ЕУ не го забранува националното самоопределување и антифашизмот на земјите-кандидатки за членство
Манипулации и шпекулации дека македонскиот јазик и идентитет се загрозени почнаа да се споделуваат на социјалните мрежи откако беше потпишан Договорот од Преспа со кој се реши долгогодишниот проблем со Грција околу уставното име на нашата држава.
Tезата дека ЕУ не сака некои држави за членки затоа што биле антифашистички, меѓу кои и Македонија, не држи вода и е целосно погрешна. Фактите говорат дека членки на ЕУ се држави кои биле дел од Сојузот против антифашистите. За една држава да стане членка на ЕУ, таа мора да исполни одредени услови
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ZA EVROPSKITE NEONACIFASHISTI I TERORISTI SAMOOPREDELUVANJE NE E MOZJMO ZA SRBI I MAKEDONCI ZATOA SHTO BILE ANTIFASHISTI VO VTORARA SVETSKA VOJNA. ISTO NE VAZHI NI ZA RUSI AKO NE SE SLOZHI HITLEROVIOT BERLIN KOJ JA KOMANDUBA EU SO POMOSH NA NATO..
Објавата изнесува неколку наративи кои одат на иста линија со руската дезинформациска кампања дека сите се нацисти освен Русија. Ова особено се однесува на ЕУ и на НАТО.
Како што објавува EuVsDisinfo, долги години руските медиуми контролирани од државата тврдeле дека различни држави и ентитети се управувани од нацисти, или, пак, се водат од нацистичката идеологија. Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример, се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а, исто така, и балтичките држави и Полска. Понатаму, дека Европа го „поддржува“ фашизмот, а исто така и Европскиот парламент.
Тврдењето дека Европската Унија е нацистичка и нејзиното поврзување со фашизмот е комплетно спротивно на реалните заложби и цели поради кои Унијата е воопшто формирана. Станува збор за политичка и економска унија на 27 земји членки, со политики кои обезбедуваат слободно движење на луѓе, проток на добра, услуги и капитал на внатрешниот пазар, заеднички политики за трговија агрикултура и регионален развој.
На 25.10.2018 година, Европскиот пpарламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи.
Членовите на Европскиот парламент ги охрабруваат националните влади ефективно да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи и сите други фондации и асоцијации кои го глорифицираат нацизмот или фашизмот. Европскиот парламент, „загрижен од извештаите за дослух меѓу политичките лидери, политичките партии и органите за спроведување на законот со неофашистите и неонацистите во некои земји членки“, повика тие јасно да ги осудат и санкционираат злосторствата од омраза, говорот на омраза од страна на политички фигури кои користат омраза и насилство. Исто така, оттаму додадоа дека е потребно земјите членки да се спротивстават на ширењето расизам, фашизам, ксенофобија преку интернет во соработка со компании за социјални мрежи.
Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.
Што се однесува до НАТО, тоа не е никаква фашистичка организација, туку претставува одбранбена алијанса чија главна цел е да ги заштити своите членови од надворешни закани. Официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација, но, сепак, е подготвена да ги заштити и да ги одбрани своите сојузници.
На 1 март 2007 година во Брисел, во говорот на поранешниот генерален секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер тој наведува:
Да, НАТО е алијанса на западните земји. Да, со исклучок на секуларна муслиманска Турција, НАТО е претежно алијанса на христијански земји. Секој декември НАТО во Брисел е осветлен со голема божиќна елка. Но, вредностите за кои се залага НАТО не се уникатно христијански. Вредностите што ги промовираме и браниме со нашиот ангажман се универзални. Правото на жените да одат во училиште е универзално право. Правото да ја изберете религијата во која ќе верувате и да не треба да се плашите од смртна казна поради изборот, е универзално право. Правото да ја изберете вашата демократска влада на слободни и фер избори е универзално право. Овие се вредностите што ги браниме од Балканот до Авганистан. За нив нема преговори. Но тие не се уникатно западни и не се уникатно христијански. Навистина верувам дека земјите од сите делови на светот и од сите поголеми вери, треба да се способни да се согласат за нив. Тие се вистинската основа за човековиот опстанок во 21 век, вели тој меѓу другото во говорот.
Тоа значи дека и НАТО, како и ЕУ, ги поддржува и промовира различностите, различниот културен идентитет и демократските права на сите подеднакво. Тоа во никој случај не е фашизам.
Што се однесува до самоопределувањето на Македонците, не е точно дека Европската Унија не им го дава тоа право, а уште помалку заради тоа што бидејќи Македонија била антифашистичка во време на Втората светска војна.
Манипулации и шпекулации дека македонскиот јазик и идентитет се загрозени почнаа да се споделуваат на социјалните мрежи откако беше потпишан Договорот од Преспа со кој се реши долгогодишниот проблем со Грција околу уставното име на нашата држава.
Договорот беше потпишан од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН за спорот за името на Македонија, Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, Егејска Македонија, на Преспанското Езеро. Значи, тој беше постигнат со посредство на Обединетите нации, а не на САД.
Со Преспанскиот договор не се сменети македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Дека е тоа така може да се види ако се погледне содржината на Договорот кој беше ратификуван и во Собранието. Во овој документ, со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.
Со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци. Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува, анализираше „Вистиномер“ пред 5 години.
Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува.
Објавата шири и теза дека ЕУ не прима или не сака држави кои биле антифашистички, што исто така не е точно.
За време на Втората светска војна (1939 – 1945), како антифашистички држави се сметаат оние што се бореле против Силите на оската – нацистичка Германија, фашистичка Италија и Јапонската Империја.
Главни антифашистички држави, познати како Сојузници, биле: Советскиот Сојуз (СССР), Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави (САД), Франција, Кина.
Од Европа, антифашистички држави биле и Грција, Полска, Чехословачка, Норвешка, Данска, Белгија, Холандија, како и тогашна Југославија.
Од овие држави, членки на ЕУ се поранешните држави од Југославија – Словенија и Хрватска, Грција, Полска, Чешка, Словачка, Франција, Белгија, Холандија, Данска.
Значи, тезата дека ЕУ не сака некои држави за членки затоа што биле антифашистички, не држи вода и е целосно погрешна.
ЕУ е стратешки партнер на Северна Македонија кој континуирано дава поддршка преку проекти, финансиска и структурна помош во клучните области за унапредување на демократијата и системот во земјава. Вложувањата се во здравството, полицијата, владеењето на правото, економијата, невладиниот сектор, јавната администрација, трговијата… Таквото унапредување не може да биде извор на проблеми туку нивно решавање.
Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во С. Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ преку националната ИПА програма инвестираше 1,6 милијарди евра во пет клучни области: владеење на право и фундаментални права, демократија и добро владеење, заштита на животната средина и одржлива поврзаност, економски развој и човечки капитал, земјоделство и рурален развој. Сите овие области се клучни за демократскиот тек и за владеењето на правото во земјата, кои ги засегаат сите граѓани.
За една држава да стане членка на Европската Унија (ЕУ), таа мора да ги исполни т.н. Копенхашки критериуми (усвоени 1993 г.), како и да води формална процедура на преговори и усогласување со законодавството на ЕУ. Дополнителни услови се да нема територијални спорови со соседите, да има усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, да покаже посветеност кон европските вредности и регионална соработка.
Членството во ЕУ нема никаква врска со нечие самоопределување или со определбата за време на Втората светска војна.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар