Епидемијата со корона-вирусот во паралела со смислени лажни вести

Манчевски, Чулев и Пендаровски: Разлики околу лажните вести. Фото: Википедија/Собрание на РМ

 

Претедателот на државата, Стево Пендаровски, говореше пред новинарите дека имаат сознанија за намерни и организирани ширења на лажни вести. Од МВР добиваме класично соопштение – тие се задолжени да го спроведуваат законот и тоа го чинат, без поврзување на својата работа со сознанијата на Пендаровски. Потоа со конкрети имиња на медиуми излезе министерот за информатичко општество – Дамјан Манчевски

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Неколку настани во низа станаа дел од дилемата кај граѓаните – има ли и кои се тие организирани креатори на лажни вести, кои сакаат да ги искористат настаните околу одбраната на земјата од корона-вирусот за да го поткопаат рејтингот на институциите? Најпрвин дојде барање на Владата за вклучување на МВР во ловот на оние кои шират лажни вести, потоа дојде соопштение од МВР, кое требаше да значи дека тие се вклучени во таа активност и без потсетување на тоа, па шефот на државата одгатна дека на тој план ѓаволот ја однел шегата за конечно министерот за информатичко општество да ги отвори картите целосно. Да појдеме по ред.

Министерството за внатрешни работи ги извести граѓаните со соопштение од 11 март „како корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно ’лажни’ вести околу вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните“.

Во соопштението понатаму се вели дека лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани, затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Притоа, се додава дека нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. „Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции. За сите потребни информации да се обратат до Министерството за здравство, секторот за односи со јавност во Владата или останатите релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот“.

 

РУТИНСКИ ОДГОВОР

На прашања доставени до прес службата на МВР, а во одговорот на Секторотот за компјутерски криминал, ни беше одговорено дека основот на нивната работа во овој сегмент е усогласен со надлежностите на Министерството за внатрешни работи, кое ги следи вестите што се објавуваат на интернет и на социјалните мрежи, а во врска Ковид-19 и во случај да се утврди дека истите предизвикуваат вршење или поттикнување на вршење кривично дело од Кривичниот законик, министерството, во соработка со Основно јавно обвинителство, ќе отвори истрага согласно Законот за кривична постапка. Согласно член 23 од КЗ, доколку со одредени лажни вести се поттикне вршење кривично дело, а дополнително злоупотреби и ширењето на лажни вести преку интернет и социјални мрежи, поврзано со корона вирусот и мерките на Владата, ќе биде санкционирано согласно член 205 став 5 и член 206 од КЗ. (детали за ова видете во Вистининомер).

 

АПЕЛ

Одговорот е рутински, без детали и без сознанија дали досега се откриени вакви вести. Но, на пресот одржан напладне на 13 март, претседателот на државата, Стево Пендаровски, истакна дека изминатите денови имало обиди за организирано ширење лажни вести во земјата, за да се влоши ситуацијата, користејќи ја епидемијата со корона-вирусот. Службите во неговиот кабинет детектирале неколку такви обиди за предизвикување паника:

Апелирам само за една работа: информирањето да биде од официјални извори. Во вакви ситуации, кога се случува епидемија на болест, има и епидемија на лажни вести кои креваат паника кај населението, при што се создава ситуации кога не им се верува на официјални, туку на алтернативни продуценти на вести. Нашите надлежни служби детектираа неколку обиди за планско ширење лажни вести за предизвикување паника. Не се работи за незнаење, туку за организирано и планско, со цел дополнително да се влоши ситуацијата и да се изгуби вербата во институциите“, рече Пендаровски.

Ова е многу сериозно сознание и упатува на тоа дека во земјава имаме паралелен лов на лажни вести! Организирано и плански да се настапува со импутирање на лажни вести не е наивна работа и за тоа секако мора да се работи за некаква штапска „направија“!

Дали Пендаровски информациите ги добил од Агенцијата за разузнавање (АР), која според законот е овластена за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации што се значајни за безбдноста, одбраната, полтичките, економските и другите интереси на РСМ?

 

УЛОГАТА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ

Оваа непотврдена насока на размислување има логика во тоа што Агенцијата за разузнавање својот директор го добива со указ на претседателот на државата и што собира информации што доаѓаат во кабинетот на овој функционер. На оваа дистанца меѓу конвенционалналниот однос на МВР и бомбата која на 13  март ја кажа Пендаровски на средбата со новинарите, речиси никој не обрнува  доволно внимание на „пожарот што гори“, иако самото изложување на сознанието за тоа дека некој и мисли толку лошо на нашата безбедност за да се наруши угледот на институциите, како што истакна Пендаровски, одново имаме дискрепанца меѓу две важни институции. Особено што во овој миг, ама и во помормални околности, меѓу ваквите институии е неопходна поголема сорботка и размена на информации

Повод за загриженост дава и фактот дека Пендаровски нагласи, на новинарско прашање дали се знае кои се лицата или структурите кои стојат зад лажните вести, шефот на државата „рече дека не може да открие детали, но само кусо рече дека тоа се биле истите ентитети кои на овој начин делувале за време на референдумската кампања“.

Дали е ова одговорот од каде евентуално би имало рaзлики во треманот на ширењето на лажните вести, со оглед на тоа како се сфаќа позицијата на првиот човек на полицијата во опозициските редови?

Дилемата посебно ја засили пресот на министерот за јавна администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, од 15 март. „Oдредени медиуми сакаат да направат дополнителна паника, и мислам дека треба да зборуваме најдиректно, а не одоколу. Курир, Република и Нетпрес, ова се координирани извори на лажни вести, финансирани од еден центар на економска моќ којшто се наоѓа во Будимпешта и којшто ја има под целосна контрола и партијата ВМРО-ДПМНЕ“. Тој одговараше на новинарско прашање дали е точно оти власта крие дека се очекува силна економска и здравствена криза, како што веќе објавиле одредени медиуми.

Апсолутно не постои долна граница под која што не може да паднат ниско овие квази медиуми. Апелирам до другите медиуми во државата да не потпаѓаат на овие влијанија, да не ги шират овие лажни вести и во оваа прилика би сакал уште еднаш да се заблагодарам за одговорното однесување на сите останати медиуми во државата во однос на корона-вирусот. Но, ова заслужува најжестока осуда од страна на сите граѓани“, рече Манчевски.

Со оваа изјава веќе е јасно од каде доаѓа разликата во третманот на лажните вести од страна на различни институции.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција