Евакуација на патници од авион во Денвер во 2025 година прикажана како напад на аеродромот во Тел Авив
Вистиномер со обратно пребарување на фотографии констатира дека видеото од објавата е старо, од јули 2025 година, и дека нема апсолутно никаква врска со актуелните настани на Блискиот Исток, уште помалку со Тел Авив и Израел.
Вистиномер со обратно пребарување на фотографии констатира дека видеото од објавата е старо, од јули 2025 година, и дека нема апсолутно никаква врска со актуелните настани на Блискиот Исток, уште помалку со Тел Авив и Израел
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Напад на аеродром Бен Гурион, Тел Авив.
Објавата споделува и видео на кое се гледа како луѓе панично излегуваат од авион на аеродромска писта, а во позадина се гледа чад.
Вистиномер со обратно пребарување на фотографии го побара видеото на Гугл и она што го најдовме е дека станува збор за старо видео од јули 2025 година и дека нема апсолутно никаква врска со актуелните настани на Блискиот Исток, уште помалку со Тел Авив и Израел.
Како што објавил тогаш Би-би-си, станува збор за евакуација на авион на „Американ ерлајнс“ на Меѓународниот аеродром во Денвер на 26 јули откако имало „механички проблем“ поврзан со гума за време на полетувањето, соопштила авиокомпанијата.
Снимките од социјалните мрежи го покажуваат моментот кога патниците користат тобогани за итни случаи за да избегаат, а под авионот се гледаат пламени. Едно лице е однесено во болница по инцидентот, според Меѓународниот аеродром во Денвер, пишува Би-би-си.
За овој инцидент известиле и агенцијата Ројтерс и телевизијата Си-би-ес њуз.
Патници беа видени како се евакуираат од авион на „Американ ерлајнс“ на пистата на меѓународниот аеродром во Денвер во саботата (26 јули) додека од внатрешноста на авионот се издигаше чад, пишува Ројтерс.
Видеото може да се најде и на социјалните мрежи.
View this post on Instagram
Од сето ова можеме да заклучиме дека видеото нема никаква врска со напад на аеродромот во Тел Авив деновиве и дека на ниеден начин не е поврзано со актуелните настани на Блискиот Исток.
Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар