Економските промотори укинати, економски аташеа нема

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Постојниот систем на економски промотори ќе биде целосно напуштен, бидејќи е скап и не даде соодветни резултати. Наместо тоа, ќе се воведе концептот на економска дипломатија и ќе се искористат искуствата од успешните земји.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни иабори 2016 година „План за живот во Македонија“ (стр. 213), датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Социјалдемократскиот сојуз сѐ уште не го исполни ветувањето дека наместо економски промотори, ќе постави економски аташеа во амбасадите кои ќе се грижат за привлекување на странски инвестиции и пласман на македонски производи.

Имено, ова ветување СДСМ планираше да го реализира во првите шест месеци од изборот на Владата и затоа го стави во делот на Програмата „План за живот во Македонија “ – „План 180“. Повод за ова ветување беше тоа што економските промотори во текот на изминатите години трошеа високи суми на пара, но ефектите од нивната работа беа незначителни.

Инаку, првите економски промотори, Македонија ги доби во 2008 година. До минатата година (2017) ги имаше 33 низ светот, а потоа нивниот број беше намален на 20. Конкурсот за нови економски промотори што беше објавен во 2016 година, лани беше поништен. Претходната Влада на активните економски промотори со патен налог од МНР им го продолжи мандатот којшто траше се до 30 јуни 2017 година.

Набрзо по формирањето на  новата Влада (предводена од СДСМ) оттаму информираа  (август 2017) дека се работи на нов модел.

Сега се работи на ремоделирање на досегашниот концепт на економски промотори. Улогата на економските промотори ќе ја преземат економски аташеа кои ќе бидат под контрола на економските ресори во Владата“.

Во ноември 2017 година вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев соопшти дека со Министерството за надворешни работи направиле стратегија за избор на првите 20 економски аташеа кои ќе бидат испратени во места најатрактивни за македонската економија.

Тие економски аташеа треба да го научат македонското стопанство и ќе поминат обука од два месеца во Македонија. Треба да го поминат целокупното македонско стопанство за кога ќе одат во светот да знаат што можат да продадат од Македонија. Тие треба да бидат комерцијалисти на македонската економија во светот и да привлечат странски инвестиции во Македонија, но такви кои ќе можат да соработуваат со македонската економија. ( Анѓушев).

.
Анѓушев тогаш рече дека е планирано економските аташеа да имаат две задачи:

Едната задача ќе им биде да привлекуваат странски инвестиции, на истиот начин како и досега со посети, анимирање и објаснување на методологијата за добивање на странска помош, но истите тие ќе имаат и втора задача, а тоа афирмација на домашните производи и нивно продавање низ цел свет.

Според најавеното, економски аташеа требаше да се изберат на конкурс и да почнат да работат од јуни годинава (2018), но Министерството за надворешни работи кое треба да го објави огласот за избор на економски аташеа сѐ уште не го направило тоа.

Во тек се координативни состаноци со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Дискутираме за можните модели за избор на економските аташеа и други детали околу нивниот ангажман.(Алсат М – 05.08.2018)

Според погоре изнесеното може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ за промена на моделот на економска промоција на земјава во странство и привлекување на инвеститори, односно избор на економски аташеа , планирано за шест месеци од изборот на Владата и пролонгирано до јуни 2018, година  сè уште не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција