Дополнувањето на листата за претпазливост на СЗО со нови болести не значи дека се планира нова пандемија

Фото: fernando zhiminaicela auf Pixabay

Наспроти изнесеното во објавата, тоа што СЗО додало нови патогени и болести на листата за претпазливост, никако не значи дека тие болести и патогени се „најверојатниот причинител на следната пандемија или епидемија“. Тие се предмет на интерес и на истражувања, ама никој не знае дали тие ќе бидат следниот причинител на епидемија или пандемија или дека се најверојатниот следен причинител на пандемија или епидемија. Тоа што научниот медицински свет се координира за патогени, разменува сознанија, искуства, развива лекови и вакцини, никако не може да биде штетно за светот, туку целта на тој координиран напор е да се биде посилен, поспремен и покоординиран во случај на епидемија

Наспроти изнесеното во објавата, тоа што СЗО додало нови патогени и болести на листата за претпазливост, никако не значи дека тие болести и патогени се „најверојатниот причинител на следната пандемија или епидемија“. Тие се предмет на интерес и на истражувања, ама никој не знае дали тие ќе бидат следниот причинител на епидемија или пандемија или дека се најверојатниот следен причинител на пандемија или епидемија. Тоа што научниот медицински свет се координира за патогени, разменува сознанија, искуства, развива лекови и вакцини, никако не може да биде штетно за светот, туку целта на тој координиран напор е да се биде посилен, поспремен и покоординиран во случај на епидемија

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДАЛИ МАЈМУНИТЕ ОД СЗО ПЛАНИРААТ ПОВТОРНО ЗАКЛУЧУВАЊЕ ОД СЕПТЕМВРИ???
Овие психопати од СЗО, не се битни, ако не гласавте повторно за истите криминалци и убијци од таканаречената влада од Бетониран северЏан и соработка со СЗО на лудаци!
Зарем повторно серии на планирани епидемии, сеење страв ЗА ПОТПОЛНА КОНТРОЛА НА ЧОВЕКОТ???
Се’ ќе спроведат што ќе им кажат психопатите од СЗО, “како и досега”.
МЕДИУМСКИ СТРАВ со смртоносна болест и ПОВТОРНО ТЕСТОВИ, БРОЈКИ, РАЗБОЛЕНИ, УМРЕНИ, АМА СПАСОНОСНИ ВАКЦИНИ СЕУШТЕ НЕМА 😀 и за некој месец ќе се појави и “спасот”, отровните инјекции, повторно реденки и чекање за “спас”.
Зарем не ви е смачено од измами и лаги?!?
Зарем не ја научивте шемата и ќе дозволите да ви ја потценат интелегенцијата???
НЕ СЕ ТЕСТИРАЈ, НЕ КАРАНТИН, НЕ МАСКИ, НЕ ДИСТАНЦИ, НЕ “ВАКЦИНИ” И НАЈБИТНО ИГНОРИРАЈ МЕДИУМИ. ТОТАЛНО ИГНОРИРАЊЕ НА СЕ’ ШТО ЌЕ ВИ ПОНУДАТ!

Потоа во објавата е пласиран линк од текст на британски „Телеграф“ во кој се известува дека Светската здравствена организација ја проширила листата за претпазливост со повеќе болести меѓу кои зика вирусот, жолта треска и птичји грип, како и вирусот „син номбре“ со стапка на смртност од 30 проценти во САД.

Во објавата се пласира теорија на заговор дека пандемиите на заразни болести се „планирани“ со цел „контрола, плашење и вакцинирање“ и дека „нивното следење на листа за претпазливост“, како што тоа го прави СЗО, е всушност „план за луѓето да се затвораат и да се контролираат“. Опасноста е уште поголема зашто во објавата им се сугерира на граѓаните да ги игнорираат овие состојби и болести, евентуални епидемии и пандемии како нешто „измислено“.

И покрај тоа што во моментов нема епидемија на заразна болест во Македонија, со исклучок на голема кашлица на територијата на Скопје, сепак не е исклучено дека некогаш во иднина таа ќе се појави. Затоа да се сугерира на граѓаните да одбиваат вакцини, маски, дистанци и сè што ќе се понуди за превенција и третирање на некоја заразна болест, е опасно за индивидуалното и колективното здравје.

Во објавата се дезинформира дека вакцините се отровни, иако сите се тестирани и за да се најдат во промет, нивните позитивни ефекти односно бенефити, мора да ги надвладеат нивните ризици.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, тоа што некој патоген или болест се додадени на листата за претпазливост на СЗО, не значи дека тие болести и патогени се следните што ќе предизвикаат епидемија или пандемија! Тоа е наведено на самата страница на СЗО.

Во светот бројот на потенцијални патогени е многу голем, а ресурсите за истражување на болестите и нивниот развој е ограничен. За да се осигури дека процесот е фокусиран и продуктивен, листа на болести и патогени се приоритети во јавно здравствен контекст. Алатката на СЗО ги издвојува болестите што претставуваат најголем јавно-здравствен ризик поради нивниот епидемиски потенцијал и поради тоа дали за нив има ефективни контрамерки.

Оваа листа е неисцрпна и не значи дека таа ги прикажува најверојатните причини на следната епидемија. СЗО ја разгледува и обновува оваа листа како што се јавуваат нови потреби и како што се менуваат методологиите. Базирано на приоритетните болести, СЗО работи на тоа да направи „патоказ“ за секоја од нив, пишува на сајтот на СЗО.

Следствено, тоа што СЗО додало нови патогени и болести на листата за претпазливост никако не значи, како што и самите пишуваат, дека тие болести и патогени се „најверојатниот причинител на следната пандемија или епидемија“, како што тоа се сугерира во објавата што ја рецензираме.

Тие се предмет на интерес и на истражувања ама никој не знае дали тие ќе бидат следниот причинител на епидемија или пандемија или дека се најверојатниот следен причинител на пандемија или епидемија.

Тоа што научниот медицински свет се координира за патогени, разменува сознанија, искуства, развива лекови и вакцини, никако не може да биде штетно за светот, туку целта на тој координиран напор е да се биде посилен, поспремен и покоординиран во случај на епидемија.

Болеста „икс“ го претставува сознанието дека сериозна интернационална епидемија би можела да биде предизвикана од моментално непознат патоген кој би можел да предизвика болест кај луѓето.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција