Европа вложува многу повеќе од Русија во научни истражувања, особено за ракот

Фото: Ssolbergj - Own work, CC BY-SA 3.0, Link

Европа и тоа како вложува во научно-технолошки развој и има значајни достигнувања, наспроти манипулативното тврдење во објавата дека ново врвно достигнување на Европјаните е хоби догинг

Европа и тоа како вложува во научно-технолошки развој и има значајни достигнувања, наспроти манипулативното тврдење во објавата дека ново врвно достигнување на Европјаните е хоби догинг. Објавата се обидува да ја прикаже Русија како земја која многу вложува во истражувањата на ракот, иако податоците покажуваат дека во Европа (особено во ЕУ земјите) се вложува многу повеќе на ова поле. Објавата има за цел да ја манипулира јавноста и да ја воздигнува Русија, а на сметка на тоа да ја оцрни Европа

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Додека Русите измислуваат вакцина за рак, кинезите робот кој самиит се попрва и полни, најновото врвно достигнување на европејците е: ХОБИ ДОГИНГ.

Тоа е прошетка на куче, без да имаш куче!

Колку повеќе го шеташ непостоечкото куче, толку си поуспешен во спортот или хобито.

За ваква ли европа очи си вадиме .

Барем кај нас си шетаат вистински кучиња, ги дотеруваат по најнова мода, па дури и инстаграм профили им отвараат,за секој случај за да можат меѓусебно да си контактираат и да се дружат.

Да се тврди дека Русите измислуваат вакцина за рак, Кинезите роботи, а европејците хоби догинг, е крајно манипулативно, ако се имаат предвид фактите, а не пропагандата.

Точно е дека во Русија има обиди за развој на мРНК-вакцини против рак (на пример, персонализирана мРНК вакцина за меланом) преку научни центри во Русија и дека Кинезите измислиле робот кој сам се поправа и полни, но она што не е точно е дека најновото врвно достигнување на Европјаните е хоби догинг.

Хоби догинг е нов бизарен тренд што започна во Германија – луѓето шетаат куче на поводник, но без вистинското куче, но тоа никако не е некакво научно врвно достигнување на Европејците, ниту пак, е промовирано како такво.

Европа и тоа како има значајни научни достигнувања во последно време (2024–2025), но објавата очигледно намерно ги изоставила, со цел да ги прикаже Русија и Кина како некакви научни и технолошки развојни земји, а наспроти тоа, да ја оцрни Европа.

Меѓу позначајните научно-техонолошки достигнувања во Европа, односно во Германија, е пуштањето во употреба на суперкомпјутерот „Јупитер“ (Jupiter),  првиот европски ексаскејл суперкомпјутер кој го надминува прагот од 1 ексафлоп (10^18 операции во секунда).

Овој систем ќе овозможи многу моќни симулации: климатски модели, истражување на болести, развој на АИ и многу повеќе. Она што е поважно е дека „Јупитер“ е енергетски многу ефикасен и може да користи отпадна топлина за греење — што значително ја намалува еколошката цена.

Европа вложува во научно-технолошкиот развој. Европската иновациска куќа (EIC) додели над 140 милиони евра за 44 „визионерски“ научни проекти. Проектите се во области како квантни технологии, напредни материјали, здравство, енергија и АИ. На пример, проектот „Superspin“ развива уреди за поврзување на квантни компјутери преку оптички сигнали — клучно за идните квантни мрежи.

Европскиот истражувачки совет (ERC) додели 761 милион евра за 478 млади истражувачи преку Starting Grants. Исто така, доделени се Proof of Concept грантови (над 20 милиони евра) за истражувања кои имаат потенцијал за практична примена.

Во однос на истражувањата поврзани со ракот, во Европа се прават многу поголеми вложувања во истражувања за рак (особено во ЕУ земјите) во споредба со она што може да се дознае за Русија. Русија има некои специфични програми и проекти (вклучува мРНК вакцини, државно-добротворни фондови), но нивото на финансирање е многу пониско и помалку транспарентно во однос на европските институции.

Европската Унија обезбедува една шестина од светското финансирање за истражување на ракот во јавниот и филантропскиот сектор, покажува една анализа.

Анализата, објавена во списанието „Лансет онкологија“, вклучува речиси 108.000 награди за истражување на ракот доделени глобално помеѓу 2016 и 2023 година, во вкупен износ од 51,4 милијарди долари (44 милијарди евра).

Соединетите Американски Држави покриле 57 проценти од овие трошоци (25,2 милијарди евра), додека ЕУ и нејзините земји-членки издвоиле 16,8 проценти (7,4 милијарди евра), а Обединетото Кралство обезбедило 11,1 процент (4,9 милијарди евра) од глобалното финансирање за истражување на ракот.

Други големи потрошувачи се Јапонија (3,6 проценти или 1,6 милијарди евра), Австралија (2,9 проценти или 1,3 милијарди евра) Канада и Кина (секоја по 2,6 проценти или 1,3 милијарди евра).  Меѓу нив не се вбројува Русија.

Само „Europe’s Beating Cancer Plan“ има наменски пакет од 4 милијарди евра за активности поврзани со рак (превенција, рано откривање, истражување/иновации и др.), што дополнително го зголемува европското финансирање и координација.

Покрај тоа, ЕУ финансира проекти преку програми како Horizon Europe и специфични мисии за рак, плус големи национални и филантропски грантови, што резултира со повеќе милијарди годишно само во Европа.

За Русија не постојат јасни, консолидирани податоци кои покажуваат дека таа има финансиски наплив што е споредлив со европското ниво за истражување на рак. Многу од јавните средства во Русија се појавуваат како трошоци за набавка и лекување (на пример, владата одобри околу 140 милијарди рубли /  1.7–1.8 милијарди долари годишно за набавки/третман), но тоа не е еквивалентно на инвестирање во истражување/наука.

Има и индиции дека руското финансирање за цивилно истражување е нестабилно или намалено (планирани кратења/реорганизации кои ја намалуваат транспарентноста и капацитетот за долгорочно истражување). Ова дополнително го намалува веројатниот обем на системско истражување на рак во Русија во споредба со Европа.

Од сето ова можеме да заклучиме дека Европа и тоа како вложува во научно-технолошки развој и има значајни достигнувања во овие полиња, наспроти манипулативното тврдење во објавата дека ново врвно достигнување на Европјаните е хоби догинг. Објавата се обидува да ја прикаже Русија како земја која многу вложува во истражувањата на ракот, иако податоците покажуваат дека Европа вложува многу повеќе на ова поле. Објавата има за цел да ја манипулира јавноста и да ја воздигнува Русија, а на сметка на тоа да ја оцрни Европа.

Поради сите погоре изнесени факти објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција