Достоинството на земјоделците се враќа со повеќе пари

Презентација на минстерот Љупчо Николовски. Фото: Скриншот од веб сајтот на Влада на РМ

 

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски го презентираше предлог – буџетот за неговиот сектор за 2018 година, при што оценуваме дека постои недоследност во дел од изјавата:

Со Предлог буџетот за секторот земјоделство ќе обезбедиме целосна, навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделството, поголемо производство на домашни квалитетни и безбедни земјоделско-прехрамбени производи, ќе го вратиме достоинството на македонскиот земјоделец, затоа што само така ќе го направиме македонскиот аграр модерен, конкурентен и по европски стандарди.

[Извор: Влада на РМ/прес на мин. Љупчо Николовскидатум, 02.12.2017]

 

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски дадена на крајот од презентацијата на предлог – буџетот, е точна и доследна во другите оценки, но недоследна во делот на достоинството, а недоследноста ја аргументираме преку парите. Имено, министерот Николовски на почетокот на презентацијата вели дека Буџетот е скроен преку анализите за потребите во огромниот сектор земјоделство шумарство и водостопанство, во кој покрај Министерството постојат и повеќе агенции, инспекторати и управи, сите со свои буџети и дека вкупната сума изнесува „повеќе од 10,1 милијарди денари“.

Ги анализиравме посебно буџетите на сите субјекти во секторот што се прикажани на графичката презентација, одделно и оценуваме дека горе-долу, сумите се некаде помали, некаде поголеми од годинава.

На пример, во делот кај најголемиот буџетски „расходар“ во секторот, а тоа е Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, (која е „надлежна за извршување на мерките за директни плаќања во земјоделството и руралниот развој…“),  сумата која била предвидена за годинава, 2017 г., е занемарливо помала од онаа предвидена за в година ( 2018).

И затоа поради објективноста за големата слика ги споредивме вкупните бројки во Секторот:

Во 2017 година за секторот Земјоделство, шумарство и водостопанство, според Буџетот биле предвидени:

10.454.170 (милијарди денари)

Со Ребалансот на Буџетот во 2017 г. за секторот Земјоделство, шумарство и водостопанство се предвидени:

10.228.698 (милијарди денари)

Во Предлог Буџетот за 2018 г. упатен до Собранието за секторот Земјоделство, шумарство и водостопанство се предвидени:

10.738.139 (милијарди денари)

На крај, Министерот вели дека за секторот Земјоделство, шумарство и водостопанство за 2018 година се предвидени:

Над 10,100.000 (милијарди денари)

Како што може да се види, разликата е околу или над 600 милиони денари помалку помеѓу презентацијата на министерот и предлог Буџетот упатен до Собранието, или над 9 милиони евра. Не исклучуваме дека можеби во меѓувреме  се направени пресметки и дополнителни прекројувања и кратења, зашто дури министерот да кажувал  и заокружени бројки  разликата е голема.

Ако се споредат, пак, бројките со Ребалансот и  со Предлог – Буџетот за овој сектор меѓу 2017 г. и 2018 г., разликата е околу 500 милиони денари или 8,3 милиони евра повеќе.

А, ако пак, се споредат бројките што ги изнесе министерот и ребалансираниот буџет за 2017 година, разликата е околу 128 милиони денари или околу 2 милиони евра помалку за во 2018 година.

Но, она што е главно, е дека парите кои ги добиваат земјоделците и сточарите како директни субвенции, односно нивна поддршка се горе долу исти за двете години. Разликата помеѓу Ребалансот за 2017 и Предлогот за 2018 кај Агенцијата за поддршка (Раздел 14004) е 1,7 милиони евра повеќе, што во вкупната сума од околу 140 -тина милиони евра, е занемарлива бројка.

Оттука, како може да се зборува за „враќање на достоинството на македонскиот земјоделец“, кога во политичка смисла кажано, тоа се однесува само на пари – субвенции кои со помош на Владата директно завршуваат кај земјоделецот за неговиот труд.

Се разбира дека постојат и други мерки, од социјални, преку регулаторни, до развој на руралните средини, но гледајќи преку параметарот пари што ги предвидува Министерството, т.е. Владата во секторот, не може да се заклучи дека „достоинството ќе биде вратено“.

Поради тоа изјавата на Министерот Николовски во делот за враќање на достоинството на земјоделецот ја оценуваме како недоследна.

  

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција