Донесен е нов Закон за енергетика усогласен со европските директиви
ВЕТУВАЊЕ: Усогласување на македонската со европската енергетска легислатива. Случајот на Република Македонија е вистински пример за тоа како неусогласената законска рамка со европското законодавство претставува генератор на постојани конфликти меѓу главните учесници во енергетскиот сектор. Согледувајќи го ова, ќе направиме целосно усогласување на законската и подзаконската регулатива со европските директиви и регулативи од областа на енергетиката, но, притоа, максимално ќе водиме сметка за спецификите и условите во нашата држава.
[Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, страна 86]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
СДСМ го исполни ветувањето дадено за време на парламентарните избори во 2016 година дека ќе ги усогласи енергетските закони со европските.
Ова ветување СДСМ го даде бидејќи со години Европската енергетска заедница (ЕЕЗ), во која членува и Македонија, ѝ дава забелешки на земјата за она што се случува во енергетиката и спроведувањето на европските директиви. Секретаријатот на Енергетската заедница поради одлагање на либерализацијата и доцнењето со Законот за енергетика кој требаше да биде донесен на почетокот на 2015 година, покрена постапки за спорови кон Македонија.
Министерството за економија во ноември лани (2017) изготви предлог закон за енергетика во кој ги вгради барањата на Енергетската заедница содржани во Третиот пакет, што претставуваат сет на директиви и регулативи на Европската Унија.
Владата во март годинава (2018) на 61.седница го усвои предлог – законот за енергетика на предлог на Министерството за економија и даде зелено светло за новото законско решение.
Со новиот закон според, вицепремиерот Кочо Анѓушев кој во април (2018) на прес-конференција ги презентираше новините, се имплементираат пет европски директиви и три европски регулативи.
Република Македонија е потписник на Договорот за Енергетска заедница и има обврска да го имплементира европското законодавство во енергетскиот сектор. Овој закон требаше да биде донесен уште во 2014 година, а ние ја презедовме таа задача и обврска, но не само за да ѝ се допаднеме на Европската Унија, туку и за да имаат корист граѓаните, да добијат можност за сопствен избор на снабдувач со енергенси. ( Анѓушев).
На 04.05.2018 година директорот на секретаријатот на Европската енегретска заедница, Јанез Копач на јавната расправа во Собранието оцени дека со новиот закон се обезбедуваат сите инструменти што ќе обезбедат граѓаните да не се плашат од целосната либерализација на енергетскиот пазар.
Предлог-законот за енергетика ги нуди сите неопходни инструменти за граѓаните да не се плашат од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија која е предвидена со него, носи сигурност, постепеност на процесите, но и можност за интервенција на државата доколку нешто не оди како што треба ( Јанез Копач).
Собранието по јавната и комисиската расправа на 21 мај (2018)го донесе новиот Закон за енергетика кој е објавен во Службен весник број 96. Во тек е и донесување на подзаконските акти.
Во јуни годинава Владата соопшти дека и Секретаријатот на Енергетската заедница ги повлекол и поднесените барања за спорови против Македонија.
По серија на јавни расправи во кои беа вклучени сите засегнати страни, во транспарентна постапка, Собранието на 21 мај 2018 година го донесе новиот Закон за енергетика, во кој се транспонирани ЕУ директивите и регулативите на Третиот енергетски пакет. Со новиот закон се враќа основното човеково право на избор на потрошувачот од кого ќе се снабдува со енергија, а воедно и се исполнуваат условите за отворање на пазарот на електрична енергија, што ќе донесе поголема конкуренција и подобар квалитет на услугите на граѓаните ( соопштение Влада).
Според тоа, може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе го усогласи македонското енергетско законодавство со европското е остварено.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, страна 86 (Пристапено 17.06.2018)
- ЕНЕР (29.11.2017): Известување за почеток на процесот за подготовка на Предлог на закон за изменување на законот за енергетика по скратена постапка (Пристапено 17.06.2018)
- МЕТА ( 14.12. 2017): Во предлог-законот за енергетика, евтината тарифа на струјата останува за домаќинствата (Пристапено 17.06.2018)
- ТВ Сител (4.05. 2018): За новиот закон за енергетика најмногу забалешки за надлежностите и независноста на РКЕ (Пристапено 17.06.2018)
- Правдико (28.03.2018): Владата го усвои Законот за енергетика (Пристапено 17.06.2018)
- Академик (3 април 2018): Презентиран Предлог-законот за енергетика. (Пристапено 17.06.2018)
- Собрание на седница број.46 : Дополнет предлог закон за енергетика. (Пристапено 17.06.2018)
- Регулаторна комисија- закон за енергетика (Пристапено 17.06.2018)
- Регулатрона комисија за енергетика – предлог правилници подацконски акти (Пристапено 17.06.2018)
- Мета ( 28. мај2018): Повлечени споровите против државата, по донесувањето на законот за енергетика
Оцени: Рада Исовска – Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар