Еден поинаков „циркус“: Силвана Бонева во прислушуваните разговори

Бонева и Тачи не кажаа што зборувале во СЈО - ама „бомбите“ доволно разјаснуваат... Фото: Агенција Мета

Истражната постапка на Специјалото јавно обвинителство, поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Силвана Бонева, ја нарече „медиумско-политички циркус“. Причината за ова било истекувањето на информацијата кои лица во овој период ќе бидат повикани на распит во СЈО. Се разбира, овде станува збор за двојни стандарди. Лани, кога на распит беше повикуван лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Основното јавно обвинителство во Скопје и тоа во повеќе инстанци, на секое негово доаѓање и заминување беше пречекуван од редица камери, прашуван за распитите и во ударните ТВ Дневници на националните телевизии беа прикажувани кадри и секвенци од неговото влегување и излегување од обвинителството за да се добие впечаток на вина врз принципот „штом толку често е на распит, мора нешто да згрешил“.

 

Истражната постапка на Специјалото јавно обвинителство, поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Силвана Бонева, ја нарече „медиумско-политички циркус“. Причината за ова било истекувањето на информацијата кои лица во овој период ќе бидат повикани на распит во СЈО. Се разбира, овде станува збор за двојни стандарди. Лани, кога на распит беше повикуван лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Основното јавно обвинителство во Скопје и тоа во повеќе инстанци, на секое негово доаѓање и заминување беше пречекуван од редица камери, прашуван за распитите и во ударните ТВ Дневници на националните телевизии беа прикажувани кадри и секвенци од неговото влегување и излегување од обвинителството за да се добие впечаток на вина врз принципот „штом толку често е на распит, мора нешто да згрешил“.  Но, тој режиран „циркус“ заврши. Овде би сакале да се потсетиме на еден друг „циркус“ – оној од прислушуваните разговори, поточно од оние прислушувани разговори во кои учесник е токму Силвана Бонева, заедно со нејзините партиски колеги

 

 

Силвана Бонева, екс-пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и член на ДИК вчера беше на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Таа се задржа околу два часа, а во текот на вчерашниот ден на распит беа и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како и лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски.

Иако ниту Бонева, ниту Тачи, а ни СЈО не соопштија за кои случаи се повикани, повеќе од јасно е дека нивните искази се побарани заради содржини од прислушуваните разговори. Во „бомбите“ екс-пратеничката и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е една од најзастапените соговорници или „теми“ на разговор.

Еден од најинтересните моменти во прислушуваните разговори, кои предизвикаа голем број на коментари на социјалните мрежи, е тоа што Бонева го правела во врска со „Скопје 2014“. Така, во 35-та „бомба“ слушаме разговор во кој тогашниот премиер Никола Груевски ѝ „сугерира“ дека не е добро министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска да дојде на собраниска седница за пратенички прашања, а Бонева се правда дека таа не рекла така, туку рекла министерката самата да размисли дали треба да се појави.

НГ: Сте и рекле на Бети утре да доаѓа на седница, во Собрание. За Скопје 2014.
СБ: Не јас кажах да размисли убаво дали да дојде
НГ: Мое мислење е не, затоа што целата дискусија ќе биде прашања до неа колку кошта. Ако она каже колку кошта ние ќе губиме.
СБ: Ок.
НГ: Ако па не кажува колку кошта и да го заобиколува пак ќе губиме, ме разбираш, е, нејќе да каже, те прашавме, кажи колку кошта, и колку и да каже само тоа ќе биде дебатата. Јас мислам ради тоа да не доаѓа она.
СБ: Ок претседателе.
НГ: А вака не може вас да ве прашуваат колку кошта.
СБ: Ве разбирам.
НГ: Види тоа владата, општината, не знам кои, они си знаат.
СБ: Да де.
НГ: И ќе се сведе повеќе, мислам пак ќе зборат они за парите, тоа неизбежно е, ама нема до толку да се сведе за пари ќе се сведе малку и на други, истории, естетики и на нешто друго. Ако дојде Бети ќе се сведе само на пари.

Но, најинтересен момент е секако оној во 22-та бомба, во која, меѓу другото, слушаме разговор на екс-министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, во која тој се потсмева со Бонева, раскажувајќи како екс-пратеничката на министерката за култура Канчевска – Милевска ѝ се пожалила дека ѕид на новиот објект на МНТ бил крив и дека да била таа тој што решава, немало да им плати на изведувачите!

МЈ: Силвана му вика на Бети, Бети добро шо те видех сакав и на Премиерот да му пишам, неќни шетааме со мажот ми, ѕидо од театаро многу крив, хахаха
ГЈ: Леле, леле, леле, леле
МЈ: Крив, вика може да падне…хахахах и вика на Бети, јас да сум на твое место динар нема да му платам на изведувачите. Вика катастрофа, како е лошо направено, и Бети…
ГЈ: А она и затоа ли тоа ли е експерт?

Во истата таа бомба – 22-та – е најпикантниот детаљ од сите работи за Бонева во прислушуваните разговори – нејзиниот упис на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, за што разговара со колешката – пратеничка Надица Танчева – Тулиева:

СБ: Значи класичен упис ќе биде у август, така ли.
НТТ: Класичен упис у август и незнам ќе тераме работа ич да не му се секираш се се наши све таму и ќе ја истераме работата.
СБ: Треба да земеш и как идеш сеа ке идеш другата недела понеделник вторник негде ке има седница за одлуката за колку комисии колку делегации колку такво начелното.
НТТ: Аха така.
СБ: И можеш да ми земеш е такви как ги викат шо има испити кај има.
НТТ: Ќе ти земам се се ќе ти земам ќе донесам.
СБ: Какви смерови шо има шо знам шо има и да видиме у тие таквите да ги погледнеме да видат шо ќе признаат от как го викаат она кога треба после со писмото изгледа со уписот как ке се одаде така ли.
НТТ: Силвана со деканот шо е Ананиев овој нашиот човек он е сега декан не е веќе оној Стефан Алексовски оној гадниот шо беше… овој нашиов човек е тука значи таму упис ќе направиме кај шо се тие нашите професори ќе ти кажам јас и смер и се само ти дополагај ги значи некои испити шо ти се признаваат се ќе ти кажам јас другата недела.
СБ: Епа добро они само как беше делот за Орце у ФОН незнам колку беа 9 ли 11 ли беа кажаа дека признават ама они ќе видат таму според програмата.
НТТ: Ќе завршиме де тука работа штета да не искористиме тука.

Како ја вршела работата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, слушаме во 26-тата бомба, во разговор во кој Груевски ја инструира да се пушти во собраниска процедура предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ за бранителите, но тој потоа да се „паркира“, за да се искористи како преговарачки адут со ДУИ. Бонева прифаќа сѐ.

НГ: Силвана!
СБ: Ало, повелете Претседателе.
НГ: А бе синоќа ја, на Извршен не ми текна, ама после вечерта кога си легнав ми текна една идеја.
СБ: Да.
НГ: Сега дур сме ние скарани со овие, со ДУИ…
СБ: Мхм.
НГ: Да си го пуштиме денес Законот за бранителите у Парламент, пратеничката група. Аааа…секој ќе не разбере, таква е ситуацијата. Они многу ни го повредија достоинството на Македонците, на бранителите и така натаму. А…
СБ: Да не ни…в ред, в ред.
НГ: Ќе дојде до гласање, ќе го паркираме. И ќе чекаме момент кога ќе им треба на нив некоја битна работа, која што и така и така ќе треба да ја исполниме и тогаш ова. Ќе речеме: добро, ама вие, тоа да речеме после година-две, изгласајте ни го ова.
СБ: Мхм. А они што ќе пуштат овој, закон за…
НГ: У старт ќе им го одбиеме, у старт.
СБ: Ќе го фрлиме право.
НГ: У старт гласање против, без многу расправа гласање против. Без многу да се плукаме…
СБ: Не, в ред, да…

Слична содржина гледаме и во 18-тата бомба. Но, најинтересна во актуелната политичка ситуација, во исчекување на новите парламентарни избори, е содржината од 11-бомба. Во неа слушаме како Бонева на Груевски му кажува дека пратеникот Славе Гошев рекетирал во Струмица, барајќи да биде „зауздан“.

СБ: Ќе треба да внимавате за рекетот и за се тоа што ми го кажувате, пресликано се е Струмица. Јас му кажав на Миле, за време на кампањата, он малку го излажа Ставревски за да не му писка. Оти тоа било пред да стигне Миле нели во Струмица, рекетот што се правел во фирмите во Струмица. Меѓутоа, рекетот не беше на почетокот на кампањата, туку негде до средина на кампањата течеше, и тоа ненормален рекет. Нема фирма што не е изрекетирана во Струмица. И многу лошо тоа се одрази на…
НГ: Кој рекетирал?
СБ: …на самата кампања. Славе Гошев.
НГ: Од кого?
СБ: Славе Гошев. Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица…
НГ: Чекај, ама рекет, што е рекет?
СБ: И веќе е сосопственик на Вега…
НГ: Дали они барале спонзорство? Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми.
СБ: Со се. Со закани, со закани и со таксување на најневозможни нешта за зимање на пари. Со се и сешто. Немаше човек што….
НГ: Немам таква информација од никого јас таму, да ти кажам.
СБ: Е па не Ви кажале. Ама Миле го подбра после Славе Гошев, и излезе така бел како крпа од состанокот, оти отворено го кажаа и од другите комитети слушнале исто, околните. Нели регионална имавме средби, и отворено кажаа оти рекетот е тргнат. И плус и тоа од УМС си беше дозволил, како го викаат, тој јас се што ви викав дека не гласам за него, се потврди на тие избори оти не треба ни да постои. И тоа беше тргнат од царинарник, да дипли пари од фирма на фирма и викале прво 50.000 и не кажувале што, и луѓето почнале да се жалат. Терале евра прво, па после ако не даде, на третиот пат му викале, а бе ајде за 50.000 денари ли си? И да ми викаат луѓето, а бе што не кажуваат оти 50.000 терат, нека станат, ја им ги 50.000.

Во СЈО вчера беше и Мендух Тачи – „Верен до смрт“ . И неговиот глас во „бомбите“ се слуша во контекст на изборите, односно во 11-та „бомба“ слушаме како претседателот на ДПА прави „трговија“ со Сашо Мијалков за гласање во ДИК во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

СМ: Имам една хитна ургенција за тебе.
МТ: Да.
СМ: Може ли да гласате за нас сега, за Струмица? Да ни се усвои приговорот?
МТ: У комисија?
СМ: Да, у ДИК.
МТ: Може, еве да се јавам одма.

Колку убав однос имаат Мијалков и Тачи најдобро гледаме од разговор од 8-та „бомба“, во која Тачи кажува дека на Мијалков му е на располагање „до смрт“.

СМ: Мендух, што правиш?
МТ: Еј, здарво.
СМ: Добар си ми?
МТ: Не те барав бе за ништо, не се плаши.
СМ: Нееее, ти можеш да ме бараш за што сакаш мене.
МТ: Само да ти кажам тука сум, ако треба нешто, кажи.
СМ: А?
МТ: Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт.
СМ: Добро бе, важи.

Извадоците од разговорите презентирани погоре јасно покажуваат дека и Бонева и Тачи се длабоко инволвирани во многу политички ситуации за кои опозицијата со години наназад вели дека се злоупотреба на власта, злоупотреба на народните пари и грижа само за своите интереси, а не за народот. Останува СЈО, но пред сѐ судството, да покажат бескомпромисност во барањето одговорност за случаите во кои злопотребите се очигледни, за да замолчат корумпираните политичари. Односно, како рече Мендух Тачи вчера откако излезе од СЈО: „Кога правото зборува, политиката треба да молчи!“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција