Европа со децении не изложува луѓе во „зоолошки градини“ – минатото е осудено и од него се учи

Во ниту една од државите споменати во објавата – Велика Британија, Франција, Холандија и Белгија, денес не постојат човечки зоолошки градини – изложби во кои луѓе се прикажани како атракција или куриозитет. Таквите практики се универзално сметани за расистички реликти на колонијализмот и не се прифатливи

Во ниту една од државите споменати во објавата – Велика Британија, Франција, Холандија и Белгија, денес не постојат човечки зоолошки градини – изложби во кои луѓе се прикажани како атракција или куриозитет. Таквите практики се универзално сметани за расистички реликти на колонијализмот и не се прифатливи

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Како Англичаните,Французите, Холанѓаните и Белгијците се однесувале со луѓето од Африка до неодамна!!

Во склоп на објавата се споделува фотографија од напис со наслов: „Врв на цинизмот, државите кои нè учат на демократија имале зоолошки градини со луѓе во нив“.

Во објавата се пропушта контекстот поради повеќе причини. Првата е тоа што зоолошките градини со луѓе во наведените земји не се практика со децении, а сите споменати држави имаат изразено форма на несогласување со дамнешните практики. Така што е непринципиелно и неосновано, дамнешната пракса да се доведува во корелација со сегашноста и со демократијата која владее во овие држави.

„Човечките зоолошки“, исто така, познати како етнолошки изложби, претставувале колонијална пракса во која јавно биле изложувани луѓе во таканаречена „природна“ или „примитивна“ состојба. Тие постоеле во 19 и 20 век. Изложбите честопати ја претставувале наводната инфериорност на културата на оние кои биле изложени и ја промовирале супериорноста на западното општество.

Во Велика Британија, Франција, Холандија и Белгија денес нема зоолошки градини со луѓе, таквата пракса долго време не постои.

Во сите овие држави човечките зоолошки градини од минатото се универзално осудени, преку културолошкото сеќавање. Документарните филмови како „Британските зоолошки градини со луѓе“, изложбите во музеите, универзитетските семинари и артистичките критики заедно со медиумите, го потенцираат овој минат период, за да го стават акцентот на осудата на расизмот.

Лилиан Тирам, поранешна француска фудбалска ѕвезда со интернационално реноме, со потекло од Француските Антили, основаше фондација што се бори против расизмот. Неговата фондација организираше изложба со наслов „Измислување на ѕверот“.

Долго време сум заинтересиран за ропството поради влијанието што го имаше врз моето семејство. Ми стана јасно дека расизмот е, над сè, интелектуална конструкција. И како таква, е подложна да биде деконструирана. Тоа се обидуваме да го направиме со изложбата – да ги прикажеме информациите што им помагаат на луѓето да разберат зошто има недостатоци во општеството базирани на бојата на кожата на луѓето, вели Тирам, а пренесува британскиот Би-Би-Си.

Медиумот додава дека овие етнографски изложби исчезнаа по Втората светска војна:

Чудно, Хитлер прв ги забрани. Последната изложба се одржа во Белгија во 1958 година.

 Во Франција, организации како „Молико Алет По“ почнаа ново движење во 2021 – бараат посмртните останки на две лица коишто биле изложувани и трагично загинале во 19 век во париските човечки зоолошки градини, да бидат вратени во родните места и да добијат меморијални споменици. Во 2023 година Сенатот на Франција изгласа закон за да се олесни враќањето на посмртните останки на луѓе кои се од странство, а кои се чуваат во јавни институции.

И Белгија и Холандија се имаат соочено со своето колонијално минато.

Холандскиот крал Вилем-Александер во 2023 се извини за историската поврзаност на Холандија со ропството и ефектите што ги има денес.

Кралот зборуваше на церемонија  по повод 160 години од правната забрана на ропството во Хоалндија, вклучително и поранешните колонии во Карибите.

На овој ден кога се сеќаваме на холандската историја поврзана со ропството, барам прошка за ова злостоство против човештвото, рече тој, истакнувајќи дека расизмот во холандското општество и понатаму е проблем и затоа не сите ќе го поддржат неговото извинување.

Кралот додаде дека сепак времињата се менуваат и „синџирите навистина се скршени“. Извинувањето дојде во период на преиспитување на холандското колонијално минато.

Во 2022 година холандскиот премиер Марк Руте се извини во име на Холандија за историската улога на оваа држава во ропството и за последиците што според него, траат и до денес. Во ниту една од државите споменати во објавата што ја рецензираме, денес не постојат човечки зоолошки градини – изложби во кои луѓе се изложени како атракција или куриозитет. Таквите практики се универзално сметани за расистички реликти на колонијализмот и не се прифатливи.

Во Холандија, институции како „Circusmuseum“ чуваат архиви и историски податоци од овие изложби на луѓе кои датираат од 1875 до 1957 година, вклучително и постери и фотографии, но со цел да се признае и да се учи од минатото, а не истото да се глорифицира.

Во Белгија пак, активисти предупредија дека дури и презентацијата на историски фотографии може да предизвикаат ризик од повторно трауматизирање на оние што ги гледаат.

Модерната историја во европските држави не го негира, туку се соочува, го прифаќа и го трансформира своето минато. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Зоолошките градини во кои биле изложувани луѓе, во Европа не постојат со децении и тие се дел од далечно минато, постои јавна осуда и жалење за нивното некогашно постоење.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција