Две новини во методологијата за следење на медиумите за изборите
Методологијата за следење на медиумите за време на изборите на Агенцијата за медиуми (ААВМУ), воведува две новини во однос на досегашните методологии што ги применуваше ова тело – примена на француски модел за времето одвоено за опозицијата надвор од изборна кампања и одредување на квантум од 10 обоени прилози во рок од 10 дена пред да биде изречена некаква мерка
Методологијата за следење на медиумите за време на изборите на Агенцијата за медиуми (ААВМУ), воведува две новини во однос на досегашните методологии што ги применуваше ова тело – примена на француски модел за времето одвоено за опозицијата надвор од изборна кампања и одредување на квантум од 10 обоени прилози во рок од 10 дена пред да биде изречена некаква мерка
Пишува: Теофил Блажевски
Јавната расправа за новата методологија на Агенцијата за медиуми за мониторинг пред и за време на избори, што се одржа денеска во зградата на Агенцијата, покажа дека токму двете новини што се воведени предизвикуваат најмногу дебата – примена на т.н. француски модел за избалансираност и бројката од 10 обоени прилози во тек на 10 дена во централните информативни емисии, пред да биде изречена некаква мерка.
Првата новина, како што стои во самата Нацрт методологија, е операционализација на барањето за избалансираност во известувањето наведена во членот 75 став еден од Изборниот законик, спроведена на следниов начин:
Времето во вестите издвоено за политичките партии од парламентарната опозиција, другите парламентарни партии и независни пратеници/чки кои делуваат опозициски, носителите на функции во органите на власта на централно и локално ниво, во органите на управата и јавните претпријатија од нивните редови, вонпарламентарните партии кои делуваат опозициски, коалиции, сојузи, граѓански организации и слично кои ја поддржуваат опозицијата, треба да изнесува најмалку половина од времето издвоено за политичките партии кои ја сочинуваат позицијата во парламентот (парламентарното мнозинство), носителите на функции во органите на власта на централно и локално ниво, во органите на управата и јавните претпријатија од нивните редови, претседателот на државата, како и вонпарламентарните партии, коалиции, сојузи, граѓански организации и слично кои ја поддржуваат власта
Оваа одредба се однесува на времето од 100 дена пред одржувањето на изборите и од нејзе се изземени времето издвоено за шефот на државата и носителите на функции и од власта и од опозицијата, освен ако ваквите теми не се „актуелизираат во контекст на внатрешната општествено политичка дебата – и тие ќе влезат во времето за оценување на балансот.“
Неколку учесници во дебатата реагираа дека ниту моделот е докрај применет, ниту, пак, дека времето од најмалку половина од издвоеното време за политичките партии од мнозинството ќе се почитува. Зголемување на времето за следење на опозицијата побараа директно Зоран Стефановски, поранешен прв човек на Советот на Агенцијата, како и сегашниот член на Советот, Зоран Фидановски. Според Фидановски, имајќи ја праксата во Македонија во предвид, одредбата од минимум 50 ќе се престори во максимум, и дека одредбата треба да изнесува дупло повеќе во полза на опозицијата, за да може на крајот да се постигне во пракса некаква балансираност.
ПЕТРЕВСКА КАМЕЊАРОВА: ДЕСЕТТЕ ОБОЕНИ ПРИЛОЗИ НЕ СЕ ПРОБЛЕМ
Вотрата новина се однесува на следењето на новинарските известувања во периодот од 100 дена пред изборите, а кои се однесуваат на активности на функционерите од власта. „Медиумите во периодот од 100 дена пред денот на гласањето можат да известуваат за редовните активности на органите на власта, но притоа да внимаваат начинот на известување да не биде во функција на изборно медиумско претставување на партиите во власта“, се наведува во Методологијата.
Агенцијата сега воведува нова квантитативна мерка како ќе го брои фаворизирачкото однесување на радиодифузерите:
Проценката дали некој радиодифузер известува во функција на изборно медиумско претставување на која било политичка партија ќе се прави на примерок од централните дневно–информативни емисии емитувани во текот на десет дена;
За да се изрече мерка, во периодот од 10 дена треба да има најмалку десет вакви прилози;
Многу од учесниците во расправата го потегнаа прашањето како се дошло до оваа бројка од десет прилози. Според нив, ова би можело да им дозволи на тенденциозните медиуми да одат со прекршувања и обоени прилози во 9 случаи во 10 дена, а потоа да направат пауза.
Според Емилија Петревска Камењарова од Агенцијата, која ги презентираше новините во Методологијата, до таа бројка се дошло преку искуството од досегашните мониторинзи, и дека Агенцијата оценила дека треба да се има соодветен и релевантен примерок како квантум кој ќе укаже на релевантна оценка. Таа потенцираше дека ако ја ставеле бројката од 8 прилози на пример, исто така ќе имало обвинувања дека на медиумите им се остава можност да направат 7 обоени прилози и да ја избегнат мерката. Искуството од мониторингот што се правеше на почетокот на годината покажа дека оние телевизии кои беа опоменати од Агенцијата имале многу повеќе од 10 такви прилози во текот на десет дена, рече Петревска Камењарова.
Таа го објасни и прашањето за генералните најави и меѓу најавите, кои според текстот на Методологијата не се земаат во квантитативното и квалитативното оценување. Според толкувањето од Агенцијата, иако тоа никаде не го пишува во текстот децидно, во оној момент кога ќе почне најава на некој прилог или одјава, тоа дефинитивно влегува во оценката за балансираноста и квантитативно и квалитативно.
МИРЧЕВСКИ: КВАЛИТАТИВНОТО МЕРЕЊЕ Е „УМЕТНИЧКИ ДОЈАМ“
Расправата отвори и други прашања и забелешки за методологијата. Иван Мирчевски, директор на „Канал 5“ телевизија, во име на ММА, асоцијацијата на петте национални телевизии, побара интернет порталите задолжително да бидат ставени на листатата на мониторирање, а и поголема улога на ад-хок телото во мониторинг процесот.
Во врска со неследењето на интернет порталите, директорт на Агенцијата Зоран Трајчевски повтори дека постојат повеќе технички причини, а една од суштинските е и таа што во контакт со европски регулаторни тела дошле до заклучок дека таква пракса во Европа не постои.
Во име на „Канал 5“ телевизија, пак, Мирчевски изрази несогласување со квалитативното оценување кога станува збор за балансираноста и објективноста. За Мирчевски, оценувањето за врамувањето на прилогот или одредување на тонот на известувањето е „уметнички дојам за новинарскиот извештај“, така што побара избалансираноста да се одредува само со квантитативно мерење. За разлика од „Канал 5“, за „Телма“ на пример, квалитативниот аспект на мерењето мора да остане и тоа е тој дел што ја одредува вистинската слика за едно новинарско известување.
ПОВТОРНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАН ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР
Мирчевски ја поздрави одлуката на Агенцијата дека лицата што ќе учествуваат во мониторингот треба да да потпишат нотарска изјава дека не се членови на некоја политичка партија, но се заложи да се додаде дека не треба да бидат ниту членови и на некое здружение на граѓани, бидејќи во последно време многу од здруженијата делувале партиски.
Директорот Трајчевски одговори дека ќе го разгледаат ова барање. На ова реагираше директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, кој ги потсети и двајцата дека членувањето во здружение на граѓани е уставно загарантирана слобода и дека врз основа на тој критериум никој не може никому да забарани да извршува некаква работа, каква што е мониторирање на медиуми, а потсети и на обврските на Македонија од членството во Советот на Европа.
Расправата за Методологијата завршува утре, а во петок треба да биде потврдена од Советот на Агенцијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар