„е-Општество.мк“: Новинарите ја изгубија довербата кај публиката, тоа остава простор за лажни вести

Новинарството денеска е на крстосница, ризикува да биде присилено да се повлече од местото коешто се нарекува врева и во кое не може да се размислува. Места каде што новинарите може да бидат манипулирани, да шират лажни вести, места коишто се креирани за да се шират лаги, со цел новинарите да бидат дискредитирани.

Ова денеска го кажа доцентот на Факултетот за новинарство и масовни комуникации при Универзитетот Аристотел во Атина, Никос С. Панајоту на сесијата „Улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење“ во рамките на дводневната Меѓународна конференција „е-Општество.мк“.

Оваа дискредитација на новинарите прави да се изгуби довербата во нив, што отвора пат некои други фактори кои се претставуваат новинари да пласираат лаги. Јавноста кога ќе изгуби доверба во новинарите, бара други канали за информирање што остава простор за манипулирање, рече Панајоту.

Професорот издвои пример, односно анкета за јавното мислење во Грција во однос на ковид-19, која покажала дека 80 проценти од грчката јавност не верувала на медиумите во однос на известувањата за вирусот. Ова според него станало нормално во западниот свет, зашто ако не се справи со овој проблем, не може да се надмине конкретната ситуација.

Еден од начините за справување со слабостите е новинарите да се фокусираат на точноста над брзината на ширењето на информациите. Не е важно дали сте објавиле прв, туку дали сте точни за да не бидете дискредитирани. Важно исто така е да се даде значење на информацијата наместо да се опишува. Трета работа е верификување на изворите, односно да се користат повеќе извори отколку да се потпираат на гласини, објаснува Панајоту.

Тој додаде дека денес има криза во медиумскиот модел на опстојување, односно потребно е да има промени и да се оди на претплата или мешан модел.

Медиумите имаат пад на приходите, моделот на реклами не функционира. Потребен е нов модел на новинарство, од економски зависен од реклами до мешан модел. Потребно ни е повеќе платформско новинарство, вели Панајоту, кој додаде дека студентите по новинарство ги учат на етика, отвореност, транспарентност и како да комуницираат со публиката.

Професорот истакна дека довербата која е изгубена во новинарите се гради преку транспарентност и отвореност, а како добар пример го посочи „Гардијан“ кој треба како медиум да се следи.

Повторното поврзување со публиката е од клучно значење, бидејќи понекогаш се губи врската со нив. Младите имаат капацитет да можат да се поврзат. Социјалните медиуми нудат новинарите да допрат до публиката која не се осврнува на традиционалните медиуми. Граѓаните се подложни на дезинформации, затоа е важно да се изгради доверба во начинот на комуникација. Медиумски писмена публика може да се бори против лажни информации, рече Панајоту.

Проблемот со недовербата кон новинарите го истакна и Бил Силкок, асистент декан за меѓународни програми на Валтер Кронкајт школата за новинарство и масовни комуникации при Државниот универзитет во Аризона.

Во видео-интервјуто кое беше презентирано во рамките на сесијата „Улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење“, Силкок рече дека публиката не им верува на новинарите, којашто недоверба, пак, може да биде поврзана со политиката, Твитер или слично.

Оттука, најважно според него е реизградба на довербата со публиката. Студентите на школата за новинарство ги учат на етиката и донесување на етички одлуки.

Новинарите треба да ѝ помогнат на публиката таа да разбере како тие си ја вршат својата работа. Кога ќе нè разберат како работиме, ќе имаат и доверба во нас, вели Силкок во интервјуто.

Тој исто така потенцираше дека социјалните мрежи нè учат како треба да комуницираме со публиката и тука нема ништо лошо.

Филип Нубел, управен уредник на „Глобал Војсис“ се осврна на дигиталните редакции во време на ковид-19, за кои ќе каже дека поради пандемијата со вирусот и рестрикциите за патувања, овие редакции добија поголема смисла. Тој вели дека поради бизнис-моделите на медиумите, голем дел од нив исчезнаа и се префрлија дигитално.

Кога зборуваме за „Глобал војсис“ немаме капацитет за ударни вести, 95 проценти од нашите вести е контекстот. Луѓето кои пишуваат се експерти, ја имаат довербата и може да добијат информации. Кога почнувавме пред 15 години социјалните мрежи беа неважен и недоверлив извор, денес се соочуваме со друга екстремност да бидат единствен извор на информирање. Важно е да се најде балансот помеѓу меинстрим медиумите и добрите вести на социјалните мрежи, истакна Нубел.

Директорот за развој на партнерство и ресурси на Фондација Метаморфозис, Филип Стојановски истакна дека во борбата со дезинформации важна е синергијата на различни фактори кои се фокусирани на одбраната на правата на луѓето онлајн. Тој потенцираше дека важно е до медиумското описменување да имаат пристап што повеќе засегнати страни како невладини организации и приватен сектор.

Извор: Мета

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција