ЕУ не ја „реплицира“ Кина

Кинеското знаме што го претпочитал Мао Цетунг Фото: Flag of the People's Republic of China.svg: Drawn by SKopp, Vectorization: Denelson83 and Zscout370Recode by -xfi- (code), Shizhao (colors)derivative work: Xfigpower (pssst), Public domain, via Wikimedia Commons

Европската Унија не е комунистичка, туку е Унија на демократски, капиталистички земји кои соработуваат економски и политички. Координацијата меѓу земјите во демократија е многу различна од контролата од страна на една владејачка партија

Европската Унија не е комунистичка, туку е Унија на демократски, капиталистички земји кои соработуваат економски и политички. ЕУ понекогаш користи координирани политики (на пример, за климата, дигиталната регулатива или трговијата), но ова се прави преку демократска дебата и гласање, а не преку авторитарно владеење од горе надолу. Координацијата меѓу земјите во демократија е многу различна од контролата од страна на една владејачка партија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Кои се облозите? Овие се првите што ќе ја напуштат ЕУ? Унгарија, Полска, Италија, Чешка Република, Шведска. Италија е единствената од горенаведените што го користи еврото, но сепак ќе се отпушти?

Ова знаме не е знаме на горда земја, туку знаме на целосно развиени комунисти кои се обидуваат да ја реплицираат тиранската комунистичка Кина. Обидувајќи се да спроведат физичко и дигитално ропство под маската на безбедност од кризи што намерно ги создаваат во секој сектор за контрола. Тие ја користат инфлацијата и казните како оружје. Тие печатат ЛАЖНИ пари од ништо во Европската централна банка, без никаква поткрепа, и ги поробуваат и задолжуваат сите земји со казни и лажни пари за да ги принудат да се придржуваат кон нивната глобалистичка/комунистичка агенда. Додека стои зад распродажбата на природните ресурси на земјите за лажни пари за да ги спречи да бидат независни.

Во склоп на објавата се споделува фотографија од знамето на ЕУ.

Не е точно наведеното дека „знамето на ЕУ е на целосно развиени комунисти кои се обидуваат да ја реплицираат тиранската комунистичка Кина“.

Европската Унија не е комунистичка, туку е Унија на демократски, капиталистички земји кои соработуваат економски и политички. Нејзините основни вредности вклучуваат демократија, човекови права, слободни пазари и владеење на правото – сите тие се спротивни на комунизмот. Комунизмот значи државна сопственост на целиот имот, без приватна сопственост на претпријатијата. Но во ЕУ, бизнисите се во приватна сопственост, а граѓаните можат слободно да гласаат, да поседуваат имот и да основаат компании. ЕУ е демократска и капиталистичка, а не комунистичка.

ЕУ не ја реплицира Кина. ЕУ и Народна Република Кина имаат сосема различни системи. ЕУ е сојуз на демократски земји што ги почитува слободните избори, човековите права и капиталистичката пазарна економија. Н.Р. Кина е еднопартиска комунистичка држава водена од Кинеската комунистичка партија, со строга политичка контрола и ограничени слободи. Како очигледен пример за различни идеолошки и политичко-економски системи може да се наведе и споредбата меѓу Н.Р. Кина и Република Кина (или Тајван).

Иако ЕУ понекогаш користи координирани политики (на пример, за климата, дигиталната регулатива или трговијата), ова се прави преку демократска дебата и гласање, а не преку авторитарно владеење од горе надолу. Координацијата меѓу земјите во демократија е многу различна од контролата од страна на една владејачка партија.

Не е точно дека ЕУ се обидува да спроведе „физичко и дигитално ропство под маската безбедност од кризи“, ниту пак „дека намерно ги создаваат кризите за контрола“. „Вистиномер“ веќе ги има дебанкирано овие дезинформации кои се појавија во врска со дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет – систем што треба да го олесни пристапот на граѓаните до добра и услуги на дигитален начин на нивните мобилни телефони, а не да ги контролира. 

ЕУ не ги „користи казните и инфлацијата“ како оружје. Казните се дел од казнената политика на секоја посебна држава со цел да се овозможи превентивна и улога на санкција за непочитување на законите. Казни има не само во земјите на ЕУ, туку и во комунистичка Кина, исто како што има и инфлација. Инфлацијата се јавува кога општото ниво на цените на стоките и услугите расте со текот на времето,  предизвикувајќи парите да вредат помалку. Инфлацијата може да биде предизвикана од преголема побарувачка, од зголемување на трошоците за производство, повеќе пари во системот или кога цената на увозот расте, а со тоа растат и домашните цени.

Во Европската централна банка не се печатат „лажни пари“. Таа е единствениот законски орган на кој му е дозволено да издава евра. Секое евро што го издава – без разлика дали е физичка готовина или дигитални пари во банкарскиот систем – е вистинско, легално и официјално признато низ цела Европа и светот. „Лажни пари“ значи нелегална, фалсификувана валута – нешто што го прават криминалци без овластување. Европската централна банка всушност работи напорно на откривање и уништување на лажни евра, а не на нивно производство.

На пример, Шведска извезува железна руда и дрва. Данска произведува нафта и природен гас, Финска продава минерали и дрвени производи, Шпанија извезува земјоделски и минерални производи. Секоја земја управува и продава свои ресурси, но ЕУ поставува заеднички трговски правила и еколошки стандарди, преговара за трговски договори со други региони и ги координира политиките за енергија и клима. ЕУ не продава природни ресурси — нејзините земји-членки го прават тоа според заедничките правила на ЕУ за трговија и животна средина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција