Експремиерот контрадикторен со изјавите на премиерот

По една година слични изјави - тоа во средина, заборавено. Фото: скриншот

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, меѓу другото, изјави:

Доста беше. Оваа криза мора да заврши и зад оваа криза не стојат никакви заложби за слобода на медиуми ниту демократија и борба против корупцијата, стои немоќ, страв, фрустрации, обид за поткуп на идентитет и насилна промена на власта во Република Македонија од страна на опозицијата која изгубена во својата безидејност и не се занимава со политика, идеи, решенија, туку шпионажа, уцени, деструкција. Тоа мора да запре.

[Извор: Курир, Датум: 07.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на  ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на 07.04.2016 на прес – конференција збоорувајќи за одлуката за распуштање на Собранието и распишување избори за 5 јуни 2016, меѓу другото, даде невистинита изјава за политичката криза во Република Македонија.

Груевски изјави дека зад кризата „не стојат никакви заложби за слобода на медиумите, ниту демократија и борба против корупцијата“, туку дека станува збор за насилна промена на власта од страна на опозицијата.

Оваа изјава на Груевски многу потсетува на неговите први изјави во својство на премиер од почетоците на последнава политичка криза, кога на 31 јануари 2015 година го најави обидот за пуч од страна на Зоран Заев, како лидер на СДСМ, кој, наводно, потпомогнат од странски служби и други лица вработени во Управта за безбедност и контраразузнавање сакал да изврши насилна промена на власта и им вршел закани на високи функционери, вклучително и нему.

Но, како течеше расплетот на овие собитија, параллено со проектот на СДСМ „Вистината за Македонија“, во кои беа објавени повеќе „бомби“ од приллсушувани телефонски разговори, како во кризата почна да се инволвира и меѓународната заедница, дојде до значителна промена на првичните квалификации на тогашниот премиер Груевски.

Најпрво, дојде до преговори кои завршија со т.н. Договор од Пржино, план за излез од политичката криза што го потпишаа четворица лидери на најголемите политичка партии во Македонија, меѓу кои и Никола Груевски.

Паралелно, група експерти ангажирани од Европската комисија и предводени од германскиот дипломат Рајнхард Прибе, по две-три неделно проценување на актуелната ситуација во РМ изготвија Извештај, кој беше наречен „Извештајот на Прибе“ и кој беше дистрибуиран во јавноста на 19 јуни 2015 година.

Во текот на следниот месец, овој документ, како и заклучоците на ЕУ од крајот на јуни, наречени „Итни реформски приоритети за Република Македонија“, беа ставени во институционални рамки и разгледувани и усвоени од Собранието на Република Македонија, како и од Владата, предводена од Никола Груевски.

Уште повеќе Владата донесе и акциски план базиран врз Извештајот и врз  согледувањата на ЕУ, а за тоа соопшти директно премиерот Никола Груевски:

Дејствуваме за потребите и интересите на сите граѓани, за достигнување и унапредување на европските стандарди и почеток на заслужените преговори за членство во ЕУ. На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите – соопшти Груевски на неговиот Фејсбук официјален профил, а го пренесоа речиси сите медиуми во Македонија.

Уште повеќе, за овие прифатени насоки од ЕУ и активности на институциите во Македонија, активно се расправаше и во февруари годинава во Собранието, а измени на закони следуваа и во март и во април се до распуштањето на парламнтот.

Поради сето ова, а особено поради изјавата на Груевски дадена во својство на премиер во јули 2015 година ( што ја цитиравме погоре), најновата изјава на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски за состојбата со медиумите, демократиијата и корупцијата, ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар