Донев: Има сѐ повеќе медиуми, а се помалку вистинити и навремени информации

Фото: Дејан Донев/лична архива

„Тешко е да се тврди дека граѓаните се целосно и квалитетно информирани за сите важни аспекти кои се од клучно значење за донесување информирани одлуки за идниот развој на демократијата“-вели професор Донев.

„Кога медиумската содржина е селективно прилагодена на партиски агенди, јавноста не добива ништо освен ограничена и пристрасна слика за општествените и политичките процеси. Заклучно, така се намалува способноста на граѓаните да носат информирани одлуки. Во вакви услови, слободата на говорот и критичкото размислување се компромитирани, бидејќи јавноста е изложена на структурирана дезинформација и манипулации кои ја поткопуваат дебатата и демократијата како целина“- вели професор Донев

 

Подготвил Теофил Блажевски

Проф. д-р Дејан Донев, кој предава корпус предмети од областа на етиката на Институтот за филозофија, Филозофски факултет во Скопје, при УКИМ, во одговор на нашите прашања зборува за медиумската слика, за предизвиците со кои се соочени медиумите и новинарите и како тоа се одразува врз човековите права, особено врз слободата на мислење и говор и правото да се биде информиран:

-Како генерално гледате на медиумската слика во МКД? Дали состојбата и начинот како делуваат  традиционалните и онлајн медиумите ја задоволува потребата на граѓаните за да се рече дека се квалитетно информирани за сите важните аспекти при носењето одлуки за идниот развој на демократијата во државата?

Донев: Генерално, како на комплексна и контрадикторна медиумска слика. Накратко,  традиционалните медиуми често се соочуваат со сѐ поголеми политички и економски влијанија, што ја ограничува нивната независност и квалитет на информирањето. Онлајн медиумите, иако обезбедуваат поголема достапност на информации и простор за различни гледишта, често се подложни на сензационализам, дезинформации и филтрирани алгоритми кои ја менуваат перцепцијата на граѓаните. Во вакви услови, тешко е да се тврди дека граѓаните се целосно и квалитетно информирани за сите важни аспекти кои се од клучно значење за донесување информирани одлуки за идниот развој на демократијата. Потребни се поголема медиумска едукација, етичка наобразба, која, за жал, се почесто гледаме како се исфрлува на ѓубриштето на историјата кај нас, транспарентност и независно новинарство за да се надминат овие ограничувања и парадоксални и контрадикторни вештачки креирани состојби: да имате сѐ поголем број на медиуми и медиумски плурализам, а се помалку вистинити, точни и навремени информации!

Малиот пазар не смее да биде причина за неетичко и непрофесионално новинарство

– Според Извештајот во сенка за слободата на медиумите , една од причините кои се сметаат отежнувачки е малиот и фрагментиран пазар, што резултира со барање за други начини за финансирање, кои пак може да влијаат врз медиумските слободи – од државно рекламирање на владини политики, до платено политичко рекламирање за време на изборни кампањи. Дали сепак, помеѓу овие отежнувачки фактори во медиумите треба секогаш да бидат поважни професионализмот и етичката компонента на новинарството?

Донев: Сосема и без двоумење би дал потврден одговор. Иако структурните и финансиските ограничувања, како и малиот и фрагментиран медиумски пазар, несомнено влијаат врз медиумските слободи, професионализмот и етичката компонента на новинарството треба/нужно е да останат и да бидат уште повеќе нагласени како клучни за обезбедување независно и кредибилно информирање. Ова особено во услови на финансиски притисоци, затоа што само медиумите кои се водат според професионални стандарди и етички принципи ја зачувуваат довербата на јавноста и се способни да обезбедат критичка и објективна анализа на случувањата. Уште повеќе, само оние медиуми кои делуваат во согласност со професионализмот и етиката можат да ја задржат довербата на граѓаните и, особено, да придонесат за развој на демократскиот процес, дури и во услови на пазарни и политички притисоци.

Со медиуми со партиски агенди слободата на говор и критичкото мислење се компромитирани

-Силната политичка поларизација што ја наметнуваат самите актери во политиката – политичките лидери и нивните партии, резултираат и со појава на чисто партиски медиуми, пред се во онлајн сферата, а се замаскирани како портали или како независни медиуми. Дали и колку со тоа е нарушено основното и универзално човеково право да биде информиран и да има слобода на говор и мисла?

Донев: Повеќе од јасно и логички исправно е да се тврди дека силната политичка поларизација во Македонија, особено кога медиумите стануваат алатка на партиските интереси и се презентираат како „независни“ портали – сериозно го загрозува универзалното човеково право на информираност и слобода на мислење. Имено, кога медиумската содржина е селективно прилагодена на партиски агенди, јавноста не добива ништо освен ограничена и пристрасна слика за општествените и политичките процеси. Заклучно, така се намалува способноста на граѓаните да носат информирани одлуки. Во вакви услови, слободата на говорот и критичкото размислување се компромитирани, бидејќи јавноста е изложена на структурирана дезинформација и манипулации кои ја поткопуваат дебатата и демократијата како целина.

МРТ. Фото: Мета.мк

Јавниот сервис има обврска да биде референтна точка за квалитетно новинарство

-Во ваква медиумска ситуација, дали може да се констатира дека јавниот сервис МРТ е тој што треба да биде камен-меѓник, поточно речено „светилник“ кој ќе ги рефлектира најдобрите професионални стандарди и етички обврски кон кои треба да се стремат медиумите и новинарите? Барем во делот на информативната дејност?

Одговор: Секако. Јавниот сервис МРТ може и треба да функционира како алфа и омега, камен-меѓник,  „светилник“ на професионалното новинарство, во вакви услови. Како јавен медиум, МРТ има обврска да обезбеди независно, објективно и сеопфатно информирање, служејќи како референтна точка за квалитетни новинарски практики. Тоа е во сржта на неговото постоење и функционирање! Уште повеќе, истото треба да биде видливо најмногу и најеклатантно во делот на информативната дејност, затоа што неговото придржување до највисоките професионални стандарди и етички принципи ќе обезбеди пошироко и помасовно зачувување на довербата во однос на јавноста и ќе овозможи простор за критичка анализа на случувањата, т.е. ќе остане имуно на влијанијата на политичките или економските интереси. Само преку такви практики МРТ може да ја исполни својата улога на стожер на една пошироко сфатена медиумска етика и да придонесе за здрав и одржлив јавен дискурс.

-Со оглед на се поголемата присутност и штетност што ја предизвикуваат дезинформациите, посебно FIMI дезинформациите, дали може да се каже дека поважна станува информативната од истражувачката компонента кон која треба да се ориентираат медиумите што немаат доволно средства да ги развиваат и двете гранки од новинарството? Притоа, во информативната како неопходна се гледа и проверката на факти, иако, дури и во најрудиментирана форма се подразбира при информирањето, односно правењето вести.

Одговор: Сосема е точна констатацијата дека во контекст на зголемената присутност и штетност на дезинформациите, особено FIMI (False, Incomplete, Misleading Information) дезинформациите, информирањето и проверката на факти кај медиумите со ограничени ресурси стануваат поважни приоритети од истражувачкото новинарство. Информативната компонента, дури и во најосновна форма, мора да вклучува проверка на факти и критичка верификација на информациите, согласно сите „закони“ на новинарската фела, бидејќи тоа е предуслов за кредибилно информирање на јавноста. За медиумите кои не можат да инвестираат значајни средства во длабинско истражување, фокусот на точни, објективни и проверени вести претставува минимална и суштинска гаранција за одговорно новинарство и спречување на ширење на дезинформации.

До информирана јавност само преку кредибилни медиуми. Фото: Дејан Донев/лична архива

До медиумската независност преку европска регулатива и со саморегулација

-Медиумското законодавство е важна сфера во изградбата на слободата на медиумите. Дали опасноста од преголемо нормирање што може да води и до цензура или самоцензура може да се реши со целосна имплементација на европското законодавство, пред се EMFA (Европска регулатива за слобода на медиумите) или пак, со поголема грижа и потпомагање на државата за развој на процесот на саморегулацијата на медиумите?

Одговор: Опасноста од преголемо нормирање, кое најчесто, историски потврдено, доведува до цензура или самоцензура, не може да се реши единствено со целосна имплементација на европското законодавство, како што е EMFA (Европска регулатива за слобода на медиумите). Згора на тоа треба да се земе и фактот дека ние сме дел од Балканот и неговата култура!

Иако усогласувањето со европските стандарди обезбедува важна правна рамка за заштита на медиумските слободи, суштинската гаранција за независно и одговорно новинарство бара и развој на саморегулација на медиумите. Во таа смисла, државата, доколку сака, смета за нужно, а е повеќе од потребно за да се претстави како достоен дел од Европа, може да игра конструктивна улога преку поддршка и поттикнување на процеси на саморегулација, етички кодекси и професионални стандарди, без да се меша директно во редакциските одлуки. Во тој случај, таа е во win-win ситуација: комбинацијата од јасна европска легислатива и институционално поддржана саморегулација создава рамка која ја зачувува слободата на говорот и медиумската независност, а истовремено овозможува одговорност и транспарентност!

-Кој според вас е најголемиот предизвик со кој се соочува генерално новинарството денес и слободата на медиумите?

Одговор: Најголемиот предизвик со кој се соочува современото новинарство и слободата на медиумите денес е комплексната комбинација од политички, економски и технолошки фактори кои ја ограничуваат независноста и кредибилитетот на медиумите.

Од една страна, политичките влијанија и концентрацијата на сопственост создаваат ризик од пристрасно известување и цензура, додека од друга страна, економските притисоци и потребата од финансиска одржливост често водат кон зависност од реклами, спонзорства или платени содржини, што дополнително ја компромитира професионалната автономија. Дополнително, технолошките промени, особено експанзијата на онлајн платформите и социјалните медиуми, ги зголемуваат ризиците од дезинформации и манипулации, истовремено менувајќи ја динамиката на јавниот дискурс. Во такви услови, најголемиот предизвик е зачувувањето на професионализмот, етичките стандарди и кредибилноста на медиумите како предуслов за информирана јавност и одржлив демократски процес!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција