ЕУ и НАТО не се завојувани страни во Украина, а Русија е таа што го попречува мирот

Илустрација: Вистиномер.мк

Тврдењето дека војната во Украина е војна на ЕУ и НАТО оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО, а Русија само се брани. Тврдењето дека Западот и НАТО се тие што сакаат војната да не заврши, исто така кореспондира со реториката на Москва. 

Тврдењето дека војната во Украина е војна на ЕУ и НАТО оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО, а Русија само се брани. Тврдењето дека Западот и НАТО се тие што сакаат војната да не заврши, исто така кореспондира со реториката на Москва 

 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која за војната во Украина вели:

Западот и НАТО, не се во состојба да победат. Војната нема да прекине, западот едноставно пробува да обезбеди време за да се реорганизира, но …… не се наивни од спротивната страна.

Објавата манипулира и прави обид да ѝ укаже на јавноста дека Западот (се мисли на западните држави членки на ЕУ и НАТО) и НАТО се инволвирани страни во војната во Украина и дека тие не се во состојба да победат. Прво, ЕУ и НАТО не се страни во војната, па оттука и не може да се кажува дали тие можат или не можат да победат.

Тврдењето дека војната во Украина е војна на ЕУ и НАТО оди во прилог на про-Кремљ дезинформациите дека Русија не е виновна за војната во Украина, дека војната ја почнале ЕУ и НАТО,  а Русија само се брани.

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите, односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година.

Имено, на 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014 година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

ЕУ ѝ пружа воена и финансиска помош на Украина која има право да се брани од руската воена инвазија и да го штити својот територијален интегритет.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.

ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.

НАТО ја осудува руската брутална неиспровоцирана воена агресија врз Украина, независна, демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ овозможуваат на Украина поддршка, помагајќи ѝ да го одржи фундаменталното право на самоодбрана.

Во текст со наслов „да расчистиме“, НАТО објавува дека не е во војна со Русија и тоа го квалификува како мит.

НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што НАТО го прави е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, коешто е втемелено во Повелбата на Обединетите нации. Изминатите месеци, имаме преземени само дефанзивни мерки за да го засилиме присуството на НАТО трупите во источниот дел на Алијансата. Ова обезбедува дека нема да има место за недоразбирања во Москва околу подготвеноста НАТО да ги заштити и брани своите сојузници. Нашата основна задача е да обезбедиме нашите 30 нации да бидат безбедни. Имаме одговорност да осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, затоа што тоа би било уште поопасно и поразорно, пишува на сајтот на НАТО.

Тврдењето дека Западот и НАТО се тие што сакаат војната да не заврши, исто така кореспондира со реториката на Москва. Така на пример, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на 24 август изјави дека „западните земји го блокираат мирот“ и ги обвини Западна Европа и САД за спречување на преговорите, вклучително и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „упорно поставува услови и инсистира на итен состанок“ со Путин, со што ја попречува договорената динамика на преговорите. Од друга страна, тој, во рамките на Обединетите нации, ги отфрли сите планови поддржани од Западот како „пат без перспектива“, тврдејќи дека тие служат само како оправдување да продолжи конфликтот и да се обезбедат средства од „западните даночни обврзници“.

Претседателот Зеленски повеќе пати ја обвини Русија дека „купува време“ со поставување неразумни услови за прекин на огнот и продолжување на нападите — иако преговорите не напредуваат.

На седницата на ООН, делегати од повеќе земји јасно посочија дека Украина не е пречка за мир — Русија е таа што го одолговлекува, и дека Киев е подготвен за безусловен прекин на огнот.

Официјалната руска позиција е дека Западот го блокира мирот, но зад ова стои тактика: со префрлање на вината врз Западот, Русија си остава простор да ја продолжи војната додека меѓународно тврди дека е „подготвена за дијалог“.

Русија го блокира мирот не затоа што воопшто не сака мир, туку затоа што сака мир само под свои услови:

  • признавање на освоените територии,
  • гаранции за неутралност на Украина,
  • слабеење на западното влијание во регионот.

Сè додека Украина и нејзините сојузници не го прифатат тоа, Москва има интерес да продолжи со војната како средство за притисок.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција