Дозволата за употреба на ракети со долг дострел од САД и Европа предизвикува тревога во Москва

АТАCMS. Фото: Одделот за одбрана на САД

Одлуката на американската администрација за Киев да може да ги користи ракетите со долг дострел за цели во Русија, по што следуваа идентични такви одлуки на Лондон и на Париз, предизвика тревога и бура од реакции во Москва, но и на други места во светот, а тоа беше масовно проследено од македонските медиуми.

Одлуката на американската администрација за Киев да може да ги користи ракетите со долг дострел за цели во Русија, по што следуваа идентични такви одлуки на Лондон и на Париз, предизвика тревога и бура од реакции во Москва, но и на други места во светот, а тоа беше масовно проследено од македонските медиуми

 

Одлуката e донесена од американскиот претседател на заминување Џо Бајден и иако Радио Слободна Европа оди со сè уште „наводно“, реакциите потврдуваат дека таа е донесена. Веднаш по оваа одлука истоветни одлуки донесоа и Велика Британија и Франција.

Станува збор за употреба на американските долгострелни ракети MGM 140 – ATCMS (Армиски тактички ракетен систем), суперсонични балистички ракети што се лансираат од подвижен систем HIMARS и кои се со дострел од 300 км, како и за StormShadow/ SCALP, заеднички проект на Франција и Велика Британија, што е, всушност, крстосувачки проектил што се лансира обично од авиони и е со дострел од 250 километри. Франција соопшти во 2023 година дека ќе ја опреми Украина со вакви ракети, за кои на Википедија постои тврдење дека токму со нив биле потопени и повеќе бродови од руската флота во Црно Море.  

Реакциите од Москва беа многу остри, а први се јавија руски сенатор и пратеничка во Долниот дом на Собранието.

Руската пратеничка Марија Бутина рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден, дозволувајќи и на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија, ризикува да предизвика трета светска војна, пренесуваат дел од медиумите.

Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата до максимум додека тие се уште имаат моќ и додека се уште се на власт, ​​рече Бутина.

Се надевам дека (Доналд) Трамп ќе ја смени одлуката, бидејќи сериозно го ризикуваат почетокот на третата светска војна, што не е во ничиј интерес, додаде таа.

Одлуката на САД да му дозволат на Киев да користи американски ракети за напади длабоко во Русија е чекор без преседан кој води до почетокот на Третата светска војна, изјави заменик-претседателот на Комитетот на Советот на Федерацијата за меѓународни прашања Владимир Џабаров.

Се надевам дека нашата противвоздушна одбрана ќе се справи со вакви напади. Имаме силен систем за противвоздушна одбрана. Одговорот ќе биде дека сите командни центри во Украина, сите мостови на рекaтa Днепар, може да бидат урнати, посочи тој.

Марија Захарова, портпаролката на руското МНР, во првичната реакција одби да ја коментира одлуката, посочувајќи дека на оваа тема се што треба кажал претседателот Владимир Путин.

Владимир Путин. Фото: Официјален веб сајт на Претседателот на РФ

А Путин, кратко време пред да стане јасно дека одлуката на САД е донесена, го изјави следното:

Доколку се донесе оваа одлука, тоа ќе значи директно учество на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Тоа е нивно директно учество. И тоа, се разбира, значително ја менува самата суштина, самата природа на конфликтот. Тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се во војна со Русија. И ако е така, тогаш ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите што ќе ни бидат создадени, рече Путин.

Односно, ако ја преместат војната на територијата на Украина на исток, таа нема да застане тука – ќе дојде и на Запад. Украина сама, без помош на земјите од НАТО, не е во состојба да изврши напади со модерно прецизно оружје со долг дострел, рече Путин.

Ова е можно само со користење на разузнавачки податоци од сателити, кои Украина ги нема. Тоа се податоци само од сателити на Европската унија или САД – од сателитите на НАТО, потсети тој, објави Нетпрес на 17.11. во вечерните часови, не наведувајќи го изворот на веста.

 

Француско-Британската ракета StormShadow/ SCALP. Фото: Википедија

 

Маск, Сакс и Бајден Јуниор – либералите и трговците со оружје сакаат војна

Реакциите во САД, исто така, беа забележани од медиумите на македонски јазик, за кои најинтересни беа милијардерот и функционер во идната администрација на Трамп, Елон Маск, еден од основачите на ПејПал, Дејвид Сакс, како и синот на новиот американски претседател, Трамп Јуниор.

Маск се согласил со тврдењето на републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, кој по повод објавата дека американскиот претседател Џозеф Бајден одобрил употреба на американско оружје за украински напади длабоко на руска територија, напиша дека „либералите сакаат војни“ и дека „војната го олеснува зголемувањето на моќта“.

„Вистина“, напиша Маск споделувајќи ја објавата на Ли.

Што прави Бајден во последните два месеци од неговиот мандат? Значително ја влошува ситуацијата, напиша Дејвид Сакс, кој заедно со Маск и уште двајца бизнисмени го основаа ПејПал.

Според него, американскиот претседател Џо Бајден и неговиот тим знаат дека единствената критика на „длабоката држава“ на нивниот начин на водење војна ќе биде тоа што не направиле доволно за да ја вооружат Украина.

Затоа Бајден непотребно ја ескалира (ситуацијата) во последните два месеци. Во реалноста, неговата голема грешка беше што не ја искористи дипломатијата за да спречи војна која лесно можеше да се избегне, истакна Сакс.

Тој на Х објави фотографија на која се гледаат луѓе кои личат на американскиот претседател Џо Бајден и на американската потпретседателка Камала Харис и напиша: „Погоди што – патем инаку … сè уште можам да почнам Трета светска војна“, пренесуваат дел од медиумите.

Одлуката на администрацијата на Бајден ја коментираше и синот на Доналд Трамп, кој остро го критикуваше овој потег на мрежата X на Маск.

Се чини дека воено-индустрискиот комплекс сака да се погрижи да започне Третата светска војна пред татко ми да добие шанса да постигне мир и да спасува животи. Тие треба да заштитат трилиони долари. Проклетство, имбецили, рече Доналд Трамп Јуниор, пренесуваат овдешните медиуми.

Реакцијата на Ванковска

Беше забележана и првата реакција од земјава и тоа од професорката и поранешен претседателски кандидат на Левица на изборите во 2024 година, Биљана Ванковска, која идентично, како и претходните реакции од Русија и дел од САД, жестоко ја критикуваше одлуката на Бајден за ракетите што ги користи Украина.

Нејзиниот став беше пренесен во само еден од онлајн медиумите со наслов:

МОЛЧЕШКУМ СЛЕДИМЕ СЕНИЛНА БУДАЛА: Ванковска за најновите случувања меѓу САД и Украина

Во текстот се пренесува реакцијата на Ванковска на Фејсбук:

Дали во земјава има политичар кој ќе ѝ ја соопшти веста на јавноста дека ние, НАТО, тукушто предизвикавме трета светска војна и дека се заканува нуклеарен холокауст? 

Молчешкум следиме сенилна будала на чело на Империја која го изгубила умот. 

Нивните ДПМНЕ и СДС си подметнуваат трета светска војна, а играат на картата дека Путин е разумен и дека само блефира, напиша таа на Фејсбук.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција