Едно видео – мноштво конспирации за вакцината против Ковид-19

Во видео на Фејсбук кое е исклучително популарно, кое има 1.800 допаѓања и 13 илјади прегледи, како и близу 200 коментари, изнесени се тврдења кои се медицински непоткрепени, невистинити, дадени од психолог и политичарка, а кои освен тоа што имаат конспирациски тон, имаат и загрозувачки ефект врз јавното здравје. Ќе се задржиме на главните невистинити тврдења коишто во видео материјалот ги изнесува Мила Алечковиќ, од Српска суверенистичка дијаспора, инаку психолог, кандидат за пратеник и лице кое во Србија уште од јули месец повикува граѓаните да не носат маски и ги разуверува дека пандемијата со коронавирусот е наводно лажна.

 

Во видео на Фејсбук, кое е исклучително популарно, кое има 1.800 допаѓања и 13 илјади прегледи, како и близу 200 коментари, изнесени се тврдења кои се медицински непоткрепени, невистинити, дадени од психолог и политичарка, а кои освен тоа што имаат конспирациски тон, имаат и загрозувачки ефект врз јавното здравје. Ќе се задржиме на главните невистинити тврдења коишто во видео материјалот ги изнесува Мила Алечковиќ, од Српска суверенистичка дијаспора, инаку психолог, кандидат за пратеник и лице кое во Србија уште од јули месец повикува граѓаните да не носат маски и ги разуверува дека пандемијата со коронавирусот е наводно лажна.

Причината поради која што овие тврдења заслужуваат да бидат разгледани е тоа што се споделени многупати на социјалните мрежи меѓу корисници од Македонија.

И во постот што го рецензираме, а кој е, всушност, видео-материјал, наративот не се разликува многу од оној што Алечковиќ го изнесува во текот на нејзините јавни настапи во текот на летниот период а за кои информираат и српските медиуми. 

Целта е да ја прифатите вакцината која ја нема. Мора да знаете дека најголемиот француски вирусолог и епидемиолог, кажа дека вирусот мутирал 24 пати. Значи тој вирус од почетокот, не е веќе истиот. И тој вирус на почетокот беше безопасен и банален. Секој вирус е опасен за слабите луѓе, тоа сите го знаеме и така било со децении наназад. Овој вирус на почетокот беше банален, а последната 24-та мутација е најобична кивавица. Но, тие и понатаму лажат дека може да се направи вакцина. Вакцина не може да се направи.

Но, воопшто не е точно дека нема вакцина за коронавирусот. Компаниите „Фајзер“ и „Бајонтек“ објавија дека нивната вакцина има ефикасност од 95 проценти. Американскиот производител „Бајонтек“, заедно со својот германски партнер, планира да произведе 50 милиони дози вакцина оваа година, а потоа и над милијарда дози во 2021 година. Точно е познато и кој стои зад оваа вакцина, извршниот директор на „Бајонтек“, Угур Сахин и неговата сопруга и член на управниот одбор, Озлем Туречи, кои ги посветиле своите животи во борбата за стекнување имунитет против ракот. Значи, станува збор за професионалци кои навистина успеале да создадат вакцина која го победува вирусот.

И не е само оваа вакцина, туку десетина други производители ширум светот се натпреваруваат кој прв и кој најуспешно ќе произведе вакцина за да се стави пандемијата под контрола. Таква е состојбата со оксфордската вакцина, која е можно да е готова до крајот на годината, онаа на Астра Зенека.

Во услови кога сите производители спроведуваат напредни, веќе трети фази од клиничкото испитување на нивните вакцини, да се тврди дека вакцина не постои е несериозно и неиздржано, а камоли фактички поткрепено!

Освен тоа, и американската компанија „Модерна“ излезе со своја анализа според која ефикасноста на нивната вакцина е 94,5 проценти. Компанијата вели дека сега планираат да побараат итно одобрување дозвола од регулаторното тело на САД во следниве недели.

Ова се само три вакцини против Ковид-19 од три производители, а листата на оние кои се во трката е огромна и вклучува повеќе светски земји.

Конечно, светските ТВ станици објавија редица видеа внатре од фабричките хали на фармацевтските компании во кои се произведуваат идните вакцини, како и видеа кои се однесуваат на дистрибуцијата на вакцините. Невозможно е сите овие фармацевтски компании, кои се во трка за производство и одобрување на нивните вакцини, како и сите ТВ станици кои објавија видеа и фотографии од производство на вакцините да се во некаков заеднички сеглобален заговор за измама на јавноста, како што е невозможно за таквиот заговор да не знаат владите во земјите каде што се произведуваат вакцините или, пак, што е уште поневеројатно, да се тврди дека и соодветните влади се дел од заговорот.

Значи, сосема е неточно дека вакцина против Ковид-19 нема, како што се тврди во видеото што го рецензираме.

Исто така, медицински неиздржано е дека новиот коронавирус е ,,обична кивавица”. Со ова се сака да се направи обид да се минимизираат катастрофалните ефекти што коронавирусот ги има врз здравјето на луѓето од сите генерации ширум светот. Иако познато е дека фаталноста е најголема за хронично болните и за лицата од повозрасните категории, сепак животот од коронавирусот го загубија и тоа за многу кратко време, и луѓе во третата и четвртата деценија од животот што покажува дека тој не е ,,обична кивавица”. Американските научници веќе објавија официјални долгорочни последици кои ги имаат пациентите кои го прележале вирусот, а кои вклучуваат хроничен замор, недостаток на здив, кашлање, болки во мускулите и во градите, потешкотии со концентрацијата, депресија, главоболки, температура и брзо чукање на срцето. Вирусот не е обична кивавица!

Во интервју дадено неодамна, министерот за здравство Венко Филипче опишувајќи ги најтешките форми на болеста, вели дека во македонските болници имало пациенти со тешка форма на пореметување на крвта, со целосно губење на клетките кои се одбрана на организмот, понатаму дифузно зафаќање на белите дробови, онеспособување на крвта да прима кислород.

Тие пациенти или завршуваа на кислородна маска или на неинвазивна вентилација или на респираторна машина. Понатаму, тешка форма на оштетување на бубрезите, тешка форма на оштетување на црниот дроб, оштетување на мозокот поради недоволна оксигенација, што се најтешките компликации на вирусот и тие во најголем процент завршија со смртен исход.

Видовме многу пациенти со тешка клиничка слика и практично, слика на белите дробови каква што не се гледа кај ниту една друга болест. Ним им беше зафатено целото белодробие, сериозно им беше компромитирана оксигенацијата на крвта и оттука настапија компликациите како смртни случаи и тешко пореметување на дишењето за време на лекувањето, рече Филипче во интервјуто.

Значи вирусот дефинитивно не може да се поистовети ,,со обична кивавица”.

Понатаму Алечковиќ во спорното видео тврди ,,дека ниедна вакцина не треба да се прифати во овој момент и дека таа е симбол на војна”.

Нејзината соговорничка, исто така, изнесува невистинито тврдење, надоврзувајќи се на разговорот, а тоа е дека ,,вакцината против грип е една од најнеефикасните”.

Вакцина против грип е достапна и се употребува во светот повеќе од 60 години. Таа е безбедна, ефикасна и најсигурна мерка за превенција на грипот и за редуцирање на импактот (последиците) од епидемија.

Вакцината е со докажана имуногеност и добра ефикасност.

Ефикасноста на вакцината против грип зависи примарно од возраста и од имунокомпетенцијата на вакцинираното лице, како од степенот на сличност помеѓу вирусите кои ги содржи вакцината и оние кои тековно циркулираат. Таа дава толку подобра заштита колку што антигенски е послична со вирусниот тип/поtтип кој кружи помеѓу населението.

Кај постарата популација (над 60’годишна возраст), се смета дека вакцинацијата го намалува морбидитетот асоциран со грип за 60%, а морталитетот за 70-80%, додека кај здравата возрасна популација намалувањето на морбидитетот изнесува 70-90%. Oва се официјални податоци поткрепени од СЗО а кои ги споделуваат и македонските здравствени авторитети.

А што прифаќате со тоа? Прифаќате на вас да тестираат непостоечка вакцина. Значи прифаќате да бидете експериментално глувче и во вакцините се ставаат нано честички, тоа не е никаква тајна, самите научници го кажуваат тоа. Притоа, уште кој знае што има во тие вакцини, жива.  Целта е тоа да го прифатите. Африка веќе ја малтретираа со сите возможни вакцини и сега се одлучија да и го прават тоа на белата, европската популација. Тоа мора да го одбиете. Сите нормални луѓе мора да одбијат било какви експерименти на своето тело. Сакам да ви кажам дека во членот 5 од Универзалната декларација на човекови права, секое мачење е карактеризирано како злосторство против човештвото. Значи сите експерименти, се што сакаат против вашата волја да направат врз вашето тело, вклучително и маските за кои се знае дека за ништо не служат. Сето тоа спаѓа во злосторство, кое е дефинирано во 1948 година. Затоа треба сите луѓе да имаат храброст и да кажат дека не сакаат да носат маска која нема никаква функција. Науката кажува дека маската не служи за ништо и на самите маски тоа го пишува дека не штитат од овој вирус. А хирурзите не носат маски за да се заштитат од вируси туку хирурзите кога имаат вирус не оперираат. Хирурзите носат маски за да не би ги извалкала крвта од пациентите. Носењето маска е програма за мачење на луѓето и нивно позиционирање во психологијата на роб. Тоа е казниво по Универзалната декларација за човекови права.

Во погоре изнесениот цитат отворено се пропагира да се одбие вакцината и се сугерира дека ,,се прават експерименти против волјата на граѓаните”. Меѓутоа, ова не е точно, затоа што вакцинацијата ќе биде на доброволна основа. Никој во Република Северна Македонија нема да биде принудно вакциниран доколку не сака, бидејќи вакцината против Ковид’19 нема да биде во редовниот имунолошки календар. Но, кога Алечковиќ тврди дека вакцината ќе содржи нано честички, тоа е комплетна дезинформација за која веќе пишувавме.

Понатаму, спорно и невистинито е тврдењето дека носењето маска е програма за мачење на луѓето, бидејќи таа наводно не претставува заштита од вируси.

Целосни студии во кои е објаснето дека маските штитат од вируси и дури и детално е објаснет и интензитетот на нивната заштита се објавени на англиски јазик.

Генерално земено, ова видео е полно со дезинформации, има крајно конспирациски тон и не е препорачливо да се зема предвид и од аспект на профилот на професијата на соговорничката (психолог), кога станува збор за теми од инфективните заболувања, поточно коронавирусот и болеста Ковид 19.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција