ДОСИЕ: Метастазираните аномалии на непрочистениот избирачки список

Изманипулирај го избирачкиот список и и гласањето станува помалку важно. Фото: скриншот

Како и зошто избирачкиот список остана непрочистен и покрај сето она што го слушнавме во прислушуваните разговори, и покрај Договорот од Пржино, и покрај странското медијаторство, и покрај утврдените неправилности, и покрај отворените истраги на Специјалното јавно обвинителство во врска со изборите, и покрај скандалите со фалсификуваните лични карти… Во ова досие „Вистиномер“ прави сеопфатна ретроспектива и анализа на сите нерешени прашања кои избирачкиот список го прават непрочистен, а со тоа и некредибилен во моментов, а најверојатно и на идните избори, кога и да се одржат, ако нешто драстично не се промени.

 

 

Како и зошто избирачкиот список остана непрочистен и покрај сето она што го слушнавме во прислушуваните разговори, и покрај Договорот од Пржино, и покрај странското медијаторство, и покрај утврдените неправилности, и покрај отворените истраги на Специјалното јавно обвинителство во врска со изборите, и покрај скандалите со фалсификуваните лични карти… Во ова досие „Вистиномер“ прави сеопфатна ретроспектива и анализа на сите нерешени прашања кои избирачкиот список го прават непрочистен, а со тоа и некредибилен во моментов, а најверојатно и на идните избори, кога и да се одржат, ако нешто драстично не се промени.

 

Пишува: Стојанче МАНЕВ

 

Одложувањето на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани за 5 јуни, се појави како последица на длабокото поткопување на сите институционални и политички процеси кои требаше да претставуваат увертира во одржување на кредибилни и фер избори како излез од политичката криза. Одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов ги заостри противречностите во целокупниот политички систем и навлече остри реакци не само од домашната јавност, туку и од меѓународната заедница. Нејзиното делумно повлекување не ги амортизира реакциите и барањата за нејзино целосно повлекување останаа клучен предуслов за продолжување на понатамошните обиди за изнаоѓање политички модалитети, во согласност со договорот од Пржино, за излез од кризата. Покрај аболицијата, останаа отворени и прашањата за избирачкиот список, реформата во медиумите и одвојувањето на партијата од државата.

Иако Државната изборна комисија (ДИК) пристапи кон спроведување на низа активности (вкрстена, административна и теренска проверка) со цел затворање на прашањето за избирачкиот список како услов за фер и демократски избори, сепак, многу дилеми поврзани со изборниот процес остануваат отворени. Процесот на прочистување не успеа да влее доверба, како кај дел од политичките партии, така и кај јавноста и гарантите на догворот од Пржино, ЕУ и САД, дека истиот може да биде сигурна подлога за спроведување изборен процес кој би резултирал со целосно легитимна власт, без простор за сомнеж са спроведување на било какви манипулации или нерегуларности, а кои би значеле узурпирање или фалсификување на слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија.

Токму проблемите со избирачкиот список беа дел и од првата истражна постапка која ја поведе Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Титаник“, а која се однесува на десетина кривични дела поврзани со изборите. Множество на аномалии поврзани со изборниот процес (повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања), а за кои претходно можеше да се слушне од објавените прислушувани разговори, станаа предмет на интерес на СЈО и поставија тежок предизвик пред ДИК во чувствителен политички момент целосно да ја врати нарушената доверба во избирачкиот список.

При образложението на случајот „Титаник“, специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи не само што обелодени сомнежи за сторени манипулации со избирачкиот список, за кои можеше да се слушне од „бомбите“, како што е случајот со гласањето на жители од Пустец во Општина Центар и Ресен, туку отвори дополнителни прашања и индиции за сторени злоупотреби кои не го доведуваат во прашање само легитимитетот на локалната власт во овие општитни, туку на целокупниот политички систем, односно и на централната власт.

Искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт, рече Фетаи при образложувањето на случајот „Титаник“.

Нагласувајќи дека станува збор за „целосна криминализација на изборниот процес“, Фетаи наведува дека во истрагата во МВР откриени се нови матични броеви и изготвени лични карти кои не се подигнати.

Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, рече Фетаи.

Овие 35 илјади лични карти, кои ги спомена специјалната обвинителка, а кои се во МВР и никој ги нема подигнато, иако имињата на истите се наоѓаат на избирачкиот список, индицираат на манипулации со избирачкот список, кои не се исцрпуваат со „фантомски“ гласачи од Пустец и внатрешноста на Македонија, кои биле „сместувани“ на адреси на кои живеат граѓани, на државни или непостоечки станови, непостоечки влезови, на државни институции и деловни простории во општина Центар или Ресен.

 

„ЧОВЕЧИЊАТА“ ОД ПУСТЕЦ СЕ САМО ЕДНО ПАРЧЕ ОД МОЗАИКОТ НА ИЗБОРНИ МАНИПУЛАЦИИ

Во дел објавените прислушувани разговори, а кои се однесуваа на изборни манипулации, седмата, осмата, деветтата и единаестата „бомба“ можевме да слушнеме не само за „човечињата“ од Пустец, туку и за индиции за други сторени изборни нерегуларности кои во целост ја доведуваат во прашање валидноста на Единствениот избирачки список и отвораат можност да дадат одговор на прашањето за кого сè биле изготвени и за што би можело да бидат употребени овие 35 илјади лични карти, за што не слушнавме во образложението на случајот „Титаник“ од страна на СЈО.

На снимките од „бомбите“, кои беа објавени на 6 март 2015 година, можеше да се слушне за манипулации на изборите што ги правеле високи државни и партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ, за незаконско издавање на лични карти, за фантомски гласачи и за тоа дека по 50 луѓе биле ставани на една иста адреса, односно во еден стан, но и дека власта стравува оти тоа лесно ќе се открие. Како проблем во разговорите се наведува и тоа дека  некои општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ не доставиле доволно адреси за запишување фантомски гласачи, па морало на тие со кои располагале да се запишуваат огромен број фантоми, а во Гази Баба, фантоми од Свети Николе гласаат на повеќе избирачки места.

Во овој сет на прислушувани разговори поранешни високи владини функционери ја разгледуваат можноста за спроведување на манипулации со избирачкиот список пред и за време на локалните избори во 2013 година, односно и во моменти кога избирачкиот список е затворен и не постои можност за правење на манипулации преку интервенирање во рамки на истиот.

РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ГОРДАНА ЈАНКУЛОВСКА И КИРИЛ БОЖИНОВСКИ:

КБ: Освен во случај ако не, ова им е една фаза од приказната, знаеш. Ама, не верувам, пошто тоа би значело дека ќе имаат докази. Па сега да кажат една вест, утре уште една, па задутре да извадат нешто, знаеш. Ама они шо може да извадат, што викаш, ова е затворено од пред 20 дена.
ГЈ: Абре Избирачкиот список е затворен.
КБ: Не знам дали се печати сега нешто во меѓувреме. Ова картиве сите се испечатени.
ГЈ: Види, знаеш….Да, да, да.
КБ: Колку што знам.

 

РАЗГОВОР ПОМЕЃУ МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ И СОГОВОРНИК:

МЈ: Кире, овие што се од Гази Баба, од Свети Николе?
С: Е?
МЈ: Тие се на една адреса или на многу?
С: Не, распоредени се.
МЈ: Ама, дали има на една адреса 10-15 души?
С: Од нив? Да. Се повторуваат, да. Се повторуваат, сите се повторуваат, се вртат во круг.

 

РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ГОРДАНА ЈАНКУЛОВСКА И СОГОВОРНИК (ЗА РЕСЕН)

С: Ќе им кажеме на луѓево. Внесете наново барање, ќе се изменаџираме поубаво со адреси. Ако стигнеме за втор круг на изборите ќе дополниме колку што можеме. Ако не, за наредни други зибори.
ГЈ: Така е.
С: Сега треба да бидеме внимателни затоа што сме под опсервација.
ГЈ: Се сложувам Вики. Значи, не може веќе во село кадешто има 5 жители, 40 нови.

 “Ако стигнеме за втор круг на изборите ќе дополниме колку што можеме“ – што е тоа што дава простор на соговорникот на Јанкулоска со сигурност да ѝ вели дека може да „надополнува“ помеѓу два изборни круга, односно во период кога избирачкиот список е затворен?

Во осмата „бомба“ СДСМ објави разговори за кои посочија дека се помеѓу Миле Јанакиески и началникот на СВР Струмица, Марјан Наковски, а во кои се договара правање на 300 лични карти.

МЈ: Маријан!
МН: Повели министре.
МЈ: Абе, има околу 300 лични карти за Струмица, во тек си?
МН: За да се прават или треба да стигнат?
МЈ: Да се прават.
МН: Ууууух.
МЈ: Ај слушни се од кај мене со Игор Јанишев, чекај да ти дадам број. 071 ххх ххх. МН: Добро, ќе се слушнам.

Иако за овие 300 „партиски“ лични карти, наменети за граѓани во Струмица, не можевме да слушнеме од прес конференцијата на СЈО за случајот „Титаник“, ниту, пак, во јавноста беше обелоденето дека истите биле наменети за некои „човечиња“ од Пустец или од други населени места од Македонија, сепак, постојат индиции кои можат да помогнат во давањето на одговор на прашањето за начинот на кој истите се злоупотребени на последните локални избори, во 2013 година, во општина Струмица.

Согласно одредбите од Изборниот законик, утврдени во член 31, став 31, ДИК го потпишува Избирачкиот список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите и истиот практично не претрпува било какви промени во случај на втор изборен круг или прегласување. Со тоа внесувањето на „фантоми“ не може да биде остварено во периодот по затворањето на избирачкиот список, туку можноста за манипулација која стои на располагање е истите тие фантомски гласачи да го „искористат“ избирачкото право на граѓанин или граѓани на Република Македонија кои се на Избирачкиот список, а за кои со сигурност може да се знае дека на денот на изборите нема да го направат тоа лично. За реализирање на оваа изборна манипулација потребно е издавање на лажни лични карти на „фантоми“, проверени партиски активисти, со нивна фотографија, а со идентитет и адреса на лице кое е иселено.  За тоа дека постои таков простор зборува и двоумењето на Кирил Божиновски, во разговорат со Гордана Јанкуловска, каде што во услови кога Избирачкиот список е затворен, Божиновски иако тврди дека „картите“ се веќе испечатени, сепак  вели дека „Не знам дали се печати сега нешто во меѓувреме“ – токму тоа „во меѓувреме“, кога Избирачкиот список е затворен индицира на постоење на отворена можност за сторени изборни нерегуларности со идентитети на лица за кои со голема сигурност може да се знае дека на денот на изборите не се во Република Македонија и се немаа регистрирано за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва.

За тоа дека се соочуваме со систем на изборни манипулации во кој „човечињата од Пустец“ се само едено парче од мозаикот зборува и разговорот на Миле Јанакиески со Билјана Бришковска-Бошковска, од осмата „бомба,“ во кој покрај фантомски гласачи  од Пустец, се слуша и за „фантоми“ од Гази Баба, од Кавадарци, кои гласаат на повеќе избирачки места, односно слушаме и расправија за тоа дали ги има на четири или на 34 избирачки места. Индиции за спроведување на истиот систем на манипулации произлегуваат и од деветнаесетата „бомба“, поточно од разговорот на битолскиот градоначалник Владимир Талески и директорот на РЕК Битола, Влатко Чингоски, каде разговараат за можноста едни исти луѓе, жители на улицата Гоце Делчев во селото Кравари да гласаат на истоимената улица во Битола. Тоа се разгледува пред изборите во 2011 година, како што појасни пратеникот Васко Ковачевски на прес-конференцијата, а истото се правело и на локалните избори во 2009 година.

Најпогодно тло за спроведување ваква организирана операција на изборни нерегуларности во која се отвораат можности за гласање на едно лице(фантом) на повеќе избирачки места претставуваат идентитети на граѓаните кои не се во државата, а за кои се знаело дека  со години не пројавиле интерес за гласање, односно иселените.

 

ДИК ПОТФРЛИ: ИСЕЛЕНИТЕ ОСТАНАА ПЛОДНО ТЛО ЗА „ФАНТОМИ“

Во отсуство на официјално спроведен попис на населението, со кој би се добило официјален податок за тоа колку точно жители има во земјава и колку официјално од нив се сметаат за иселени, податоците на Светска банка укажуваат дека од Македонија се имаат иселено 626.312 луѓе до крајот на 2013 година. Иако оваа бројка не е официјално потврдена од Државниот завод за статистика (ДЗС), сепак, не само што во демографска смисла е силен индикатор за интензитетот на иселувањето, туку укажува на еден потенцијален „фонд“ од идентитети на граѓаните кои подолг временски период не се во државата, а кои не се водат како гласачи во дијаспората, туку се наоѓаат во редовниот избирачки список и тоа без да бидат означени со ѕвездичка.

И невладината организација „Цивил“ во образложението на својата оценка (27.04.2016) дека не се исполнети услови за фер избори, го артикулираше проблемот со соодветната евиденција на иселените.

Со години наназад, во претходните изборни процеси, лица кои биле означени со ѕвездичка, што значи дека гласаат во странство, сега се ставени во Избирачкиот список како да гласаат во земјава. Значи, некој одлучил да ја тргне ѕвездичката, со што се остава простор за сомневање дека овде некој може да го злоупотреби нивниот глас – оценија од „Цивил“ за процесот на прочистувањето на Избирачкиот список.

Нерешавањето на проблемот со соодветната евиденција на иселените лица беше нагласуван и од страна на експертите по статистика. Дончо Герасимовски, поранешен директор за ДЗС, во изјава за Граѓните.мк (21.03.2015) изразувајќи сомнеж дека во услови на неспроведен попис на население ќе може да се реализира темелна и веродостојна проверка на списокот, нагласува дека и самата теренска проверка не може да го редуцира проблемот со иселните лица и нивната соодветна евиденција.

Проверката на Избирачкиот список е сложена работа, ако сакаме да добиеме список во кој граѓаните ќе имаат доверба. Тешко дека ќе се направи тоа за еден месец. Партизацијата ја отежнува уште повеќе постапката, државата нема евиденција колку граѓани ја напуштиле земјата. Секој во теренската проверка може да каже дека одредено лице е во странство и дека ќе дојде во земјава на гласање, а реално тоа да не се случи. Како ќе ги изброите сите што заминале во странство? Многу е важно да се направи длабинска и транспарентна проверка – препорача Герасимовски, поранешен директор на ДЗС.

Минатата година, на 14 октомври, работната група задолжена за Договорот од Пржино, составена од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, договори на следните избори во Избирачкиот список, покрај името и адресата на секој гласач да стои и негова фотографија за што беше предвидено да биде искористена базата на фотографии кои веќе ги поседува МВР. Оваа обврска беше и законски утврдена со Законот за изменување и дополнување на изборниот законик, која беше изгласан од страна на Собранието на 9 ноември 2015 година,  како дел од пакетот закони предвидени со договорот од Пржино. Со членот 15 од измените се врши менување на членот 45 ставови (1) и (2) од Изборниот закон во однос на податоците кои треба да ги содржи Избирачкиот список и изводите на истиот, прецизирајќи дека личните податоци на гласачите се надополнуваат и со „лична фотографија (во формат како на лична карта или патна исправа“. И покрај намерата законски да се утврдат гаранции за заштита од употреба на лажни лични карти на денот на гласање, сепак, оваа обврска останува неисполнета. Членовите на ДИК „дигнале раце“ од обврската, бидејќи од Министерството за внатрешни работи одбиле да дадат фотографии од гласачите, поради што процесот е одложен за следниот изборен циклус, кој би се одржал во 2017 година кога треба да има локални избори.

Ние како Државна изборна комисија побаравме од МВР да ни достави фотографии од гласачите за да може тие потоа да се вметнат во избирачкиот список, но од МВР ни откажаа. Така што со тоа ништо нема да направиме. Таа одредба од Изборниот законик нема да се имплементира, коментираа неофицијално извори од ДИК за Утрински весник (22.04.2016).

Неисполнувањето на законската обврска за вметнување на лични фотографии се појавува како дел од множеството аномалии кои ги покажа процесот на прочистување на списокот, а кои зборуваат во прилог на тезата дека „фондот“ од идентитетите на иселени лица, за кој постојат силни индиции дека бил искористен во претходните изборни циклуси, се „протурка“ и во бројката од 1.864.456 гласачи кои се водат на постојниот избирачки спиок.

По првичната вкрстена проверка на базите на податоци на МВР и на 10 други институции, извештајот на ДИК покажа дека 495.258 гласачи се спорни и треба да подлежат на дополнителна проверка, од кои повеќе од 190 илјади беа евидентирани како фиктивни гласачи, односно гласачи кои ги има во базата на податоци на МВР, но не се појавуваат во базите на другите институции, а ги има во Избирачкиот список. Практично, станува збор за состојбата која коинцидира со ситуацијата со 35 илјади неподигнати лични карти, кои ги спомена обвинителката Фатиме Фетаи, а се однесуваа на лица кои постојат само во базата на МВР и се водат како гласачи.  Овие првични бројки на спорни записи во избирачкиот список претпеа редуцирање, но не го решија проблемот со фигурирањето на иселените лица.

И покрај консензуално усвоената методологија од страна на ДИК и усвоениот извештај за сомнителни 316.000 гласачи, сепак, мнозинството во ДИК без претставниците на СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, одлучи(19.03.2016) да не се спроведе теренска проверка на 124.000 гласачи, кои ги има на избирачкиот список од 1 јули 2015 година, а кои не се јавуваат во ниту една од десетте бази на податоци добиени од државните институции. По оваа седница на ДИК бројката на спорни гласачи дополнително се редуцира на 110.440 гласачи, за на крајот да заврши на 89.383 неконзистентни гласачи. На крајот „прочистувањето“ се сведе на бришење од избирачкиот список на околу 4.000 починати лица, за кои според евиденцијата на МВР и матичната евиденција е потврдено дека се починати.

Осцилациите во бројките кои произлегоа од вкрстената проверка на базите на податоци на 11 институции, надгласувањето во ДИК, дополнително го компромитираа процесот на прочистување на списокот и отворија сомнеж за постоење на одредена политичка интенција во позадина за незатворањето на просторот за спроведување на изборни манипулации со идентитетот на иселените. Практично проверката на избирачкиот список не го затвори просторот за овие изборни манипулации, а МВР, и покрај сите индиции од „Титаник“ и „бомбите“ дека МВР била централна институција преку која се вршени низа изброни нерегуларности, вклучително и издавање на лажни лични карти, во целиот процес повторно ја задржа својата примарна позиција во дефинирањето на избирачкиот список за избори кои требаше претставуваат излез од политичката криза. Бројот на гласачи од 1.864.456 ДИК го утврди врз основа податоците од регистарот на државјани на МВР, потпишани само од дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Чавков, а не и од министерот Оливер Спасовски.  Со самото тоа што Владата во два наврати, прво на 7 април, а потоа и на 14 април ги поништи сите решенија и правилниците потпишани од министерот Оливер Спасовски, отвори простор сите обврски кои требаше МВР да ги исполни во однос на изборниот процес, да бидат подготвени и спроведени од страна на кадар од министерството кој бил вклучен во претходните изборни циклуси, а за кои СЈО изнесе сомнежи дека биле „целосно криминализирани“.

 

МИЛЕСКИ: ПРОВЕРКАТА НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК Е НЕВИДЕНА СРАМОТА

И во делот на вкрстената проверка на податоците, каде што информатиката како прецизна наука требаше да понуди веродостојни резултати, се случија осцилации во бројките кои отвораат сомнежи за вкалкулирање на одредени политички интереси со иселените лица.

Првичниот извештај на ДИК од вкрстената проверка јави за 495.258 сомнителни гласачи. После само еден ден, членовите на ДИК си дозволија да ги изменат овие бројки со гласање, како небаре информатичките извештаи и науката да подлежат на консензус за прифаќања, па оваа бројка од 495 илјади се намали на 316 илјади. И од тој момент целата проверка падна во вода, а јас како инженер по информатика поради никаквата транспарентност можам слободно да ја оценам како невидена срамота, вели за „Вистиномер“, информатичарот Роберт Милески.

Тој го нагласува и недостатокот на транспарентност во поглед на алгоритмите кои беа користени во вкрстената проверка.

Алгоритмите не беа објавени во јавност, за ние како стручњаци истите да може да ги провериме и евентуално да дадеме наши мислења за нивната исправност, вели Милески.

Во однос на иселените, Милески смета дека доколку сака проблемот да се реши, односно да се затвори просторот за злоупотреба на нивните идентитети, истото тоа може да се стори.

Јас уште тогаш предложив сите овие лица да не бидат означени со ѕвездички, туку по сила на толкување на законот за избори и Уставот истите да бидат автоматски префрлени на списокот за гласање во странство, токму за државата на тие лица да им го обезбеди правото на глас, бидејќи, нели, тие не се во Македонија. Но ова не се случи, вели Милески.

 

МЕТАСТАЗИРАНИ АНОМАЛИИ ВО ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС

Порталот Сакам да кажам, повикувајќи се на свои извори во стручните служби во ДИК, пренесе дека вработените биле под притисок да ги премолчуваат неправилностите и незаконитостите во процесот на прочистувањето на избирачкиот список. Соговорниците на порталот, „велат дека често се бара од нив да мижат за воочени неправилности, а сите укажувања на незаконитости и неправилности во операцијата на чистење на Избирачкиот список, како и при внесувањето на податоците од проверките, се разбрани како штетни и неоправдани“.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во својот втор периодичен извештај (13.05.2016,) во кој е опфаен периодот од 20 април до 11 мај, нотира залешки во однос на теренската проверка.

Многу соговорници на НМИ на ОБСЕ /ОДИХР, меѓу кои и некои вработени во подрачните канцеларии на ДИК, изразија сомнеж за корисноста на теренските проверки во целост, се вели во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР

Со исти забелешка на проверката се огласија и домашните набљудувачи.

Теренската проверка на Избирачкиот список не беше спроведена транспарентно“, оценија (28.04.2016) од Граѓанската асоцијација „Мост“, кога врз основа на опсервација на целиот предизборен период констатираа – Владата и институциите не успеаја да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5-ти јуни. „Околностите во кои се спроведе теренската проверка не одат во прилог на ефикасно и ефективно констатирање на реалноста, како и влевање на доверба во процесот,“ рекоа од  „Мост“.

Аномалиите со вкрстенaта и терeнската проверка дадоа свој резултат и со објавувањето (25.04.2016) на избирачкиот список за јавен увид. Читател на „Плусинфо“ реагираше дека иако пред 15 години се иселил во странство и тоа уредно го пријавил сè уште го има на списокот. Од невладината организација „Цивил“ соопштија дека лице кое живее 15 години во странство сè уште е на списокот на гласачи кои гласаат во Македонија, иако на претходните избори во 2014 година било означено со ѕвезда (иселено лице). Со оглед на тоа што идентификуваните аномалии во процесот на прочистувањето на списокот индицираат на можност за интенционални, организирани, интервенции во параметрите на неговото операционализирање и секоја индивидулна варијација да се толкува како израз на системска состојба со списокот, овие случаи можат да бидат доволна емпириска подлога за констатирање дека во Единствениот избирачки список и понатаму останува „фондот“ од идентитети на иселени лица.

Согласно сите погоре наведени аномалии на процесот на прочистување на избирачкиот список може да се заклучи дека истиот не е прочистен и не може да биде кредибилна основа за спроведување на предвремени или редовни парламентарни, локални и претседателски избори, истовремено оставајќи простор за спроведување на изборни нерегуларности со злоупотреба на идентитети на лица кој подолг временски период се надвор од државата.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција