Етички кодекс: Се удира ли по транспарентоста на јавно обвинителската професија?

Фото: jorm.gov.mk - Принтскрин

Советот на јавни обвинители се соочи со низа критики откако беше усвоен новиот Етички кодекс на јавни обвинители, којшто до ден денес не е променет. Дел од експертската и стручната јавност оцени дека во овој кодекс се содржат низа одредби кои се косат со начелата на транспарентност

Советот на јавни обвинители се соочи со низа критики откако беше усвоен новиот Етички кодекс на јавни обвинители, којшто до ден денес не е променет. Дел од експертската и стручната јавност оцени дека во овој кодекс се содржат низа одредби кои се косат со начелата на транспарентност

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Етичкиот кодекс беше усвоен само еден месец откако екс-специјалната јавна обвинителка, Ленче Ристовска, се осмели да праша зошто не е унапредена во виш јавен обвинител. Со Кодексот на обвинителите им се уредува дури и како да се облекуваат надвор од работното време, но тоа не е нивната главна забелешка. Стравувањата се дека на обвинителите ќе им се затворат устите и нема да смее да даваат информации во јавноста, односно да бидат транспарентни.

Јавната обвинителка Ристоска го изрази своето незадоволство од овој Етички кодекс, особено од новитетот внесен во член 10, став 6, каде се вели дека ,,јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија“.

Оваа одредба е внесена во Кодексот во мај 2021 година, откако после изборот на јавни обвинители во април 2021 година, јас како јавен обвинител изразив незадоволство од недостатокот на транспарентност и нејасноста на критериумите по кои членовите на Советот се раководеле при изборот, рече Ристоска на дебата за корупција во судството и во обвинителството пред неколку месеци.

Во членот 17 во Кодексот се воведува забрана обвинителите да даваат изјави во врска со судењата, каде се странки. Член 6, пак, забранува коментари и изјави за истрагите, по кои обвинителите постапуваат, воопшто.

Јавните обвинители се должни да се воздржуваат од давање изјави во јавност или приватно со кои би можеле да предизвикаат сомнеж во нивната непристрасност, а посебно не треба да даваат коментари за предметите во кои постапуваат или би можеле да постапуваат, се вели во членот 6 од Кодексот.

Според обвинителката Ристовска ова е во директна спротивност со членот 8 од Законот за јавно обвинителство, кој ја промовира транспарентноста како еден од основните стандарди и пропишува обврска Јавното обвинителство да ја информира јавноста, за одделни случаи по кои постапува, а кои предизвикуваат поширок интерес во јавноста или се од значење за остварување на неговата функција.

Од Коалицијата ,,Сите за правично судење” за „Вистиномер“ велат дека етичкиот кодекс на јавните обвинители содржи неколку спорни одредби, кои забрануваат јавните обвинители да ги коментираат напатствијата добиени од повисок јавен обвинител, заклучоците, ставовите и мислењата на стручниот колегиум, или Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и одлуките на Советот на јавните обвинители.

Принципите на централизам, хиерархија и субординација согласно кои е организирано Јавното обвинителство треба да бидат практикувани со големо внимание како би се избегнала концентрацијата на моќ, а со тоа и зголемувањето на ризикот од злоупотреби. Во таа смисла, транспарентноста и отчетноста во однос на донесените одлуки од страна на било кој орган, а секако и на Јавното Обвинителство мора да биде согласно критериумите за демократско и добро владеење. Тоа, меѓу другото, значи дека одлуките, ставовите и мислењата на било кој орган можат да бидат предмет на дискусија од страна на било кое лице, кое смее слободно да понуди и гледишта различни од оние кои се изнесени во одлуката, вели за „Вистиномер“, Натали Петровска, претседателка на Коалицијата.

Со забелешките за несоодветноста на Кодексот не се согласува јавниот обвинител, Љубомир Јовевски според кого, во ниту еден член не се забранува јавно зборување, коментирање и давање изајви за предмети по кои постапуваат јавните обвинители.

Со донесување на Етичкиот кодекс на јавните обвинители се поттикнува градење на модерно, стручно и транспарентно јавно обвинителство и никаде не е предвидена забрана за јавен настап на јавен обвинител. Со него се потикнуваат јавните обвинители својата работа да ја вршат врз основ на принципите на самостојност, непристрасност, интегритет, спречување на судир на интереси, ефикасност и стручно постапување, професионалност, достоинство и воздржаност. Со почитување на овие принципи, јавните обвинители градат неприкосновена, независна, стручна професија која обезбедува правна сигурност и доверба за граѓаните, оцени Јовевски за „Телма“.

И претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, тврди дека ниеден обвинител не приговорил, односно немал забелешки на усвоениот Етички кодекс.

Меѓутоа, од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека е спорно што не се дозволуваат критики и коментирање на одлуките на повисоките органи во јавното обвинителство од страна на обвинител.

Во таа насока, критиките и коментирањето на одлуките и постапувањето на било кој орган можат само да придонесат кон унапредување на транспарентноста и отчетноста, бидејќи органот ќе биде приморан подетално и појасно да ги образложува своите одлуки. Впрочем, доколку со одлуките е донесено навистина објективно најдоброто решение, тогаш органот воопшто не би имал проблем да ја образложи одлуката. Оттука, воопшто не е јасно зошто Етичкиот кодекс на јавните обвинители воведува стандарди на однесување, кои се косат со општо прифатените правила на добро владеење, отчетност, транспарентност и одговорност, рекоа оттаму за „Вистиномер“.

Етичкиот кодекс е донесен во период кога според истражувањата Обвинителството ужива многу ниска доверба меѓу граѓаните. Истражувањето на Еуротинк покажува дека судството и обвинителството се најнегативно оценети институции. Дури 68 проценти од испитаниците немаат доверба во судството и обвинителството.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција