Експертите објаснуваат: Што ако примите вакцина против ковид, истовремено со онаа против грип?

Освен процесот на имунизација против коронавирусот, во наредните месеци се очекува да започне имунизацијата или вакцинацијата на населението во Северна Македонија против сезонскиот грип. Но, дали е проблем ако двете вакцини, кои се различни, се примат истовремено? За ова разговаравме за доктор Пајтим Асани и ги следевме и најновите истражувања на Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите и СЗО. Едно е сигурно, и двете вакцини се безбедни и двете имаат потенцијал
да спасат животи, пишува Порталб.мк.
Според Асани, вакцинацијата на населението кое е најизложено на ризик од сезонски грип е најпожелно да се спроведе од септември и да заврши некаде кон крајот на октомври, и додаде дека вакцинацијата против Ковид-19 и против грип може да се спроведе истовремено без никакви проблеми.
„Вакцинацијата против грип пожелно е да се спроведе во текот на септември до крајот на октомври. „Вакцинацијата против грип и Ковид-19 може да се изврши истовремено“, рече Пајтим Асани, лекар.
Меѓутоа, постојат случаи кога вакцинацијата против грип треба да се одложи, објаснува тој.  додавајќи  дека нема докази дека примањето на две различни вакцини истовремено може да предизвика потенцијална штета во телото.
„Вакцинацијата против грип треба да се одложи кај лицата за кои постои сомневање или потврда дека имаат Ковид-19 се додека не се исполнат критериумите за прекин на изолацијата. Иако лесната форма на ковид 19 не треба да биде причина за одложување на вакцинацијата против грип, сепак е подобро да не се изложува на ризик медицинскиот персонал и другите пациенти. Нема докази дека примањето на двете вакцини може да му
наштети на телото, додаде лекарот Пајтим Асани за Порталб.мк.
Експертите: многу е важно да се примат и двете вакцини!
Со наближување на сезоната на грип во време кога целата држава уште се бори со коронавирусот, светските експерти апелираат за вакцинација против сезонскиот грип и против коронавирусот, потенцирајќи дека тоа не би претставувало никаков проблем за организмот. Напротив.
„Доста е важно да се прими и вакцината против грип и против вирусот корона“ рече Вилијам Шагнер, директор на Националната Фондација за инфективни болести. „Се работи за два многу лоши респираторни вируси кои можат да предизвикаат тешка болест кај луѓето.” додаде тој.
Примањето само на една вакцина нема да ве заштити од другиот исто толку опасен
вирус
Вакцините против Ковид-19 и сезонскиот грип „го учат вашиот имунолошки систем да ве заштити од два сосема различни вируси.“ Примањето на само една вакцина нема да ви овозможи никаква помош против другиот вирус, рече Кели Мур, претседателка на ИАЦ во САД.
„Исто е како да сакате да се заштитите од пчела и од комарец. И двете можат да ве каснат. Од секој од вирусите треба да се браните на посебен начин“, рече Шагнер.
Центарот за контрола и превенција на болестите во САД на сите им препорачува да се вакцинираат против сезонскиот грип до крај на месец октомври. Оваа година, поради вакцинацијата против Ковид-19, постои можност вакцинацијата против грип да се одложи.
Грип, илустрација
Дали може да ја примите истовремено и вакцината против грип и против Ковид-19?
Да. Центарот за контрола и превенција на болестите дал зелено светло за истовремено примање на вакцината против Ковид-19 со други вакцини – ова е ново затоа што порано се препорачуваше да поминат 14 дена за да може да се прими некоја друга вакцина.
„Сега кога имаме големо искуство со вакцините против Ковид-19, можеме слободно да кажеме дека овие вакцини може да се примат истовремено со други вакцини“, рече Мур.
Според Центарот за контрола и превенција на болестите претходниот правилник беше составен во многу рана фаза на развивањето на вакцините, во време кога немаше многу искуство во оваа насока.
Дали при примање на двете вакцини истовремено несаканите ефекти се потешки?
Според Центарот за контрола и превенција на болестите, праксата покажала дека несаканите ефекти се „исти, без разлика дали се прима една или две различни вакцини“. Според ова, примањето на вакцината против Ковид-19 во исто време со таа против грип не би требало да предизвикува непознати или потешки несакани ефекти.
„Иако вакцините се произведени со различни методологии, тоа не би требало да
претставува проблем. Нема да почуствувате ништо поразлично”, рече Kелен.
И вакцината против Ковид-19 и таа против грип се аплицира во рамото и може да предизвикаат болка на местото на ињектирање. Ако примате по една вакцина на секое рамо, тогаш ќе ве болат двете раце, рече Шагнер.
Кои се очекуваните несакани ефекти?
Ако ги примите двете вакцини истовремено, можно е да имате несакани ефекти од вакцините, но тие се очекувани, како треска, болка во мускулите, главоболка или други симптоми слични на оние од грипот, рече Мур.
„Но, од нашето искуство, истовременото аплицирање на неколку вакцини не претставува проблем” рече таа. „Ако сте примиле две вакцини истовремено не значи дека ќе имате два пати поголема реакција.”
Иако вакцинацијата против Ковид-19 и сезонскиот грип не е целосно проучена, експертите од Центарот за контрола и превенција на болестите велат дека практиката на вакцинирање против две различни болести истовремено не е нова. Децата, особено бебињата, често примаат неколку вакцини во исто време. Иако несаканите ефекти од вакцината против коронавирусот и сезонскиот грип можат да
не бидат пријатни, „тие во никој случај не се опасни или небезбедни“, рече Мур. Вреди да
се заштитиме од се што можеме да се заштитиме“.
Што ќе се случи ако ги примам двете вакцини истовремено, на ист ден?
Ако се примаат двете вакцини истовремено, според упатството на Центарот за контрола и превенција на болестите местото на ињектирање треба да се разликува барем за еден сантиметар, или ако е можно вакцините да се аплицираат на различни раце. Но не се препорачува примање на лекови пред вакцинација за да се избегне појавата на несакани ефекти затоа што може да влијае врз имунолошкиот систем, Шагнер рече дека е можно да не се чувствувате добро.
„Ако утредента треба да одите на фудбалски натпревар, тогаш можеби денес не би било најдобро да ги примите двете вакцини истовремено” рече тој.
Вакцина, Ковид, Коронавирус, Вакцинација; ФОТО: Pexels
Никогаш порано не сум примил вакцина против грип. Дали треба да почнам сега?
Според експертите важно е ризикот од грипот да се сфати сериозно и да се заштитиме од двата вируси.
„И грипот убива“, рече Келен. „За некои луѓе тој не е нималку едноставен…може да убие, да убие дури и деца“.
Оваа година вакцината против грип штити од четири варијанти на вирусот кои циркулираат. Заштитата од сезонскиот грип трае најмалку шест месеци. Вакцините против грип се особено важни за луѓето постари од 65 години, кои може да бидат изложени на поголем ризик од грипот, рекоа од Центарот за контрола и превенција на болестите. Во меѓувреме, примањето на сезонската вакцина против грип е многу важно оваа година, рече Мур, бидејќи болниците и клиниките во голем дел од земјата се преполни со пациенти заразени со вирусот корона поради варијантата Делта.
„Дури и да сте лице кое обично не прима вакцина против сезонскиот грип, оваа година примете ја вакцината. Никој не смее да заврши во болница за нешто што може да го спречи”,  рече таа.
Кои лица се најзагрозени од сезонскиот грип?
Лицата над 65 години и лицата со здравствени проблеми се најзагрозени од грипот. Кај заразените грипот предизвикува една непријатна состојба која трае неколку дена, но обично тие се опоравуваат многу лесно. Меѓутоа, за лицата со бројни здравствени проблеми грипот може да биде една сериозна болест, па дури и фатална. Најзагрозени од тешки компликации од грипот се лицата над 65 години – осум од десет смртни случаи кај оваа возрасна група се како последица на компликациите предизвикани од грипот.
Ова се случува поради тоа што со тек на годините имунолошкиот систем слабее и станува помалку ефикасен против инфекциите, како на пример, против грипот. Исто така, ако заразеното лице претходно имало проблеми со срцето, дијабетес, хронични болести на црниот дроб, бубрезите или белите дробови, грипот може да му ја влоши состојбата и да биде смртоносен.
Бремените жени и здравствените работници исто така треба да се вакцинираат!
СЗО им препорачува на бремените жени да се вакцинираат против грип, бидејќи кај нив постои поголем ризик од потешка форма на болеста по заразување со вирусот на грип, што може да има негативни последици и за фетусот. И уште поважно, вакцината против грип примена за време на бременоста, го штити и бебето во првите месеци од животот. Здравствените работници исто така се сметаат за ранлива група поради секојдневната изложеност на разни вируси, вклучувајќи го и вирусот на грип, и затоа треба да бидат заштитени.
Вакцинацијата е најдобар начин за спречување на инфекцијата. Имајќи предвид дека вирусите на грип се менуваат, неопходно е вакцината да се прими секоја година за да се биде во чекор со вирусите што циркулираат во регионот. Во северната хемисфера, пикот на сезоната на грип обично се случува во есен и зима, па затоа месец октомври е најдоброто време за примање на вакцината. Инаку, минатата година вакцинацијата против сезонски грип во Северна Македонија започна во ноември и нема информации кога се очекува да започне оваа година. Вакцините против сезонски грип се уште не се пристигнати во земјава и Министерството за здравство не информираше кога ќе започне вакцинирањето на граѓаните против грип.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција