Доцни изградбата на кружниот тек кај Железарница

Часовникот уште врти, граѓаните го чекаат завршувањето на кружниот тек.

Изградба на кружен тек на поврзувањето на улицата 16. Македонска бригада со улицата Коце Металец, во соработка со Град Скопје. Рок: 2015 година

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Тони Трајковски, кандидат на ВМРО-ДМНЕ и коалицијата за градоначалник на Општина Гази Баба во својата изборна програма за локалните избори во 2013 година, на стр. 74, вети кружен тек на крстосницата на улиците 16 Македонска бригада и Коце Металец, односно пред влезот на индустрискиот комплекс Железарница, кој треба да биде готов до крајот на 2015 година. Според добиените сознанија, работите се одвиваа и се одвиваат бавно, а притоа се надминати два рока: тој даден во ветувањето на Тони Трајковски, како и рокот од 180 дена назначен при почетокот на работите на 23 август 2015. Сепак, бидејќи работите се во поодмината фаза, се смета дека исполнувањето на ветувањето е во тек.

Ветување за учество на Град Скопје во реализацијата на кружниот тек е дадено во изборната програма на Коце Трајановски за локалните избори во 2013 година, на стр. 30.

ПРОЕКТ: ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТ ЗА КРУЖЕН ТЕК МЕЃУ „16.МАКЕДОНСКА БРИГАДА“ И УЛИЦАТА „КОЦЕ МЕТАЛЕЦ“

Опис на проектот:  Во соработка со Општина Гази Баба, а во насока на растоварување на сообраќајниот метеж, Град Скопје ќе изработи техничка документација за нов кружен тек меѓу улиците „16.Македонска бригада“ и улицата „Коце Металец“. Рок: 2015 година

Почетокот на градежните работи на 23 август 2015 година го означија премиерот, двајца министри и двајцата градоначалници – Коце Трајановски и Тони Трајковски.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски истакна дека кружниот тек кој ќе се гради меѓу улиците „16 Македонска бригада“ и „Коце Металец“ ќе биде со дијаметар на средишниот зелен појас од 60 метри. Во самиот кружен тек ќе се формираат две сообраќајни ленти со вкупна ширина од девет метри, ќе се изврши реконструкција на коловозот на двете улици на кои се гради, ќе биде изграден нов тротоар и велосипедска патека со ширина од 2,5 метри. Предвидено е со проектот да се изгради нова атмосферска канализација во должина од 634 метри и реконструкција на водоводната мрежа во должина од 52 метри, а на самиот кружен тек ќе биде поставено ново улично осветлување.

На церемонијата за почеток на работите беше назначено дека работите за изградба на кружниот тек на местото на проблематичната раскрсница, на која често се случуваа сообраќајки, треба да завршат во рок од 180 дена. Јасна потврда дека тешко може тој рок да биде испочитуван беше статијата со неколку фотографии објавени на еден новински сајт, од кои се гледа дека асфалтирани се ленти со широчина од најмногу четири метри за да се овозможи одвивање на сообраќајот во редуциран режим, поставени се банкини, се работи на канализацијата и водоводот…

Од истекот на рокот се поминати месец и половина, кружниот тек сè уште не е целосно завршен од изведувачот (според информации од жители на населбата Железара), така што ова ветување добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ

  • Изборна програма на Тони Трајковски за локалните избори во 2013 година (стр. 74)  [Пристапено на: 7.4.2016]
  • Изборна програма на Коце Трајановски за локалните избори во 2013 година (стр. 30) [Пристапено на: 7.4.2016]
  • (23.8.2015) МИА – Наскоро нов кружен тек во Автокоманда [Пристапено на: 7.4.2016]
  • (6.3.2016)  Локално – (Фото)Дива ли депонија среде град во парк шумата Гази баба? [Пристапено на: 7.4.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција