ЕУ и НАТО не сакаат да ја „уништат“ С. Македонија

Фото: НАТО

НАТО е одбранбен сојуз и не управува со земјите членки. ЕУ поставува услови за пристапување, но не настојува да „уништи“ држави. Групи што се противат на овие промени понекогаш ги претставуваат како напад врз суверенитетот или „уништување на нацијата“.

НАТО е одбранбен сојуз и не управува со земјите членки. ЕУ поставува услови за пристапување, но не настојува да „уништи“ држави. Групи што се противат на овие промени понекогаш ги претставуваат како напад врз суверенитетот или „уништување на нацијата“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Врхунецот на ЕУ и НАТО е да ја уништат Македонија и тоа ќе биде најголемата победа за к**вите.

ЕУ и НАТО не сакаат да ја „уништат Македонија“, како што се наведува во објавата која изобилува со навредлив јазик за овие заедници. Северна Македонија е членка на НАТО од 2020 година. Земјата доброволно се приклучи по години соработка и реформи. Целта на НАТО во регионот е стабилност и безбедност, а не уништување.

ЕУ ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија и ја призна како земја кандидат за членство во ЕУ уште во 2005 година. Процесот на пристапување е бавен, главно поради споровите околу историјата и јазикот со Бугарија и претходно со Грција околу прашањето за името. Двете организации ја гледаат интеграцијата на Западен Балкан како важна за мирот, демократијата и регионалниот развој – а не како нешто што треба да ги ослабне или уништи државите.

Европската Унија (ЕУ) ѝ помага на Северна Македонија на многу начини – политички, економски и општествено – особено преку процесот на приближување кон членство во ЕУ. Северна Македонија е земја кандидат и работи на исполнување на стандардите на ЕУ во областа на демократијата, владеењето на правото, човековите права и јавната администрација. ЕУ ги поддржува реформите во правосудството, управата, борбата против корупцијата и организираниот криминал — за зајакнување на институциите и демократијата.

Северна Македонија добива стотици милиони евра од ЕУ за модернизација на инфраструктурата, образованието, заштитата на животната средина, земјоделството и дигитализацијата. Околу 80 проценти од извозот на Северна Македонија оди во земјите на ЕУ. ЕУ е најголемиот трговски партнер на земјата.

На страницата на делегацијата на ЕУ, може да се погледнат сите проекти поддржани од ЕУ.

Граѓаните и компаниите во Македонија веќе имаат корист од безвизен режим за патување во Шенген-зоната (од 2009 година), финансиска поддршка од ЕУ за општини, мали бизниси и еколошки проекти, подобрени закони и стандарди во безбедноста на храната, заштитата на потрошувачите и правата на работниците. ЕУ ја промовира добрососедската соработка и поддржува проекти за прекугранична соработка со Албанија, Грција, Косово и Бугарија.

Земјата, исто така, има придобивки и од ИПА Програмата за повеќе корисници, која во периодот 2014-2022 година издвои ЕУ-помош во висина од 3,24 милијарди евра за поддршка на проекти од регионално значење за Западен Балкан.

Илјадници млади граѓани од С. Македонија студираат, се обучуваат или волонтираат во земјите на ЕУ преку Еразмус+ и други програми за размена. ЕУ ја поддржува соработката меѓу македонските и европските универзитети и финансира истражувачки и иновациски проекти.

Сите овие активности не би се случувале доколку ЕУ сака да ја уништи Северна Македонија, како што тоа се тврди во објавата што ја рецензираме. Со влезот во НАТО во 2020 година, Северна Македонија стана дел од најсилниот воен сојуз во светот.

Според членот 5 од Договорот, напад врз една членка се смета за напад врз сите, што значи дека земјата има колективна заштита. Ова значително ја зголемува безбедноста и стабилноста. Членството на Северна Македонија во НАТО има големо влијание врз безбедноста, политиката и меѓународниот углед на земјата.

НАТО е одбранбен сојуз и не управува со земјите членки. ЕУ поставува услови за пристапување, но не настојува да „уништи“ држави.

Групи што се противат на овие промени понекогаш ги претставуваат како напад врз суверенитетот или „уништување на нацијата“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција