ЕУ поддржува демократија, а не фашизам

Навредлива објава се обидува да ја дискредитира Европската Унија како „фашистичка“, но нејзините демократски процеси, развиена борба за човековите права и слободи, економските модели, промоцијата на културните и идентитетските различности, политиките на застапеност и борба против антисемитизмот, покажуваат дека ЕУ е демократија

Навредлива објава се обидува да ја дискредитира Европската Унија како „фашистичка“, но нејзините демократски процеси, развиена борба за човековите права и слободи, економските модели, промоцијата на културните и идентитетските различности, политиките на застапеност и борба против антисемитизмот, покажуваат дека ЕУ е демократија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Марта Кос да ни го јадеш ти и целата ЕУ на нас Македонците. Да ви се намочаме на вашата унија, маму ви ебам фашистичка!

Објавата изобилува со навреди и говор на омаловажување, преку неа се шири антизападниот сентимент, но и се изнесува невистина дека „ЕУ е фашистичка“. Таквиот наратив за наводно „фашистичката Европска Унија“, претставува добро документиран елемент на проруската пропагандна машинерија која најнапред со цел да ја оправда својата воена инвазија врз Украина, но и за да ги зајакне позициите на Русија и да ги оствари своите надворешнополитички интереси, ја презентира ЕУ и нејзините генерални демократски вредности како „фашистички“.

Не е точно дека ЕУ е „фашистичка“. Постулатите врз основа на кои функционира Унијата немаат допирни толки со фашизмот, бидејќи во нив спаѓа силниот акцент врз човековите права и слободи, заштитата на малцинствата, борбата против криминалот и корупцијата, негување на демократските принципи и политичкиот плурализам. Во ЕУ постои Европски суд за човекови права, што во фашистички режим не би било опција. Фашистичките режими ги глорифицираат и почиваат врз постулатите против кои ЕУ се бори – угнетување, прогон на политички противници, цензура на медиумите, непочитување на човековите права, кршење на слободите на граѓаните итн.

За разлика од демократијата на ЕУ, фашизмот содржи репресивни елементи како диктаторски лидер, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во „природна општествена хиерархија“, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата, силен режим на општеството и економијата.

Овие обележја на фашизмот во Европската Унија се отфрлени и против нив ЕУ се бори и преку индивидуалните законодавства на посебните држави, но и преку разни конвенции, акции, институции итн.

ЕУ за разлика од фашистичките режими не верува во „тоталитарна држава во која владее само една партија“, ниту пак, во „расна чистота и господарска раса“. ЕУ не ги дискриминира и демонизира Евреите, хомосексуалците, етничките малцинства и мигрантите, за разлика од фашистичките режими коишто во име на заштита на овие фашистички доктрини мотивирале масакри, присилни стерилизации, депортации и геноциди. ЕУ со стратегија отворено се бори против антисемитизмот.

Во Европската Унија наспроти фашизмот, се поттикнува соработката, разбирањето меѓу различните народи. Иако ЕУ се стреми да го поттикне чувството за европскиот идентитет истовремено ги мотивира и државите да ги почитуваат меѓусебните национални идентитети. Фашизмот за разлика од демократската Европска Унија промовира еден национален идентитет (хомоген) и честопати се вклучува во агресивен национализам и ксенофобија.

Со ЕУ управуваат институции во кои одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

Покрај развивањето, поддршката и унапредувањето на културата, уметноста и идентитетите ЕУ е и економска и политичка унија на 27 земји членки кои се демократски, одлуките ги носат низ демократски процеси. Во институциите на ЕУ одлуките се носат низ демократски процес при што земјите-членки имаат застапеност. Во поглед на економијата ЕУ промовира пазарна економија што обезбедува фер конкуренција, заштита на потрошувачите и одржлив развој. За разлика од овој економски модел, фашистичките економии преку државна интервенција контролираат клучни индустрии. ЕУ поддржува демократија а не фашизам.

Вистиномер дебанкираше серија невистинити објави на социјалните мрежи коишто се обидуваа да создадат линк меѓу европски политичари и фашизмот, со цел дискредитација.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција