ЕУ нема врска со убиствата за кои е суден Палевски

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Објава на Фејсбук реактуелизира стара теорија на заговор дека убиствата за кои е суден Љупчо Палевски-Палчо му биле наместени. Меѓу редови, објавата сугерира дека тоа било масло на „сатанистите од ЕУ“ и дека убиствата не случајно биле извршени во периодот кога во Скопје се одржа Министерскиот совет на ОБСЕ. Но, тоа не беше состанок на сатанисти, ниту ЕУ е нивна секта, ниту таа е исто што и ОБСЕ, ниту има доказ за нивна вмешаност во убиствата, ниту Палевски бил толкава закана за ЕУ за таа да мора да примени таква валкана тактика

Објава на Фејсбук реактуелизира стара теорија на заговор дека убиствата за кои е суден Љупчо Палевски-Палчо му биле наместени. Меѓу редови, објавата сугерира дека тоа било масло на „сатанистите од ЕУ“ и дека убиствата не случајно биле извршени во периодот кога во Скопје се одржа Министерскиот совет на ОБСЕ. Но, тоа не беше состанок на сатанисти, ниту ЕУ е нивна секта, ниту таа е исто што и ОБСЕ, ниту има доказ за нивна вмешаност во убиствата, ниту Палевски бил толкава закана за ЕУ за таа да мора да примени таква валкана тактика

 

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Знаете ли каде се собраа сите сатанисти од ЕУ кога Беше случајот со Вања

И Палчо го направија монструм

На тоа, еден од коментарите оставен под објавата одговара:

Во Скопје дојдоа. На самитот…

Ова се манипулации, а за тоа да се сфати, да тргнеме од почетокот на оваа приказна. На 24 и 27 ноември 2023 г., за исчезнати беа пријавени лицата Панче Жежовски (74) и Вања Ѓорчевска (14), за кои подоцна се откри дека биле киднапирани од криминална група, а набргу потоа и убиени. Главен осомничен за тоа е политичарот и претприемач Љупчо Палевски-Палчо.

Претходно, тој бил сомничен за незаконска градба и држење на оружје, снимање телефонски разговори, злоупотреба на службена должност, фалсификување исправа, даночно затајување и други криминали, за кои го гонеше и Хрватска. Беше познат и по говорот на омраза и теориите на заговор против Власите, Евреите, католиците и други етнички или верски заедници.

Палевски промени разни политички партии и ставови, а на крај стана познат по оние антизападните и проруските. Но, неговото движење Трета и партијата Десна беа минорни и не беа толкава закана за ЕУ за таа да мора да примени таква валкана тактика против него за каква што обвинува објавата. Тој не беше закана на ниво на Осама Бин Ладен, да речеме.

Убиствата се случија во периодот кога во Скопје се одржа 30-от Министерски совет на ОБСЕ (од многумина погрешно нарекуван самит), па некои тогаш неосновано ги поврзуваа убиствата со тој состанок, ширејќи теории на заговор дека учесниците на истиот биле сатанисти и педофили од „трулиот Запад“, кои стоеле зад убиствата, а кои му ги припишале на Палевски (пример тука).

На 20.9.2024 г. почна неговото судење, па тие теории се реактуелизираа, за што придонесува и објавата. Таа сугерира (меѓу редови, без тоа да го каже отворено) дека учесниците на состанокот дојдени од ЕУ стојат зад убиствата. Но, тие се случиле на 22 и 27 ноември 2023 г., а состанокот од 30 ноември до 1 декември. Датите на убиствата и состанокот се блиски, но не исти и нема доказ за поврзаност меѓу тие настани, ниту за вмешаност на ЕУ или ОБСЕ во убиствата.

И, иако тие организации соработуваат, тие се, сепак, различни. Тоа не беше состанок на ЕУ, туку на ОБСЕ, кај што, на пример, спаѓа и Русија, која не членува во ЕУ. Но, авторот на објавата е селективен и сугерира дека во убиствата биле вмешани само оние учесници на состанокот, кои се од ЕУ.

Објавата тоа го опишува како состанок на сатанисти, што е апсурдно. Тоа не беше состанок на верски заедници, кои веруваат во натприродното битие Сатаната и го обожуваат, туку состанок на ОБСЕ, организација која се бави со безбедноста, соработката и човековите права низ Европа.

Во описот на ОБСЕ на нивниот сајт не најдовме сатанизам, туку, напротив, таму најдовме поддршка за борбата против верската нетрпеливост кон христијаните (тука, тука и тука). Во ОБСЕ спаѓа и Ватикан, што е христијанска теократска држава и што е нешто спротивно од сатанизмот.

Него го нема ни кај ЕУ, баш напротив. Преамбулата на Договорот за ЕУ, што е основачки акт за Унијата, споменува црпење инспирација од религиозното наследство на Европа. Доминантна религија во неа со векови е христијанството, па некои барале тоа да се спомене во идниот устав на ЕУ, но за други тоа било премногу, па ЕУ не фаворизира ни една религија, а камоли сатанистичка.

Но, уставите на некои членки на ЕУ го споменуваат Бог (Германија, Полска, Данска и Шведска) или Св. Троица (Ирска и Грција). Во уставот на Грција, Кипар и Бугарија се споменува православието, кај Италија и Полска – католицизмот, а кај скандинавските земји – лутеранизмот, но сатанизам нема.

Дури и објавата да го користи поимот „сатанисти“ само фигуративно, тоа е сепак неточно. Таа вели дека на состанокот се собрале „сите сатанисти од ЕУ“, но таму не дојдоа министрите за надворешни работи на Естонија, Латвија, Литванија и Полска во знак на протест против доаѓањето на нивниот руски колега Сергеј Лавров. Значи, таму не учествуваа „сите сатанисти од ЕУ“ и таму отсуствуваа министрите на некои членки на унијата, кои испратија само дипломати од понизок ранг.

Палевски и неговите поддржувачи ликуваа за гостувањето на Лавров во Скопје (тука, тука и тука), но се поставува прашањето зошто тој учествувал на тој „собир на сатанисти и убијци“, ако според авторот на објавата Лавров е позитивна личност?

Накусо, објавата шири теорија на заговор, која не само што не се темели врз никакви докази, туку во неа нема ни логика, па објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција