Експериментот на Роберт Вилнер не докажува дека ХИВ не предизвикува СИДА

Графички приказ на ХИВ Фото: BruceBlaus, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Еднократна изложеност на ХИВ-вирусот не значи дека инфекцијата мора да се случи. За тврдењето дека Вилнер „неколку пати бил негативен“, не се пронајдени доволно достапни примарни медицински докази за независна потврда.

Еднократна изложеност на ХИВ-вирусот не значи дека инфекцијата мора да се случи. За тврдењето дека Вилнер „неколку пати бил негативен“, не се пронајдени доволно достапни примарни медицински докази за независна потврда. Во меѓувреме, NIH јасно наведува дека ХИВ е вирусот што ја предизвикува ХИВ-инфекцијата и дека нетретираната инфекција може да напредува до СИДА, додека ХИВ може да се пренесе преку крв и игли

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Д-р Роберт Вилнер си вбризгува ХИВ. Кога го прашале зошто би го ризикувал својот живот за да докаже нешто, д-р Вилнер одговорил: „Го правам ова за да ставам крај на најголемата убиствена измама во медицинската историја. Со тоа што си вбризгувам ХИВ-позитивна крв, ја докажувам поентата како што направи д-р Волтер Рид за да ја докаже вистината за жолтата треска. На овој начин се надевам дека ќе ја разоткријам вистината за ХИВ во интерес на целото човештво.“ Тој доби негативен тест неколку пати.

Тврдењето комбинира вистински историски настан со неточен научен заклучок. Роберт Вилнер навистина се изложил на крв од човек за кого тврдел дека е ХИВ-позитивен, но неговиот експеримент не претставува доказ дека ХИВ не предизвикува СИДА. Дополнително, тврдењето дека неговите последователни ХИВ-тестови биле негативни не е поткрепено со достапна примарна медицинска документација.

Што навистина направил Роберт Вилнер?

Настанот не е измислен. На 28 октомври 1994 година, на состанок на алтернативномедицинска организација во Гринсборо, Северна Каролина, американскиот лекар Роберт Вилнер зел игла, ја ставил во прстот на човек за кого тврдeл дека е ХИВ-позитивен, а потоа со крвавата игла се прободел себеси двапати.

Ова е потврдено и во современиот извештај што го цитира The Washington Post, а подоцнежниот фактчек на Политфакт исто така потврдува дека Вилнер ја направил демонстрацијата во 1994 година.

Политфакт конкретно наведува дека Вилнер ја ставил хиподермичната игла во прстот на човек за кого рекол дека е ХИВ-позитивен, а потоа ја ставил иглата во сопствениот прст.

Значи, фактот дека Вилнер си вбризгал крв не е лажен.

Но дали со тоа докажал дека ХИВ не предизвикува СИДА?

Не.

Тука е главната манипулација во објавата.

Дури и под претпоставка дека крвта навистина била ХИВ-позитивна и дека Вилнер навистина останал негативен, од еден ваков случај не може да се заклучи дека ХИВ не предизвикува СИДА.

Причината е едноставна: изложувањето на ХИВ не значи автоматски дека инфекцијата ќе се случи.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести CDC, просечниот ризик од инфекција по перкутана изложеност (контакт или навлегување на штетни материи, хемикалии, вируси или лекови директно низ кожата) на ХИВ-позитивна крв, како убод со игла, е околу 0,3 проценти. Тоа значи дека постојат луѓе кои можат да бидат изложени на ХИВ преку игла, а да не се инфицираат.

Што е со „негативните тестови“?

Овој дел од приказната е особено важен, бидејќи често се претставува како клучниот „доказ“.

Во достапните извори не може да се најде примарна медицинска документација – лабораториски резултати, датум на тестирање, вид на тест и временски интервал по изложувањето – со која би можело независно да се потврди тврдењето дека Вилнер „неколку пати“ бил негативен.

Уште поважно, негативен тест за ХИВ и доказ дека ХИВ не предизвикува СИДА се две сосема различни работи.

Што вели медицинската наука?

На ова прашање научниот консензус е јасен. Американскиот институт за здравство NIH наведува дека ХИВ (human immunodeficiency virus) е вирусот што ја предизвикува ХИВ-инфекцијата и дека без лекување, инфекцијата може да напредува до СИДА, најнапредната фаза на ХИВ-инфекцијата.

NIH исто така наведува дека ХИВ може да се пренесе преку крв, вклучително и при случајно изложување на ХИВ-позитивна крв преку убод со игла.

Според NIH, ХИВ е вирус кој предизвикува ХИВ-инфекција и, доколку не се лекува, ХИВ-инфекцијата може да напредува до СИДА.

Постои и директен фактчек на истото тврдење

Ова не е само медицинска интерпретација. Политфакт во април 2023 година го проверува токму видеото во кое се појавува лекарот што се прободел со игла и во кое се тврди дека ХИВ „не е заразен“ и дека тој „никогаш не бил позитивен“.

Политафкт го оценува тврдењето со најниската оценка „Pants on Fire!“ и потврдува дека Вилнер навистина го направил експериментот во 1994 година, но дека заклучокот дека ХИВ не е заразен е неточен.

Зошто споредбата со Волтер Рид е погрешна?

Во објавата Вилнер го споредува својот чин со експериментите на Волтер Рид со жолтата треска.

Но, овие два случаи не се научно еквивалентни.

Истражувањето на Волтер Рид и неговите соработници вклучувало систематски експериментален пристап. Историскиот преглед објавен во PubMed го опишува истражувањето како серија експерименти што претставувале важен пример за контролирани клинички испитувања и информирана согласност.

Друг научен преглед во PubMed наведува дека Волтер Рид и неговите соработници поставиле конкретни истражувачки прашања и спровеле експерименти што овозможиле да се утврди дека комарците ја пренесуваат жолтата треска.

Вилнер, напротив, направил еден личен експеримент врз самиот себе, без контролна група и без можност од него да се извлече причинско-последичен заклучок за ХИВ и СИДА.

Тврдењето во видеото имплицира дека ако Вилнер бил изложен на ХИВ, требало веднаш да развие СИДА.

Тоа е исто така погрешно.

ХИВ е вирусот/инфекцијата, а СИДА е најнапредната фаза на нетретирана ХИВ-инфекција. NIH наведува дека ХИВ може постепено да го оштетува имунолошкиот систем и, без терапија, да напредува кон СИДА.

Затоа ниту тоа што Вилнер не развил СИДА веднаш, ниту евентуален негативен тест кратко по изложувањето не би биле доказ дека ХИВ не предизвикува СИДА.

Објавата е манипулативна бидејќи вистински историски настан го користи за да поддржи научно неточен заклучок.

Еднократна изложеност не значи дека инфекцијата мора да се случи. За тврдењето дека Вилнер „неколку пати бил негативен“, не се пронајдени доволно достапни примарни медицински докази за независна потврда. Во меѓувреме, NIH јасно наведува дека ХИВ е вирусот што ја предизвикува ХИВ-инфекцијата и дека нетретираната инфекција може да напредува до СИДА, додека ХИВ може да се пренесе преку крв и игли.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција