Ендокринологот Тодорова и новинарката Арсова ставени во монтирано видео за препарат за слабеење

Видео креирано со вештачка интелигенција со невистини лови купувачи на препарат за слабеење. Видеоматеријалот е создаден со помош на вештачка интелигенција и со злоупотреба на претходно објавени видеа и невистинито прикажување на наводно задоволен клиент

Видео креирано со вештачка интелигенција со невистини лови купувачи на препарат за слабеење. Видеоматеријалот е создаден со помош на вештачка интелигенција и со злоупотреба на претходно објавени видеа и невистинито прикажување на наводно задоволен клиент

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се презентира видеоматеријал за промоција на чај:

ЧАЈ ЗА СЛАБЕЕЊЕ И ДЕТОКСИКАЦИЈА НА ОРГАНИЗМОТ

Меѓутоа, рекламниот материјал којшто е презентиран за да се рекламира чајот, претставува видео создадено со помош на вештачка интелигенција и со злоупотреба на претходно објавени видеа и невистинито прикажување на наводно задоволен клиент.

Прво, злоупотребен е идентитетот на новинарката на Сител телевизија, Славица Арсова, којашто е невистинито претставена како да презентира „вест“ за „40 годишна жена која се борела со прекумерна тежина и за 2 недели ослабела 10 килограми“. На вестите на ТВ Сител никогаш не е презентирана ваква содржина, туку сценариото коешто невистинито ѝ се припишува на Арсова претставува материјал додаден со монтажа. Ваков прилог не постои, ниту пак, некогаш бил емитуван на телевизија.

Потоа во видеото се презентира и наводно сведоштво на жена, но и тоа е креирано со помош на вештачка интелигенција. Многу елементи на видеото сведочат за неговата неавтентичност, но главниот е кога ќе се погледне пределот околу устата на говорниците, се гледаат траги на графичка манипулација, некоординираност на мрдањето на усните со тоа што лажно се тврди дека „се изјавува“, но и од некои сегменти од видеото каде што се менува акцентот на наводниот говорник.

Се викам Милица, имам 40 години, порано јадев што сакам и никогаш не се дебелеев, сè се смени пред 7 години кога почнав да забележувам вишок килограми. Секој ден вагата покажуваше сè повеќе и повеќе, не можев да поверувам. Веднаш почнав да барам спас, држев диети, вежбав со личен тренер но ништо не ми помагаше. Пред 3 години кога тежев веќе над 100 килограми, првпат решив да посетам диетолог. Лекарот ме прегледа и веднаш започнав со третман, ги следев сите негови совети и препораки, стотици процедури, илјадници апчиња, постојано ограничување, потрошив илјадници евра на третмани но сето тоа беше залудно. Како последица од прекумерната тежина почнаа да ми се појавуваат проблеми со срцето, мислев дека ќе страдам од ова до крајот на животот. Еден ден на Фејсбук видов како доктор Билјана Тодорова ги нарече идиоти сите кои се обидуваат да ослабат со методи кои ги препорачуваат диетолозите, прво се налутив но потоа ја прочитав статијата на нејзината веб-страница и сфатив дека има целосно право, наивни бевме што верувавме во таа глупост што ни ја кажуваа диетолозите, почнува невистинитото „сведочење“ во видеото од објавата што ја рецензираме.

Потоа во видеото следува уште поскандалозен момент, кога се презентира невистинито тврдење во кое се злоупотребува реномето и идентитетот на вистинска докторка, ендокринологот Билјана Тодорова. Во објавата се презентира видео од неа, но тоа видео е злоупотребено на начин што самиот текст кој го кажува Тодорова е измислен. А видеото е неовластено преземено од нејзино вистинско интервју коешто може да го погледнете овде и во кое таа не промовира ништо слично на она од објавата што ја рецензираме. Комплетно фабрикуваната изјава којашто доктор Тодорова никогаш не ја кажала, а која во ова видео со помош на монтажа и вештачка интелигенција ѝ се припишува гласи:

Навистина ги нареков идиоти луѓето кои се обидуваат да ослабат со помош на модерни методи што ви ги подметнуваат поткупени диетолози и фармацевтски корпорации и подготвена сум да го кажам тоа повторно. Навистина мислите дека нешто што не ви помогнало со децении може одеднаш да ви помогне да ослабете преку ноќ? Водечките научници потврдија дека проблемите со прекумерната тежина не се поврзани со метаболизмот, диетите или физичката активност, туку со неактивноста за согорување масти во телото. Вашите масти ќе почнат да се топат, ќе се активираат ензими што го разградуваат салото околу половината и колковите, истражувачите открија нов чуден вид билка која во комбинација со чаша вода пред спиење ги активира ензимите за согорување масти, дозволувајќи ви да согорувате масти 323 отсто побрзо за само неколку секунди додека спиете. Овие резултати ја шокираа целата индустрија за слабеење, сите кои го пробале овој билен рецепт изгубиле повеќе од 14 килограми за помалку од 1 недела. 

Во вистинското интервју докторката зборува за проблеми со тироидната жлезда и за хипертироизам, а не за некаков лек за слабеење. Дополнително објавата е исклучително вирална со над 800 допаѓања и 34 коментари.

Инаку во описот на видеото се гледа дека наводниот чај кој се рекламира е од 5 обични тревки – бозел, подабиче, диво оригано, коњски опаш, црвена детелина.

Во повеќе други вакви видеоматеријали креирани со вештачка интелигенција коишто претходно беа пласирани на социјалните мрежи за лажна промоција на други производи, секогаш се користеше невистинитото сценарио – дека некој лекар „ги нарекол идиоти“ тие што се обидуваат да применат некоја друга техника освен онаа што се промовира во рекламата. Таков пример „Вистиномер“ веќе рецензираше во случајот каде злоупотребен беше идентитетот на доктор Жан Митрев.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција