ЕУ опстојува и напредува спротивно на фашистичката идеологија

Европски парламент Фото: Ash Crow, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Дијаметрално спротивни на фашизмот се постулатите врз коишто е основана и функционира ЕУ. Само дел од принципите кои се спротивни на фашистичките, а кои ги поддржува ЕУ се силниот акцент на човековите права и слободи и заштита на малцинствата меѓу другото и преку механизмот на ЕУ – Европскиот суд за човекови права

Дијаметрално спротивни на фашизмот се постулатите врз коишто е основана и функционира ЕУ. Само дел од принципите кои се спротивни на фашистичките, а кои ги поддржува ЕУ се силниот акцент на човековите права и слободи и заштита на малцинствата меѓу другото и преку механизмот на ЕУ – Европскиот суд за човекови права

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Европска Унија, ма*у ви **ам фашистичка

Објавата шири антизападен сентимент пропратен со вулгарности, но истовремено преку неа се споделува невистина. Не е вистина наведеното дека „ЕУ е фашистичка“. И покрај тоа што овој наратив за „фашистичката Европска Унија“ се појавува во различни контексти, сепак неговата употреба најширока примена доби за време на руската воена инвазија врз Украина, кога на некој начин ЕУ беше обвинувана за војната само затоа што обезбедуваше поддршка кон правото на Украина да се брани. Гледано според датумот на објавата што ја рецензираме, таа е реакција на фактот што во извештајот за напредокот на Северна Македонија кој беше изгласан во Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“, со амандман беа отстранети од текстот термините „македонскиот јазик“ и „идентитет“. 

Меѓутоа, ЕУ не е фашистичка. Прво нацрт-верзијата пред да бидат отстранети сите референци за „македонскиот јазик и идентитет“, претходно беше усвоена од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Според Томас Вајц, европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, некои бугарски пратеници го искористиле извештајот за домашни цели, а извештајот нагласува дека проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми.

Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ. Како известувач, неуморно работев за добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја. За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели, посочува во својата изјава Вајц.

Дијаметрално спротивни на фашизмот се постулатите врз коишто е основана и функционира ЕУ. Само дел од принципите кои се спротивни на фашистичките, а кои ги поддржува ЕУ, се силниот акцент на човековите права и слободи и заштита на малцинствата меѓу другото и преку механизмот на ЕУ – Европскиот суд за човекови права. Фашистичките режими функционираат со угнетувачки манири, прогон на политички противници, цензура, непочитување и грубо кршење на човековите права. Како авторитарна идеологија фашизмот ги носи обележјата – диктаторски лидер, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во „природна општествена хиерархија“, подреденост на индивидуалните интереси за согледаното добро на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата. Овие обележја на фашизмот во Европската Унија се отфрлени и против нив ЕУ се бори и преку индивидуалните законодавства на посебните држави, но и преку разни конвенции, акции, институции итн.

Европската Унија наспроти фашизмот, ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Таа се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. Фашизмот спротивно на ова, промовира хомоген национален идентитет и често се вклучува во агресивен национализам и ксенофобија. ЕУ се придржува до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции во кои одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

Во фашистичките режими целта е да се создаде тоталитарна држава каде има една партија, се верува во „расна чистота и господарска раса“, а сето тоа е завиено со дискриминација и демонизирање некој „друг“ како што се Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства или имигрантите. Овие идеи ги мотивираат фашистичките режими да вршат масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди. Фашизмот ги отфрла тврдењата дека насилството е негативно или бесмислено, наместо тоа ги гледа империјализмот, политичкото насилство и војната како средства за национално освежување. ЕУ и ЕК се борат и отворено стојат против антисемитизмот, присутен и до ден денешен.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција