ЕУ и СДСМ не се фашистички организации

Историска реконструкција на Варшавското востание 1944 Фото: Piotr VaGla Waglowski, http://www.vagla.pl, via Wikimedia Commons

Европската Унија наспроти фашизмот, ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Во статутот на СДСМ се застапуваат социјалдемократски идеи и е наведено дека ќе се почитува антифашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет

Европската Унија наспроти фашизмот, ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. Во статутот на СДСМ се застапуваат социјалдемократски идеи, во него е наведено дека ќе се почитува антифашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

НЕОФАШИСТИЧКИ ПОЛИТИЧАРИ ЈА ПЉАЧКААТ МАКЕДОНИЈА.

Објавата споделува фотографија од знамето на СДСМ, а во средината се наоѓа знамето на ЕУ и кукаст крст, кој е симбол на нацизмот.

Со тоа, објавата алудира дека Европската Унија, но и СДСМ како партија која ја поддржува евроинтеграцијата на државата, се фашистички организации, што не е точно.

Европската Унија е основана и функционира до ден денешен врз основа на постулати кои се дијаметрално спротивни на фашизмот. Заштитата на малцинствата, силниот акцент на човековите права и основните слободи се принципите кои се спротивни на фашистичките, а кои ЕУ ги промовира и заштитува. Еден од механизмите со кои се прави тоа во ЕУ е Европскиот суд за човекови права.

Фашистичките режими функционираат со угнетувачки политики, прогон на политички противници, цензура, непочитување и грубо кршење на човековите права. Како авторитарна идеологија фашизмот ги носи обележјата – диктаторски лидер, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во „природна општествена хиерархија“, подреденост на индивидуалните интереси на сметка нацијата или расата и строга контрола на општеството и економијата. Овие обележја на фашизмот во Европската Унија се отфрлени и ЕУ против нив се бори и преку индивидуалните законодавства на посебните држави, но и преку разни конвенции, акции, институции итн.

Во фашистичките режими целта е да се создаде тоталитарна држава каде владее само една партија, се верува во „расна чистота и господарска раса“, а сето тоа е завиено со дискриминација и демонизирање некој „друг“ како што се Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства или имигрантите. Овие идеи ги мотивираат фашистичките режими да вршат масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди. Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено. Наместо тоа, ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување. ЕУ и ЕК се борат и отворено стојат против антисемитизмот, присутен и до ден денешен.

Европската Унија наспроти фашизмот, ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. Фашизмот спротивно на ова, промовира хомоген национален идентитет и често се манифестира преку агресивен национализам и ксенофобија.

ЕУ се придржува до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции во кои одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

Што се однесува до најголемата опозициска партија СДСМ, таа не е профашистичка, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

Во статутот на СДСМ се застапуваат социјалдемократски идеи како:

  • Целосно почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи, согласно највисоките цивилизациски и демократски придобивки
  • Развивање на демократијата и обезбедување еднаквост на граѓаните
  • Натамошна изградба на Република Северна Македонија како суверена, демократска и правна држава, која почива на темелните вредности на нејзиниот уставен систем, обезбедува плуралност и слобода на медиумите
  • Унапредување на еднаквите можности на жените и мажите
  • Изградба на општество на еднакви шанси и социјална правда, во кое ќе бидат гарантирани економските слободи и заштитата на правата од работа
  • Развивање на пазарно стопанство кое ќе обезбедува одржлив раст и создавање работни места во услови на рамноправност на стопанските субјекти
  • Втемелување и примена на европските вредности во Северна Македонија и нејзино членство во ЕУ и НАТО
  • Афирмација на правата и зголемување на шансите за најранливите категории и маргинализираните поединци и групи
  • Обезбедување на услови за развој на науката, образованието, културата и спортот
  • Развивање одговорен пристап кон животната средина и природата
  • Негување на културните вредности и историските придобивки на Северна Македонија и на сите заедници кои живеат во нејзините граници
  • Настојување за обезбедување на правата и слободите гарантирани со меѓународните документи за Македонците во соседните земји и развивање на постојана културна, социјална и економска комуникација со нив и со иселениците
  • Почитување на антифашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет
  • Унапредување и афирмација на меѓуетничкиот соживот и меѓурелигиска толеранција и дијалог

Следствено, во самиот статут на партијата е наведено дека ќе се почитуваат антифашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет.

Кога ќе се погледнат целите во статутот на СДСМ, евидентно е дека тие се дијаметрално спротивни на оние на фашизмот, така што не е вистина дека СДСМ е профашистичка или нацистичка партија. СДСМ има побарано и законски партиите да се дистанцираат од фашизмот и нацизмот.

Поради сето ова, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција