ЕУ не воведува „дневна доза на карбон“ што ќе ви забрани да купувате храна
Тврдењето дека „со новиот дигитален систем купувањето на храна ќе биде ограничено врз процентот на емисија на карбон“ нема поткрепа во релевантни извори.
Тврдењето дека „со новиот дигитален систем купувањето на храна ќе биде ограничено врз процентот на емисија на карбон“, нема поткрепа во релевантни извори. Иако се дискутира за етикетирање на производите со нивниот јаглероден отпечаток и можеби за политики кои ќе влијаат на цената или достапноста, тоа не е исто како да се воведе квота за индивидуална дневна куповна способност на база на емисии
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ЕУ- Дневна доза за емисија на карбон од сендвич !!!
Ова е уште еден тест на глобал – сатнистите врз народот за контрола на буквално СЕ.
Со новиот дигитален систем кој полека се имплементират, купување на храна (и друго) ке бидит ограничено врз процентот на емисиија на КАРБОН .
Доколку дигиталната идентификација покажи дека сте го искористиле лимитот на дозволената дневна доза на карбон емисија, КЕ СИ ОСТАНИТЕ ГЛАДНИ.
Нема веродостојни докази дека Европската Унија ќе воведе систем во кој на поединец ќе му се одзема правото да купува храна затоа што го „искористил дневниот лимит за емисии на карбон“, како што тоа сака да го прикаже објавата во која се пласира уште една теорија на заговор.
Храната и начинот на нејзино производство и потрошувачка имаат значаен јаглероден/еколошки отпечаток. На пример, една студија вели дека системот на храна („од поле до виљушка“) е одговорен за околу една третина од сите антропогени емисии на стакленички гасови.
ЕУ и други институции работат на политики за одржлива исхрана, намалување на емисиите, ограничување на влијанието на производството на храна врз климата. Политики како што се „од фарма до виљушка“ (Farm to Fork) и зелениот договор се насочени кон поодржлива потрошувачка и производство на храна.
Не постои јавна официјална политика на ЕУ која, според достапните извори, ја ограничува дневната количина на храна што некој може да ја купи врз основа на „емисии на карбон“ преку дигитална идентификација.
Не постои европска политика, закон, регулатива или план што воведува ограничувања на емисиите на јаглерод за поединци. Ниту Зелениот договор, ниту „Соодветни за 55“, ниту EU ETS не предвидуваат забрана за купување или блокирање на пристапот до основни стоки врз основа на личниот јаглероден отпечаток, пишува Економик.бг во својата анализа.
Како што наведува АП, тврдењето дека Европската Унија работи на создавање систем на „персонални јаглеродни кредити“ во кој поединците ќе плаќаат директно за стакленичките гасови што ги произведуваат“, е неточно. Портпаролите на законодавните и извршните канцеларии на ЕУ, во изјава за АП велат дека не се разгледувало поставување на таков систем, бидејќи тој има за цел да се справи со влијанијата од глобалното затоплување. Експертите за политика за климатски промени, кои внимателно го следеле процесот, за АП велат дека ЕУ е фокусирана на регулативи на ниво на индустрија, а не на оние директно насочени кон поединци.
Веб-страница на ЕУ за „Green claims“ – (зелени тврдења) укажува дека фокусот на ЕУ е на производителите/бизнисите, а не на ограничување на индивидуалните права за купување.
Тврдењето дека „со новиот дигитален систем купувањето на храна ќе биде ограничено врз процентот на емисија на карбон“ нема поткрепа во релевантни извори. Иако се дискутира за етикетирање на производите со нивниот јаглероден отпечаток и можеби за политики кои ќе влијаат на цената или достапноста, тоа не е исто како да се воведе квота за индивидуален дневен куповен лимит на база на емисии.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар