ЕУ и НАТО не сакаат да нè воведат во нуклеарна војна, Путин е тој што се заканува со нуклеарно оружје

Експлозија на нуклеарна бомба Фото: Burnt Pineapple Productions, CC0, via Wikimedia Commons

Западниот свет ниту се заканува ниту посакува нуклеарна војна, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Од стартот на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, руската страна во повеќе наврати преку највисокиот државен врв упатува такви закани и нуклеарна реторика

Западниот свет ниту се заканува ниту посакува нуклеарна војна, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Од стартот на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, руската страна во повеќе наврати преку највисокиот државен врв упатува такви закани и нуклеарна реторика, која од страна на НАТО и ЕУ е осудена и јасно е дадено до знаење дека Западот не посакува нуклеарна војна 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

SHTO CHEKAME?! KE DOZVOLIME LI PSIHOZABOLENI PEDOFILI, NEKROFILI I SODOMISTI NA CHELO NA EU I NATO DA NE ODVEDAT VO TRETA SVETSJA NUKLEARNA VOHBA DA GINAT CELI NACII A TIE DA DOZHICUVAAT ORGAZMI VO BRANOVI PO SEKOJ IZVESHTAJ ZA ZAGINATI STOTICI MILIONI NEDOLZHNI LUDJE. MORA DA VOSTANEME I GI UNISHTIME SOROSOIDITI I PSIHOPATITE BO PARTII I VLASTITE,

Темата за нуклеарното оружје повторно стана централна точка во меѓународните односи по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Во јавниот дискурс често се појавуваат обвинувања дека и Русија и НАТО се закануваат со нуклеарна војна.

Меѓутоа, според официјални документи, изјави и политички доктрини, само руското раководство – предводено од Владимир Путин – директно користи нуклеарна реторика и закани, додека НАТО и ЕУ ја задржуваат својата доктрина на одвраќање (deterrence) и не се закануваат со напад.

Од почетокот на инвазијата на Украина, Путин и други високи руски функционери повеќепати упатија директни и индиректни закани со нуклеарно оружје.

Така, на пример, на 25 септември 2024 година, „Гардијан“ објави дека Путин го предупредил Западот оти размислува да користи нуклеарно оружје.

Владимир Путин ја ескалираше својата нуклеарна реторика, кажувајќи ѝ на група високи официјални лица дека Русија би зела предвид користење нуклеарно оружје, ако биде нападната од која било држава со конвенционално оружје. Овие коментари се најсилното руско предупредување против тоа Западот да ѝ дозволи на Украина да користи западни ракети со долг дострел за длабински напади на руска територија. Путин рече дека Русија ќе разгледа употреба на нуклеарно оружје доколку Москва добие „доверливи информации“ за почетокот на масовно лансирање ракети, авиони или беспилотни летала против неа, пишува „Гардијан“.

Во ноември 2024 година, Путин потпиша нова верзија на нуклеарната доктрина со која се намалува прагот за употреба на нуклеарно оружје. Според измените, напад од држава која добива поддршка од нуклеарна сила може да се смета за напад врз Русија.

Во 2023 година, Москва распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија — првпат по распадот на СССР. Овој потег беше интерпретиран како сигнал за притисок врз Западот и Украина.

Во ноември 2024 година, Путин изјави дека земјите кои ѝ дозволуваат на Украина да користи нивно оружје за напади на руска територија, може да се сметаат за „учесници во конфликтот“.

Значи, руската стратегија го поместува прагот на можноста за нуклеарен одговор дури и во случаи кои не се директна егзистенцијална закана. Русија ја користи нуклеарната реторика како психолошко и политичко оружје за одвраќање и заплашување на Западот, а ваквите изјави создаваат ризик од погрешна проценка и непредвидлива ескалација.

Чаура за нуклеарна бомба Б61, Воздухопловен музеј MAPS, Охајо, САД Фото: Wilson44691, CC0, via Wikimedia Commons

За разлика од Русија, НАТО и Европската Унија не се закануваат со нуклеарна употреба, ниту пак, имаат политика на „прва употреба“ (first use).

НАТО се дефинира како одбранбена алијанса која има нуклеарно оружје само за да спречи напад, а не за да започне конфликт. Според НАТО, „додека постојат нуклеарни оружја, НАТО ќе остане нуклеарна алијанса“, но со јасно нагласување дека нуклеарната одлука се носи колективно и само како последно средство.

Иако НАТО формално ја нема прифатено политиката на „No First Use“, во пракса не се заканува со прв напад и ретко употребува агресивна нуклеарна реторика.

На страницата на НАТО под реден број 12 на прашањето „кој е одговорот на НАТО на руската опасна реторика околу нуклеарно, хемиско и биолошко оружје“ пишува:

Руската заканувачка нуклеарна реторика е опасна и неодговорна. НАТО ги зема овие закани сериозно, но нема да биде исплашено. НАТО останува посветено и упатува јасна порака за Русија дека нуклеарната војна не може да биде добиена и никогаш не треба да се води. Каква било употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија фундаментално би ја променила природата на војната и би имала жестоки последици за Русија. Понатаму, НАТО партнерите се длабоко загрижени за пријавеното користење на хемиско оружје од страна на Русија против украинските сили. Секое користење на хемиско или биолошко оружје од страна на Русија би било кршење на меѓународното право и воено злосторство и ќе резултира со сериозни последици.

Што се однесува до Европската Унија, таа не поседува нуклеарно оружје. Само Франција има национален нуклеарен арсенал во рамките на Унијата. Европската Унија е активен промотор на меѓународните договори за неширење на нуклеарно оружје (NPT) и поддржува дипломатски решенија наместо воена ескалација.

Земјите членки на ЕУ редовно повикуваат на деескалација на нуклеарната реторика, вклучувајќи и критика кон Москва за нејзините закани.

ЕУ на најсилен можен начин ја осудува нелегалната, неоправдана и неиспровоцирана агресивна војна на Русија против Украина. Дејствијата и заканите на Русија за употреба на нуклеарна сила се провокативни, опасни, ескалаторни и целосно неприфатливи, се наведува во изјавата на ЕУ на Првиот комитет на Генералното собрание на ОН.

Западниот свет ниту се заканува ниту посакува нуклеарна војна, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Од стартот на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, руската страна во повеќе наврати преку највисокиот државен врв упатува такви закани и нуклеарна реторика која од страна на НАТО и ЕУ е осудена и  јасно е дадено до знаење дека Западот не посакува нуклеарна војна.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција