ЕУ Комесарите не можат „да прават што сакаат“
Исто како што пратениците се бираат на избори во демократските земји, така и европратениците во Европскиот парламент се бираат на европските избори. Исто како што пратениците во парламентите во демократските држави избираат влади, така и европратениците гласаат за составот на Европската Комисија. Манипулативно е тврдењето дека ЕУ комесарите „не одговараат пред народот“, „можат да прават што сакаат“ и да носат одлуки „најчесто против волјата на народот“. Oна што е важно тоа е дека отчетноста и контролата на сите позиции во рамките на Европската унија и Европската комисија е јасно дефинирана
Исто како што пратениците се бираат на избори во демократските земји, така и европратениците во Европскиот парламент се бираат на европските избори. Исто како што пратениците во парламентите во демократските држави избираат влади, така и европратениците гласаат за составот на Европската Комисија. Манипулативно е тврдењето дека ЕУ комесарите „не одговараат пред народот“, „можат да прават што сакаат“ и да носат одлуки „најчесто против волјата на народот“. Oна што е важно тоа е дека отчетноста и контролата на сите позиции во рамките на Европската унија и Европската комисија е јасно дефинирана
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
КОЈ РАКОВОДИ СО ЕУ? Со ЕУ раководат 28 комесари, кои ниту се избрани на избори од народот, ниту можат бидат сменети од народот. Бидејќи нивниот избор не зависи од народот, тие не одговараат пред народот и затоа можат да прават што сакаат, и да носат секакви одлуки кои се најчесто против волјата на народот. Затоа во ЕУ постои огромно противење на функционирањето и на постоењето на самата ЕУ, која се повеќе се обидува да им го одземе суверенитетот на државите и да им ги наметне своите правила, прописи и квоти, и затоа се појавија голем број на движења и партии кои пропагираат напуштање на ЕУ. Дали треба да влеземе во унија во која главните одлуки ги носат политички комесари кои не се избрани директно од народот?
Нова Комисија се назначува на секои 5 години, во рок од 6 месеци од изборите во Европскиот парламент. Постапката е следната: Владите на државите-членки предлагаат нов Претседател на Комисијата, кој мора да го избере Европскиот парламент. Предложениот Претседател на Комисијата, во разговори со владите на државите-членки, ги избира другите членови на Комисијата. Новиот Парламент ги интервјуира сите предложени членови и дава свое мислење за целиот „Колеџ на комесари“. Доколку биде одобрена, новата Комисија може официјално да ја започне својата работа.
Неформално, членовите на Комисијата се познати како „Комесари“. Сите тие имале политички позиции и многумина биле министри на влади, но како членови на Комисијата тие се посветени на постапување во интерес на Унијата како целина и обврзани да не примаат и прифаќаат инструкции од националните влади.
Комисијата е политички одговорна пред Европскиот Парламент, коj има моќ да ја принуди на (колективна) оставка, доколку ѝ изгласа недоверба. Комисијата присуствува на сите седници на Парламентот, каде што мора да ги разјасни и оправда своите политики. Исто така, редовно одговара на писмени и усни прашања поставени од пратениците. Дневната работа на Комисијата ја вршат нејзините административни службеници, експерти, преведувачи, толкувачи и Секретаријатот.
Точно е дека има извесни разлики меѓу начините на кои се предлагаат лицата за највисоки функции во Европската унија и во некоја дмеократска земја. Но, тоа е затоа што Европската унија не е држава, туку унија на суверени држави. Oна што е важно тоа е дека отчетноста и контролата на сите позиции во рамките на Европската унија и Европската комисија е јасно дефинирана и формира транспарентна, отчетна и ефикасна поделба на задолженијата.
Во постот се вели дека „со ЕУ раководат 28 комесари, кои ниту се избрани на избори од народот, ниту можат бидат сменети од народот“. Да, но тоа е така и во демократските земји. И во нив, како и во Европската унија, владите се менуваат од националните парламенти (од избраниците на народот), како што и во ЕУ, Европската Комисија може да биде сменета од Европскиот Парламент (исто од избраниците на народот). Да, во една држава граѓаните можат со протести, на пример, да извршат сериозен притисок за смена на Владата, но, на крај таквата смена мора да биде изгласана од пратениците во националниот парламент.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме, оценуваме дека е манипулативна и има сериозен недостиг на контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар