Драчево со доцнење од една година ќе добие нова градинка

Новата градинка. Фото: Влада на РСМ/веб

Едно од предизборните ветувања на градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски,  за изградба на нова градинка во населба Драчево е речиси реализирано. Градинката е изградена, се очекува да биде целосно завршена во  јуни, а во август е предвидено да биде пуштена  во употреба

Во предизборната програма на Филип Темелковски, кандидат за градоначалник во 2017 година за Кисела Вода, беше ветена и изградба на нова градинка во населба Драчево:

Населбата Драчево како составен дел од Општина Кисела Вода брои околу 20.000 жители, кои секојдневно се соочуваат со проблеми и тешкотии во остварувањето на своите општински потреби. Еден од важните проблеми во населбата е и немањето градинка каде што родителите можат да ги запишат своите деца и да ги воведат во воспитно-образовниот процес. Како нова општинска власт, се обврзуваме овој проект да биде реализиран во соработка со надлежните институции, а родителите во населба Драчево ќе бидат во можност безгрижно да ја осигурат иднината и социјализацијата на своите деца во овој дел. Новата градинка во населба Драчево ќе ги задоволи потребните капацитети за децата што ќе се запишат во неа, ќе биде современо уредена со опрема, помагала и кадар што со љубов ќе се грижи за иднината на малите деца.  Рок: 2020 година

[Извор: Изборна програма: Живот во Кисела Вода за сите, стр.23 – датум: октомври 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на Филип Темелковски, градоначалникот на Кисела Вода за изградба на нова градинка во населба Драчево може да се цени како исполнето, но бидејќи до формализацијата недостасуваат два-три месеца, финалната оценка е во тек.

Имено, Општината Кисела Вода го започнала процесот на реализација уште во 2019 година „со изработка на основен проект за изградба на нова градинка во нас. Драчево, по што аплицираше и доби грант од МТСП за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нејзината територија“.

Проектот предвидува опфат на 125 деца во енергетски ефикасен објект од приземје и спрат, којшто е распореден на 600 метри квадратни и ќе содржи низа елементи предвидени за целодневен престој на децата (занимални, трпезарија, млечна кујна, итн).

Во јуни 2020 година направен е увид во градежните работи на градинката кои се одвиваат со помош на финансиски средства и од Министерството за труд и социјална политика, како и со средства од Светска банка, наменети за подобрување на пристапот до услугите за згрижување на децата. За ова известиле и дел од медиумите и МТСП.

Во април 2021 година, градинката е пред самото завршување. За ова сведочи објавата и фотографиите од страна на министерката за труд и социјална политика Јагода Шапхаска, која во април заедно со градоначалникот Темелковски направиле нов увид во работите на градинката.

Новиот објект кој е во состав на ЈОУДГ „8ми Март“ ќе  обезбеди место за нови 108 деца. Согласно проектот на новиот објект, предвидени се 6 занимални од кои две се јаслени групи, а останатите се хомогени групи за деца на возраст од две до шест години. За изградба на оваа градинка министерството за труд и социјална политика издвои 39 милиони денари, изјави министерката Шахпаска. (Влада на РСМ/веб портал).

Таа информираше дека изградбата на новиот објект треба да заврши во текот на јуни 2021 година, по што ќе се изврши опремување на градинката, чија набавка е во тек. Пуштањето на објектот во употреба се планира да се изврши во август 2021 година.

Од приложените факти може да се констатира дека ветувањето е пред формално исполнување, зашто градежните работи завршуваат во јуни, а отворањето е планирано во август. Сепак, поради почитување на критериумите врз основа на кои работи „Вистиномер“, ова ветување во моментот ќе биде оценето како ветување што е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција