Доцни поставувањето на нови автобуски постојки во Скопје

Изградбата на модерните автобуски стојалишта се пролонгира речиси две години Фото: Принтскрин

Со овој проект ќе се постават 275 нови автобуски станици на територија на градот Скопје. Со реализација на овој проект ќе се постават електронски дисплеи, на кои ќе се покажува реалното време на пристигнување на автобусите. Во проектот е предвидено катче за ЈСП Скопје каде што ќе биде објавен возниот ред и многубројни информации за патниците. (Рок: 2013-2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот: „ИЗГРАДБА НА НОВИ АВТОБУСКИ СТАНИЦИ“,  градоначалникот  Коце Трајановски го вети во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ , (делот Поефикасен и побезбеден сообраќај и јавен превоз  стр. 67), со која излезе на локалните избори во 2013 година.Иако, рокот за реализација посочен во програмата на Трајановски (2013-2014)  е поминат, сепак,  досега (27.05.2016) овој проект не е целосно спорведен, па ова изборно ветување  го оценуваме како  делумно исполнето.

Првите модерни автобуски постојки почнаа да се поставуваат во мај 2013 година во Општина Кисела Вода, кога беше најавено дека за една година ќе бидат поставени вкупно 226 модерни стојалишта. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски тогаш соопшти:

На целата територија на градот ќе бидат поставени вкупно 226 автобуски постојки,а до крајот на јуни годинава ќе бидат поставени првите 50 постојки. Преостанатите ќе бидат монтирани до почетокот на 2014 година. Со реализацијата на оваа активност граѓаните ќе добијат нови, модерни и уредени автобуски стојалишта, според нивните барања и сметам дека целосно ќе бидат задоволени одредени сообраќајни стандарди. За набавката на 226-те стојалишта Градот Скопје од Буџетот ќе издвои околу 66 милиони денари, во три фискални години (Трајановски)

Во април 2014 имаше информација дека  во главниот град „се поставени 180 од планираните 226 нови автобуски постојки“ .

Во почетокот на 2016 година (феруари) почна поставувањето на нови автобуски постојки  по должината  на трасите на булеварите „Јане Сандански“, „Партизански одреди“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Од Град Скопје тогаш информираа дека:

Во текот на 2016 година ќе бидат поставени вкупно 52 нови автобуски постојки кои во најголем број ќе бидат лоцирани на трасите на булеварите „Јане Сандански“ и „Партизански одреди“.Овој проект е во вредност од 11 милиони денари, а е финансиран од буџетот на Град Скопје и ЈСП-Скопје.

Исто така, беше соопштено и дека:

Новите 52 автобуски постојки се надополнување на големиот проект за замена на старите и поставување на нови автобуски постојки. Во првата фаза на проектот, кој почна да се реализира во 2013 година, поставени се 226 нови автобуски постојки, за што беа одвоени 66 милиони денари од буџетот на Град Скопје.

Според изборното ветување, пак,  во Скопје до крајот на 2014 година требаше да се постават вкупно 275 нови автобуски станици, но тоа досега не се случи. Имајќи предвид дека  реализацијата на проектот се пролонгира речиси две години – финишот се најавува за оваа година (2016), проектот: „ИЗГРАДБА НА НОВИ АВТОБУСКИ СТАНИЦИ“ , го сметаме  за делумно исполнет.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција