ЕУ не ги укинува ознаките за сите ГМО производи, туку ги олеснува правилата за дел од ГМО растенија
Tврдењето дека храната произведена со современи методи на генетско инженерство ќе може да се продава без посебно етикетирање е точно само за производите што спаѓаат во категоријата NGT-1. Не е точно дека сите генетски модифицирани производи ќе бидат изземени од правилата за означување, ниту пак дека Европската Унија ги укинува постојните ГМО регулативи.
Tврдењето дека храната произведена со современи методи на генетско инженерство ќе може да се продава без посебно етикетирање е точно само за производите што спаѓаат во категоријата NGT-1. Не е точно дека сите генетски модифицирани производи ќе бидат изземени од правилата за означување, ниту пак дека Европската Унија ги укинува постојните ГМО регулативи
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која меѓу другото вели:
Малата земја Македонија упорно се стреми за влез во ЕУ, но дали тоа автоматски значи дека на Македонскиот народ ќе му биде добро во сѐ?
Проценете сами преку оваа вест:
„Генетски инженеринг во супермаркетите: ЕУ се согласува на полабави правила“
Во иднина, храната модифицирана со користење на современи методи на генетско инженерство ќе може да се продава во супермаркетите во ЕУ без посебно етикетирање. Преговарачите од земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент се согласија во Брисел да ги изземат ваквите продукти во многу случаи, од претходно строгите правила на ЕУ за генетско инженерство.
Тврдењето дека „во иднина, храната модифицирана со користење на современи методи на генетско инженерство ќе може да се продава во супермаркетите во ЕУ без посебно етикетирање“ е делумно точно, но му недостига важен контекст, поради што може да создаде погрешен впечаток дека Европската Унија целосно ги укинува правилата за генетски модифицирана храна.
Станува збор за новата регулатива на Европската Унија за т.н. „нови геномски техники“ (New Genomic Techniques – NGT), која се однесува на растенија добиени со понови методи на генетско одгледување, меѓу кои и технологијата CRISPR. Според информациите објавени од Европската комисија, новите правила не ги опфаќаат сите генетски модифицирани организми, туку воведуваат поделба на две категории растенија.
Првата категорија, позната како NGT-1, ги опфаќа растенијата кај кои направените генетски измени би можеле да настанат и природно или преку традиционални методи на селекција. Овие растенија ќе бидат третирани на сличен начин како конвенционалните сорти и за нив нема да биде потребно означување како генетски модифицирани производи на крајната храна што ќе се продава во продавниците. Сепак, семенскиот материјал ќе треба да биде означен.
Од друга страна, за втората категорија – NGT-2, која опфаќа растенија со посложени генетски измени, и натаму ќе важат постојните строги правила на Европската Унија за генетски модифицирани организми. Тоа подразбира задолжителна проценка на ризикот, постапка за одобрување, следливост и етикетирање на производите.
Поради тоа, тврдењето дека храната произведена со современи методи на генетско инженерство ќе може да се продава без посебно етикетирање е точно само за производите што спаѓаат во категоријата NGT-1. Не е точно дека сите генетски модифицирани производи ќе бидат изземени од правилата за означување, ниту пак дека Европската Унија ги укинува постојните ГМО регулативи.
Насловот „Генетски инженеринг во супермаркетите: ЕУ се согласува на полабави правила“ може да се оцени како делумно сензационалистички, бидејќи не прави разлика помеѓу класичните генетски модифицирани организми и растенијата добиени со новите техники на генетско уредување. Попрецизна формулација би била дека Европската Унија воведува поедноставени правила за одредени генетски уредени растенија, додека за останатите генетски модифицирани организми продолжуваат да важат постојните ограничувања и обврски за етикетирање.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како објава на која ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар