол на платформата Rumble, но тие изјави околу Украина и Русија таму ги немало.
Mediaite го контактирале извршниот продуцент на поткастот, во кој тие изјави наводно биле дадени, Дру Линч, но тој ги демантирал, оценувајќи дека клипот со Трамп Помладиот, кој сега се шири по социјалните мрежи, е лажен. Тие изјави ги демантирал и портпаролот и советник на Трамп Помладиот, Ендрју Сорабиан, во свој твит објавен на 26.2.2025 г. Аудиозаписот од „изјавата“ на Трамп Помладиот е најверојатно генериран компјутерски со т.н. вештачка интелигенција.
Тука заклучуваме дека овие изјави припишани на Трамп Помладиот се невистинити, а ова не е првпат тоа да се случува. Вистиномер веќе има пишувано за такви случаи.
За да не дојде до забуна, мораме да нагласиме дека Трамп Помладиот навистина има негативен став кон Украина и има давано изјави на нејзина штета, особено за нејзиниот претседател Володимир Зеленски, па затоа многумина поверувале во изјавите со кои тука се позанимававме, но, сепак, тие се невистинити.
Дури и Трамп Помладиот да ги дал (а не ги дал), мора да се нагласи дека тој е просто син на претседателот на САД, а не е претседател на САД, ниту каков било функционер во тамошното политичко раководство, па изјавите на Трамп Помладиот не се официјални изјави на Белата куќа. Трамп Помладиот е едноставно бизнисмен, кој во одредена мера се интересира за политиката и се инволвира во неа.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар