Експертите претпоставуваат, граѓаните „сметаат“, ама нигде ги нема
[Рецензија: Експертите и граѓаните сметаат: Грција стои зад искреираните материјали]
Дилемата што се отвори со т.н. афера „Пуч“ и со барањето на МВР до Јавното обвинителство да се отвори постапка против четири лица за насилна промена на власта, за дел од медиумите веднаш стана поле каде прелесно „ќе гине“ и презумцијата на невиност и каде ќе се „насочува“ Обвинителството во своето составување на евентуалното обвинение. Ова е секако – првин – притисок од страна на медиум врз независноста на правосудството и тоа не со конкретни сознанија, туку со претпоставки кои без ниту еден доказ стануваат на крајот – вистина!
Линк до оригиналниот напис: Експертите и граѓаните сметаат: Грција стои зад искреираните материјали
Датум и време на објавување: 02.02.2015, 16:39
Датум на рецензирање: 03.02.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„Кои странски служби би имале интерес да му достават на лидерот на македонската опозиција Зоран Заев, материјали од снимени телефонски разговори на македонското државно раководство, но и на голем број граѓани на Македонија? Експертите во земјава, најголемиот сомнеж го ставаат на нашиот јужен сосед. Според нив, токму Грција е земјата која има најголем интерес да го направи тоа.“
Она што вистинска новинарска сторија во овие околности треба да направи, во овој миг, ако ја отвора темата, е првин да одговори дали во оваа афера има странска служба? Имено, од излагањето на министерката за внатрешни работи, која е потписник на кривичната пријава(!), излегува дека се работи за „класифицирани документи во форма на електронски записи; кај првоосомничениот се документи кои се со класифицирана содржина, но и со податоци за следење на комуникации на незаконски начин, станува збор за нелегално прибавување на информации, бидејќи на ниту еден легален начин не можел и не смеел да ги поседува“.
Ова значи – во превод – дека документите се одземени од МВР (види подетално тука). Авторот не одговара на таа дилема – дали странската служба ги зела документите од МВР, па ги предала на Зоран Заев, лидерот на опозицијата, или, пак, странската служба си имала свои документи од следење на разговорите во земјава(!), па му ги предала на Заев.
Место тоа, надминување на првата нелогичност и дилема, текстот се фрла на шпекулации за тоа која земја имала интерес да прави неуставно менување на раководството? Се премостува она „дали“ и „како“ и веднаш се оди на она „зошто“, да се држиме до новинарските правила. Колку е релевантен заклучокот, во текст со таков приод, секако не треба да се објаснува!
Инаку, во сторијата се вовлечени Александар Пандов, кој за потребите на кампањата наеднаш стана аналитичар(!), белки за да ја зајакне приказната, иако тој е само актуелен пратеник на владејачката партија, кој, се разбира, нема што да анализира, туку си го следи шефот, кој веќе го кажа своето. Тоа е погрешно претставување, нов фаул во целото отворање на ова прашање. Инаку, Пандов има аргумент, а тој се вика „огромен сомнеж“, бидејќи Грција имала политички интерес за правење ваква афера. Тој, воедно, како „аналитичар“, се занимава со зголемување на посетите на Заев на Грција (15 – 20 пати!), иако „неговиот“ извор, „Курир“, беше далеку поскромен (тука стои само девет пати, на пример). Ова, секако, говори за релевантноста на изворот на „стравувањето“, а не е поддршка на релевантноста на сторијата.
Вториот извор на сознанија е професорот по меѓународно право и по човекови права, Александар Даштевски, кој е со сличен став. И тој „претпоставува дека најголем интерес од ова сепак има Грција“. Пак имаме претпоставка! А таа произлегува од фактот дека за вакви афери не биле заинтересирани големите сили. А, кој ги откри документите за Санадер, на пример, заради кои тој се најде во затвор – голема или мала сила и дали Хрватска е голема земја…. Да не навлегуваме одново во релевантноста на повиканиот за „погодување“ на земјата која би имала интерес.
И, конечно, третиот „аналитичар“ е Драган Павловиќ-Латас. За неговото излагање свој суд даде и Здружението на новинарите, а тука се користи извадок од тој настап на МТВ. И тој гледа во „стаклена кугла“ и вели дека се работи за Грција или Турција.
Толку за аргументите на авторот. Тој не споменува дека во аферата „Шпион“, која почна пред година и половина и која нема првостепена пресуда (пресудата е прочитана, ама не е врачена на актерите и по неколку месеци!), обвинети беа исто така две држави, како соучеснички, во шпионирањето – Грција и Унгарија. Никој ништо не покрена против Грција (за такви работи имаме протерување на службеници, прекин на дипломатски односи и слично, нели), а на унгарскиот премиер Орбан нашиот премиер му врачи орден, иако аферата беше претходно актуелна! Му честитал за шпионирањето? Ова е само доказ дека текстот многу работи пумпал, а доста релевантни работи редуцирал.
Повеќе од проблематичен е и насловот, кој говори „граѓаните мислат“, а нив, пак, ги нема никаде. Не дека не би можеле да се најдат такви кои би ја потврдиле „каузата“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар