Двете антимигрантски резолуции на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се врз база на извртени вистини

Собрание на РСМ. Фото: Влада.гов.мк

Кулминацијата на препирките помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на темата „мигранти од Велика Британија“ резултираше со предлог резолуции од која едната онаа на власта е во Собранието, а кои делумно се засноваат на спинови

Кулминацијата на препирките помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на темата „мигранти од Велика Британија“ резултираше со предлог резолуции, од која едната, онаа на власта денеска е на дневен ред во Собранието. И таа, но и онаа од СДСМ делумно се засноваат на спинови

 

Пишува: Теофил Блажевски

Јавноста во земјава веќе две недели, во период на носење на буџет за 2026 г., се занимава со доминирачка тема за наводен проблем – спречување на мигрантски бран или влез на поголем број мигранти, одбиени баратели на азил во Обединетото Кралство, што резултира со поднесување две резолуции, една на СДСМ, другата на ВМРО-ДПМНЕ, од кои онаа на власта е на дневен ред во Собранието, но и двете се засновани на елементи со извртени вистини.

Бидејќи се изнесуваат поголем број наводни факти од подносителите на овие резолуции, се наметнува потребата уште еднаш да се разјасни што е навистина факт, а што манипулација со јавното мислење врз основа на спин.

Темата потекна од надвор, партиите ѝ долеаја погонско гориво

Темата за нелегалните мигранти што ќе дошле во РСМ потекна од надвор, поточно од дел од медиумите во Велика Британија, така што тоа не е домашна измислица на опозицијата, нешто со што манипулараат од ВМРО-ДПМНЕ. Вистиномер веќе пишуваше на оваа тема пред една недела анализирајќи ги фактите што беа познати до тогаш. И после седум, осум дена останува фактот дека дел од британските медиуми, меѓу кои најсериозен е Тајмс, во своите изданија пишувале и се дебатирало за оваа тема. Но исто така останува факт дека медиумите не ги наведуваа своите извори, ниту пак Тајмс.

Од тука, држењето на опозицијата само за дел од британските медиуми како главна потврда дека власта лаже и дека има некаков договор со Велика Британија за мигранти а што го крие, којшто е во рамките на документот за стратешка соработка помеѓу двете земји – е многу слаб аргумент врз кој се гради нивната политика за ова прашање.

Слабиот аргумент се должи на тоа што не само што нема потврда ниту од британските власти, туку има демант од македонските, од премиерот неколку пати, а последен пат директно и вчера(15.12.) во интервјуто за ТВ Сител. Демант имаше и од претседателката на државата, која директно го апострофираше и демантот што ѝ бил пренесен од британскиот амбасадор во С. Македонија.

Затоа, кога во предлог резолуцијата што ја претставија пред некој ден, СДСМ наведува дека „се осудува секој обид за третирање на барателите на азил како предмет на финансиски трансакции помеѓу државите. Северна Македонија нема да биде дел од договори каде финансиската помош или инвестициите се условени со преземање на мигранти…“ – опозициската партија спинува или ја извртува вистината, зашто не постои таков потврден факт во реалност.

Но без оглед, реториката продолжува во таа насока и тоа вчера (15.12) го потврди лидерот на СДСМ Венко Филпче кој во интервју за 360 Степени на МРТ рече дека на Владата не може да и се верува зашто не го демантирала пишувањето на британските медиуми на соодветен начин.

Спинот на ВМРО-ДПМНЕ за Центарот за странци

Одговарајќи на иницијативите на опозицијата најпрво со некакви заклучоци на општинските Совети дека нема да дозволеле прифаќање на мигранти, ВМРО-ДПМНЕ на крај се реши за контрарезолуција во Собранието (поддржана и од коалициските партнери ВЛЕН и ЗНАМ), со која ќе ставела крај на оваа тема и ќе ги разоткриела сите манипулации на опозицијата. Претставувајќи ја завчера (14.12) во Собранието, шефот на пратеничката група Никола Мицевски, меѓу другото, рече:

…Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи…

И оваа резолуција се базира врз спин – претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови.

Еве го делот на резолуцијата која денеска (16.12.) е на дневен ред во Собранието во точката 4:

СЕ ОТФРЛААТ и СЕ ПОНИШТУВААТ сите аранжмани, одлуки и политики на
поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега
на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја
изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.

Спинот на ВМРО-ДПМНЕ споменат во нивната резолуција, меѓу другото, потекнува од иницијативата на Владата на Зоран Заев во 2018 година да изгради Центар за странци во околината на Скопје, на територија на Бардовци. Еве ја споменатата одлука што неколку пати ја повторија од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и пратеникот Миле Левков:

1.6. Изработка на државна урбанистичко планска документација за прифатен центар за странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр.2140 за КО Бардовци; (Службен весник бр 16 од 2018 г.).

Тука не станува збор за политика на тогашната влада за масовно прифаќање на мигрантите – од кои во тоа време најбројни беа бегалци, жртви на војните на Блискиот Исток – туку за хуман третман на тие што ќе бидат затекнати или фатени на нашата територија. И нешто што е дел од системот во Секторот за гранични работи и миграции при МВР.  За потврда на ова можат да се најдат многу изјави и теми во медиумите од тоа време, како и непоткрепени тврдења на тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и манипулации во јавноста на темата мигранти.

И Филипче во вчерашното интервју за 360 Степени уште еднаш ја демантираше оваа манипулација на ВМРО-ДПМНЕ:

Центар за странци е институција којашто е од затворен тип, во којашто се сместуваат луѓе кои се детектирани на наша територија или на граница, дека имаат фалсификувани документи, пасоши, украдени документи и така натаму. И тие се задржуваат. И тоа е центар за странци, којшто е, внимавајте, составен дел од Министерството за внатрешни работи. И тој постои и сега. Тој постои во Општина Гази Баба – во поранешна градинка, на сосем несоодветно место, опкружено со згради, има луѓе… Ние сме гласале да се направи нов. Ете тоа е гласано. И сега ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи целото тоа прашање да го испинува, да го преврти, да го направи како што не треба, кажува – еве и тие гласале за мигранти – вели Филипче.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција