ЕУ не го саботира Георгеску

Фото: Focus Creștin, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Не е точно дека ЕУ прави напори да го спречи Георгеску да победи, туку прави напори да истражи странско малигно влијание односно недозволено мешање во изборите. За ЕУ е важно да биде испочитувана волјата на граѓаните во земјите членки и да се овозможат фер избори. Самото поништување на изборните резултати не беше од ЕУ туку од внатрешни романски институции (Уставниот суд поради руско мешање). а како резултат на декласифицирани извештаи – повторно од домашните романски служби

Не е точно дека ЕУ прави напори да го спречи Георгеску да победи, туку прави напори да истражи странско малигно влијание, односно недозволено мешање во изборите. За ЕУ е важно да биде испочитувана волјата на граѓаните во земјите членки и да се овозможат фер избори. Самото поништување на изборните резултати не беше од ЕУ, туку од внатрешни романски институции (Уставен суд) како резултат на декласифицирани извештаи, повторно од домашните романски служби

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Замислете да укинете избори, да ги рестриктирате сите социјални мрежи, да ги скинете сите критични ТВ канали, да ги уапсите сите најјаки поддржувачи на кандидат и на крај и да му скинете греење и струја во станот кај што живее и уште да се викате демократија. Само во факен наци ЕУ. 

Потоа се споделува фотографија во која на англиски јазик е наведено:

Најнова вест: ЕУ ги прави сите возможни напори да го спречи Георгеску да победи на следните избори во Романија, откако ги поништи претходните.

На Георгеску му е оневозможено греењето и интернетот во домот.

Планираат да го забранат Тик Ток и да направат големи рестрикции на мрежата „Икс“.

Го прекинаа емитувањето на „Реалитатеа Плус ТВ“ – единствениот поголем канал што ја критикуваше одлуката да се поништат претседателските избори.

Светот е тивок за мешањето на ЕУ со романската демократија.

Романските медиуми пишуваат дека Националниот аудиовизуелен совет на Романија, не наложил прекинување на емитувањето на програмата на ТВ станицата „Реалитатеа Плус“. Напротив, телевизијата е санкционирана од Националниот аудиовизуелен совет на Романија и со судска одлука било наложено на екранот да се емитува текстот од санкцијата во времетраење од 10 минути, меѓу 19 часот и 19:10 часот. Не е прекинато емитувањето на телевизијата, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, ниту пак, тоа е поврзано со претседателскиот кандидат Калин Георгеску, туку одлуката се однесува на стар прекршок, од 2023 година, кој бил судски спорен од страна на телевизијата, по што судот наложил дека санкцијата треба да се спроведе.

Трипати телевизијата одбивала да го емитува текстот, поради што добила глоба од 2.500 леи од јануари 2024 година, казна од 5.000 леи од февруари 2024, глоба од 7.500 леи од март 2024 година. Националниот аудиовизуелен совет на Романија посочи дека применетите решенија се строго во согласност со законот и немаат за цел да го прекинат емитувањето на станицата.

Како што претходно објави „Вистиномер“ Уставниот суд на Романија,(а не Европската Унија ниту „НАТО нацисти“) го поништи првиот круг од претседателските избори во оваа држава, поради руско мешање. НАТО не е нацистичка организација и покрај тоа што веќе подолг период се води пропаганда против НАТО и се сатанизира оваа организација без аргументи. Кога ќе се погледнат фактите околу последната ситуација со изборите за претседател во Романија, станува јасно дека првиот круг на изборите е поништен на 6 декември од Уставниот суд на оваа држава, кој претставува дел од внатрешната суверена власт.  Во првиот круг водеше кандидатот од крајната десница Калин Георгеску, наклонет кон Русија. Гардијан пишува дека Георгеску пријавил „нула трошења за изборната кампања“. Во такви услови со нула трошења, се појавија докази дека имало надворешни руски мешања, масовна сајбер кампања на Тик Ток оркестрирана од Москва во негова корист, а која помина под радарот на романските власти.

Европската комисија отвори истрага за кампањата на Георгеску на ТикТок. Декласифицирани документи на разузнавачката служба покажале дека 25 илјади ТикТок профили биле ненадејно активирани неколку недели пред да се гласа во првиот круг, објави Би Би Си. Сметките го поддржувале Калин Георгеску, широко познат како краен десничар кој го опишува Владимир Путин како „патриот и лидер“.

ТикТок сметките кои го промовирале Георгеску, не носеле назнака дека станува збор за изборен материјал, што во Романија е нелегално. Една сметка платила 300 илјади фунти на постови за Георгеску, кој самиот лично негираше дека тој плаќал пари за спонзорирање на ТикТок, пишува Би Би Си.

Инаку, нема најави за идни рестрикции на ТикТок и Икс, како што се наведува во објавата, иако станува збор за предвидување и ова може да биде предмет на промена.

Во контекст на изборите во Романија, ЕК го зголеми мониторирањето на ТикТок во согласност со европскиот Закон за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA) преку кој се регулира работата на социјалните платформи во Европската Унија. Ова не е влијание врз романскиот изборен процес, што е работа на романските власти и романскиот народ. Комисијата издаде „наредба за зачувување“ кон ТикТок, наредувајќи ѝ на платформата да ги замрзне и да ги сочува податоците поврзани со моменталните или идните системски ризици што нивната платформа може да ги наметне врз изборните процеси и граѓанскиот дискурс во ЕУ. Ова е направено за да се сочуваат достапните информации и докази во случај во иднина Европската Комисија да почне истрага дали ТикТок се однесува во согласност со своите обврски од DSA. Тик Ток мора да ги зачува внатрешните документи и информации во врска со дизајнот и функционирањето на своите препорачани системи, како и начинот на кој ги адресира ризиците од интернационална манипулација преку координирана неавтентична употреба на нивната услуга, пишува на сајтот на ЕК, каде се наведува дека ова не е влијание врз изборниот процес кој е внатрешна материја на Романија и романските граѓани.

Во врска со делот од објавата што ја рецензираме каде се наведува дека на Георгеску „му го исклучиле греењето и интернетот“, тоа самиот го кажал во телефонски разговор за истата телевизија којашто е казнета и за која пишувавме погоре. Како што пренесуваат романските медиуми, Георгеску се јавил на оваа телевизија во живо и почнал да кажува дека „Бајден не го сака за претседател зашто треба да почне војната меѓу Русија и НАТО“.

Јас сум дома, без интернет, без греење. Работите тргнаа во насока за која веќе не можеме да разговараме. Имаме диктаторска држава. Нема да попуштиме и ќе одиме напред. Ова е државен удар, рекол Георгеску.

Дури и да снемало интернет и греење, тоа не е показател дека „ЕУ му го прави тоа на Георгеску“. Не е познато за што станува збор овде, а ни самиот Георгеску не дава никакви дополнителни информации за што станува збор и дали тоа има врска со изборите или со нешто друго, исто како и објавата што ја рецензираме.

Она што е досега познато е дека романските инфлуенсери што го поддржуваа Георгеску ја напуштаат Романија следени од даночните власти кои ја истражуваат нивната улога во изборите.

Инфлуенсерите на ТикТок – некои со врски со организираниот криминал – ја напуштиле Романија само неколку дена пред да бидат отворени финансиските истраги. Тие објавија слики од копнени граници или авиони, придружени со натписи како „збогум“ и „ми недостигате“. Георгеску рече дека му е „чест“ што го поддржуваат личности од организираниот криминал и другите влијателни лица, навестувајќи дека може да ги помилува доколку стане претседател. Инфлуенсерите се обвинети дека примале значителни суми за промовирање на про-Георгеску содржина. Клучна личност под истрага е Богдан Пешхир, кој наводно ги финансирал инфлуенсерите на ТикТок со 1 милион евра. Минатата недела властите извршија рација на три локации поврзани со Пешхир, запленувајќи 7 милиони долари во криптовалути како дел од истрагата, објави „Независен“.

Не е точно дека ЕУ прави напори да го спречи Георгеску да победи, туку прави напори да истражи странско малигно влијание, односно недозволено мешање во изборите. Важно за ЕУ е волјата на граѓаните во земјите членки да биде испочитувана и да се овозможат фер избори. Самото поништување на изборните резултати не беше од ЕУ, туку од внатрешни романски институции (Уставен суд) како резултат на декласифицирани извештаи, повторно од домашните романски служби.

И на крајот, Романија не ги укина изборите, туку го поништи гласањето поради странско мешање. Тие повторно ќе се одржат.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција