ЕЛЕМ постојано ја одложува ветената набавка на сопствена механизација за РЕК Битола

Драган Миновски, генерален директор - ЕСМ, Фото: скриншот

Генералниот директор на Акционерското друштво во државна сопственост за поизводство на електрична енергија ЕЛЕМ, чиј нов назив согласно новото уставно име гласи АД ЕСМ, Драган Миновски, во рамки на гостувањето во емисијата „360 степени“, емитувана на телевизијата „Алсат М“, даде недоследна изјава поврзана со набавката на сопствена механизација за потребите на РЕК Битола, која гласи:

Во март минатата година објавивме тендер за набавка на помошна механизација за потребите на АД ЕЛЕМ, меѓутоа беа пријавени неколку компании, голем број на компании. При техничкиот дијалог, беа поставени многу прашања и анализите покажаа дека со сегашниот Закон за јавни набавки, каде што цената е единствениот критериум за избор на најповолен понудувач, квалитетот ќе изостане. Односно, ќе купиме машини и опрема кои нема да ги задоволат потребите на компанијата, а парите ќе се потрошат. Направените анализи покажаа дека е подобро да почекаме да влезе во сила новиот Закон за јавни набавки, каде што е квалитетот ќе биде една од можностите за рангирање на компаниите. Убеден сум дека успешно ќе ја завршиме таа набавка и дека на крајот на 2019 година ќе имаме сопствени машини.

(Извор: Алсат М /360 степени: „Што се смени и дали воопшто нешто се смени во ЕЛЕМ со смената на власта?“, датум: 19.02.2019)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на актуелната владејачка структура дека АД ЕСМ ќе набави сопствена механизација за ископ и транспорт на јаглен од рудниците на најголемиот рударско-енергетски комбинат за производство на струја во земјава – РЕК Битола, е дел и од предизборната програма на СДСМ насловена како „План за живот во Македонија“, со која партијата настапи на предвремените парламентарни избори на крајот на 2016 година, по кои вушност настапија политичките промени.

Со започнување на експлоатацијата на подинската јагленова серија во рудникот Суводол и со јамска експлоатација на рудниците во Живојно и Витолиште, ќе го продолжиме работниот век на столбот на македонската енергетика – РЕК Битола. Притоа, експлоатацијата ќе се врши со високопродуктивна механизација во сопственост на АД ЕЛЕМ, со што ќе се раскинат постоечките коруптивни договори со кои години наназад од македонскиот буџет се одлеваат 120 милиони евра на годишно ниво, се наведува на страна 81 од програмата.

Притоа, во делот на програмата насловен „План 180“, каде се содржани итните реформски приоритети во првите 6 месеци (стр.220), се наведува дека новата влада предводена од СДСМ се обврзува оти ќе објави нов оглас за набавка на механизација за потребите на РЕК Битола и ќе обезбеди мониторинг на целиот процес со вклучување на граѓанскиот сектор. Практично, рокот за ова ветување тече од изборот на актуелната влада предводена од социјалдемократите во мај 2017 година, по што следуваше и именувањето на Миновски за нов директор на АД ЕСМ неколку месеци подоцна, односно во август истата година.

Под негово раководство, државната компанија за производство на струја објави тендер за купување на 44 парчиња помошна механизација за РЕК Битола во вредност од 19 милиони евра при крајот на март 2018 година, што беше 7 месеци по именувањето на Миновски за генерален директор на државната компанија и 9 месеци по изборот на новата влада предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Оттука, првото од многуте пробивања на дадените рокови во однос на набавката на сопствена механизација е самото објавување на тендерот, што се случува 3 месеци подоцна од ветувањето дадено во предизборната програма на СДСМ.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, се очекува машините да бидат испорачани до крајот на годината (2018). Со тоа, во 2019 помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи. Со поседувањето сопствена механизација, РЕК Битола ќе добие на ефикасност и флексибилност во процесот на подготовка и ископ, рече Миновски на прес-конференцијата по повод објавување на тендерот за помошна механизација, на која воедно најави дека веќе во следниот месец (април) ќе биде објавен и тендер за циклична механизација за ископ на јаглен во вредност од 22 милиони евра, чија испорака, како што навести тој, може да се очекува во текот на 2019 година.

Арно ама, најавите на централните и енергетските власти дека досега ќе беше набавена целокупната потребна механизација за рудниците на РЕК Битола, со цел ЕЛЕМ да не троши милионски средства за ангажман на надворешна механизација од приватни компании, не се остварија, со оглед на тоа што тендерската постапка за набавка на помошна механизација никогаш не се комплетираше, туку напротив – се поништи. Што се однесува до најавената тендерска за постапка за циклична механизација, пак, воопшто не се ни отпочна.

Иако Миновски најави дека машините од набавката на помошна механизација ќе бидат испорачани до крајот на минатата 2018 година, сепак, кон крајот на годината од ЕЛЕМ информираа дека тендерската постапка е уште во почетна фаза, односно во фаза на технички дијалог, во чии рамки заинтересирани компании поставуваат прашања и испорачуваат забелешки и евентуални барања за измени во тендерската документација. Паралелно со тоа, државната компанија, како што информираше тогаш, вршела истражување на пазарот согласно забелешките дадени при техничиот дијалог.

Сепак, сето тоа пропаѓа во вода, имајќи ги предвид најновите најави на Миновски дека ќе спроведат нова тендерска поспапка откако ќе стапи на сила новиот Закон за јавни набавки, кој е веќе изгласан од страна на Парламентот и од април стапи во сила. Доколку се има предвид досегашното неколкукратно пробивање на роковите за набавка на механизација, тогаш неговите зборови, дека до крајот на годинава во рудниците на РЕК Битола ќе се користи сопствена механизација, делуваат крајно недоследно. Па, додека неколкукратно се одложува оваа набавка поради наводни заштеди, државната компанија склучи десетици високи договори за ангажман на надворешна механизација со „Пелистер“, „Марковски компани“ и други приватни компании.

 

ИЗВОРИ:

01. Алсат М – 30 степени (19.02.2019): „Што се смени и дали воопшто нешто се смени во ЕЛЕМ со смената на власта?“ (Пристапено на 10.06.2019)

02. Предизборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“ (стр. 81 и стр. 220) (Пристапено на 10.06.2019)

03. СДК (31.05.2017): Изгласана владата на Заев (Пристапено на 10.06.2019)

04. Либертас (06.08.2017): Драган Миновски е новиот директор на ЕЛЕМ (Пристапено на 10.06.2019)

05. МКД (26.03.2018): Тендер на ЕЛЕМ, 19 милиони евра за механизација за РЕК Битола (Пристапено на 10.06.2019)

06. Макфакс (26.03.2018): ЕЛЕМ објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола (Пристапено на 10.06.2019)

07. Фактор (22.10.2018) Го дерат ли приватните фирми РЕК Битола за ископ на јаглен и јаловина? (Пристапено на 10.06.2019)

08. Академик (29.01.2019) Донесен новиот Закон за јавните набавки (Пристапено на 10.06.2019)

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција