ЕУ не сака на Македонија да ѝ биде „уништен интегритетот“
ЕУ бара реформи во смисла на владеење на правото, независно судство, борба против корупција, слободни институции, економски стандарди и ова нема врска со уништување на интегритетот, напротив тоа е зајакнување на интегритетот на државата и институциите. Некои препораки се за реформи во правосудството, реформи во медиумските слободи, односите со соседите, теми кои често се користат во политички дебати како „наметнување“. Но тоа не е атак врз државниот интегритет туку стандардна процедура што ја минуваат сите земји кандидати.
ЕУ бара реформи во смисла на владеење на правото, независно судство, борба против корупција, слободни институции, економски стандарди и ова нема врска со уништување на интегритетот, напротив тоа е зајакнување на интегритетот на државата и институциите
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Украина, Молдавија и Кипар може во ЕУ без територијален интегритет а на Македонија сака да ѝ биде уништен итегритетот.
Не е точно дека Украина, Молдавија и Кипар немаат територијален интегритет. Тие формално имаат меѓународно признаен територијален интегритет, но делови од нивните територии не се под ефективна контрола на централната власт.
Територијата на Украина е целосно меѓународно признаена вклучувајќи ги Крим, Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон како делови од Украина. Но, Русија контролира територии како Крим (од 2014 година) и делови од источна и јужна Украина (од 2022). Значи, териториите се признаени, но контролата е нецелосна.
Територијалниот интегритет на Молдавија е универзално признаен, вклучувајќи го регионот Приднестровје. Република Кипар го контролира југот, a Турска Република Северен Кипар го контролира северот — призната само од Турција.
Како што пишува „Гардијан“, Европската комисија објави извештај според кој 10 земји апликанти, меѓу кои Украина и Молдавија, имаат реалистична цел да бидат во ЕУ до 2030 година.
Всушност, територијален интегритет значи правото на една држава да ја задржи својата меѓународно признаена територија неделива и неповредлива, без надворешни мешања, окупации или присилни промени на границите. Тоа значи дека државата има право да ги зачува своите граници, ниедна друга држава не смее со сила да ѝ ја одземе територијата, и територијалниот интегритет се темели на принципите на Повелбата на Обединетите нации. Овој принцип е еден од основните темели на меѓународното право. Во меѓународното право сите држави на ООН ја признаваат целата територија на Украина вклучително и Крим и областите на исток и југ.
Освен што не е точно дека наведените земји немаат територијален интегритет и дека така можеле да влезат во ЕУ, уште помалку е точно дека „ЕУ сака на Македонија да ѝ биде уништен интегритетот“.
ЕУ формално и практично го признава територијалниот интегритет Северна Македонија. Сите членки на ЕУ ја признаваат сувереноста и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија во нејзините меѓународно признати граници. Ова е официјална и непроменета политика на ЕУ. Преговорите со Бугарија или условите поврзани со историја и јазик не се однесуваат на територијални барања и ЕУ не поддржува никакви промени на граници. ЕУ има многу строга политика за непроменливост на границите со сила и почитување на суверенитетот на државите на Западен Балкан.
ЕУ не бара територии, не руши држави и не создава нестабилност, туку напротив, сака стабилни функционални држави околу себе. Северна Македонија е суверена држава со меѓународно признаени граници со право сама да одлучува за внатрешните прашања и ЕУ тоа не го оспорува.
ЕУ бара реформи во смисла на владеење на правото, независно судство, борба против корупција, слободни институции, економски стандарди и ова нема врска со уништување на интегритетот, напротив тоа е зајакнување на интегритетот на државата и институциите. Некои препораки се за реформи во правосудството, реформи во медиумските слободи, односите со соседите, теми кои често се користат во политички дебати како „наметнување“. Но тоа не е атак врз државниот интегритет туку стандардна процедура што ја минуваат сите земји кандидати.
ЕУ ниту сака, ниту има механизам, ниту има интерес да го уништи интегритетот на Македонија.
Напротив, концептот на ЕУ е државите да имаат посилен, не послаб интегритет.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар